1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц на средба со Бајден – заеднички против Трамп?

Кристоф Хаселбах
8 февруари 2024

Поддршката на САД за Украина поради Доналд Трамп виси. Канцеларот Шолц сака да му помогне на претседателот во Вашингтон кој е под притисок.

https://p.dw.com/p/4cAEd
Олаф Шолц Џо Бајден
Германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, март 2023 година Фотографија: Susan Walsh/AP/picture alliance

Олаф Шолц не отпатува со празни раце на средбата со Џо Бајден. Земјите членки на ЕУ чпред неколку дена одлучија да ја поддржат Украина до 2027 година со вкупно 50 милијарди евра.  Претходно Шолц многу се залагаше за ваквиот чекор, и во контекст на внатрешнополитичката ситуација во САД. „Ова е добра порака и за САД“, рече тој. Бајден лично вети дека на Украина „толку долго колку што е нужно“ ќе ѝ се помага во војната против Русија. Но,  Републиканците во Конгресот  ги блокираат натамошните средства. „Зошто? Од едноставна причина, Доналд Трамп. Затоа што тој смета дека тоа е политички лошо за него", рече Бајден видливо нервозен. Украина зависи од помошта од САД. „Времето истекува со секоја недела и секој  месец, без нова помош“, рече тој и додаде дека тоа му оди во прилог на Владимир Путин. Шолц со 50-те милијарди евра од ЕУ за Украина  сака да придонесе за укинување на блокадата во Вашингтон. Но, Хенинг Хоф од Германското здружение за надворешна политика смета дека тоа нема да му успее. „Се чини дека кај Републиканците од изборни тактички причини недостига волја да ѝ се помогне на администрацијата на Бајден", вели тој во разговор за ДВ. „Поверојатно се чини дека САД ќе отпаднат од друштвото на поддржувачи на Украина", вели Хоф за ДВ.

Володимир Зеленски Џо Бајден
Бајден му вети помош на Зеленски, но рацете му се врзани од КонгресотФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Солидарноста со Украина попушта

Со оглед на тоа дека САД се најважниот  испорачател на оружје за Киев,  тоа би било најлошото можно сценарио. Украинскиот претседател Зеленски во едно такво сценарио си посакува  Германците да ја преземат водечката улога.  Шолц веќе го предупреди својот народ дека Германија можеби ќе треба да влета на местото на САД. За  помошта за Украина  годинава во буџетот се превидени седум милијарди евра. Ако САД отпаднат, за германскиот и онака веќе оптоварен буџет, би се појавиле дополнителни ограничувања. Но, Шолц рече дека Германија како „средна категорија“ не може да замени воено врвно опремена супер сила. Во тој случај ќе мора Унијата заеднички да дејствува, оцени тој. „Таква водечка улога Германија нема да може да превземе сама", се согласи и лидерот на опозицијата Мерц. Но,  солидарноста со Украина  попушта и во Европа. Унгарија и Словачка едвај беа придобиени да дадат согласност за пакетот од 50 милијарди евра. И во Германија поддршката за Украина е во знак на изборите кои во јуни се одржуваат за Европскиот парламент, каде две партии, АфД од крајната десница и новоформираниот Сојуз Сара Вагенкнехт, ја критикуваат помошта за Украина и бараат отстапки за Русија.

Покана за членство на Украина во НАТО не е тема

Шолц и Бајден се согласни дека покана за членство на Украина во НАТО актуелно не е на дневниот ред. За такво нешто покрај самата Украина притискаат пред сѐ балтичките држави членки на Алијансата, кои и самите се поранешни членки на Советскиот Сојуз, како и Полска, која спаѓаше во сферата на влијание на истиот. Бајден минатата година размислувањата на таа тема ги нарече „избрзани“ и оцени дека Киев уште не е „подготвен“ за тоа, што не наиде на одушевување кај претседателот Зеленски. При посета на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Вашингтон, секретарот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен, рече дека Украина „ќе стане членка на НАТО“, но не рече кога ќе се случи тоа. И германската влада се чини дека тоа прашање сака да се разгледува по завршувањето на војната. Една од причините е загриженоста дека при членство би биле непосредно одговорни за одбрана на Украина и вовлечени во директна конфронтација со Русија. Претходникот на Столтенберг, Андерс Фог Расмусен смета дека тоа е „многу опасен аргумент“. Американскиот портал „Надворешна политика" го цитира со зборовите: „Тоа на Путин фактички му дава вето во рака и поттик бескрајно да ги одржува судирите во Украина."

Доналд Трамп  САД
Повторно доаѓање на Доналд Трамп на власт ќе значи главоболки за Германија Фотографија: Mike Segar/REUTERS

Што ако победи Трамп?

Шолц сѐ уште си има работа со Бајден. Но, сѐ појасно е дека Трамп ќе биде кандидатот на Републиканците за претседател. Победа на Трамп на крајот на годината во Берлин се смета за хорор сценарио, но во никој случај не се исклучува можноста за такво нешто.  

Шолц и покрај тоа нема да се сретне со него при посетата на Вашингтон. Тоа, според анкета на ЈуГов, мнозинство од Германците, осносно 55 проценти од испитаниците, го сметаат за исправно, додека речиси исто толку, односно 52 проценти сметаат дека владата во Берлин не се подготвува доволно за  можното враќање на Трамп.  Само 10 проценти сметаат дека тоа што се прави е доволно.

Што би можело враќањето на Трамп да значи за германско-американските релации, настрана од можниот прекин на поддршката за Украина, што само по себе е доволно драматично? Хоф смета дека некои од поранешните забелешки на Трамп на сметка на Берлин се веќе беспредметни.

„Тоа дека премалку се троши за одбраната, барем годинава сме над двата проценти од БДП како цел на НАТО, тоа дека сме зависни од рускиот гас – сега е сведено на нула и тоа дека трговскиот биланс е многу во прилог на Германија и Европа исто така веќе не одговара на фактичката состојба – напротив, германскиот извоз моментално има проблеми", набројува Хоф.

Напуштање на НАТО како што бараше Трамп за САД на времето, сега веќе не е реалистична опција. За тоа на Трамп би му било потребно двотретинско мнозинство во Конгресот. „Но, и надвор од ова има уште многу можности како тој ќе може да го намали американскиот ангажман", вели Хоф и пред сѐ мисли на американските безбедносни гаранции за Европа. Европејците и натаму не се подготвени за такво нешто, смета Хоф, и додава „ситуацијата е сериозна и веќе има тешки времиња во најава."