Дали Западот ја кочи Украина во војната?
8 јануари 2024По масовните артилериски напади врз украински градови од почетокот на годината, во Германија повторно се слушаат барања за испорака на крстосувачки ракети од типот Таурус за Киев. Во петокот претседателската на Комисијата за одбрана при германскиот Бундестаг, Мари-Агнес Штрак-Цимерман за весникот „Рајнише пост“ рече дека „Германија мора конечно да ги испорача за да ги попречи руските линии за дотур“, притоа мислејќи на крстосувачката ракета од типот Таурус со среден дострел.
Портпарол на владата минатата среда потврди дека ставот на владата по ова прашање е негативен, со образложението на канцеларот Шолц дека така се зголемува опасноста од „ескалација“ и вклучување на Германија во војната. Со дострел до 500 километри, со ракетата би можеле да бидат погодени цели на руска територија. Од Киев се подготвени да ветат дека нема да го сторат тоа.
Чека ли Берлин на Вашингтон?
Оружјето со најголем дострел – околу 250 километри – со кое располага Украина, го добива од февруари 2023 година од Обединетото Кралство и од Франција. Со овие ракети Украина би можела да напаѓа цели зад фронтот во окупираните подрачја во Донбас и на Крим. Меѓународно призната територија на Русија не смее да биде нападната ниту со нив и тоа се условите за испорака на сите оружја кои Западот и` ги дава на Украина. Но, за Берлин тоа очигледно не е доволно.
„Мене ми се чини дека Шолц ќе ги стави Таурус ракетите на располагање само ако САД го направат тоа со слично оружје“, оценува Нико Ланге, експерт на Безбедносната конференција во Минхен во разговор со ДВ. Тоа би можело да биде балистичката ракета АТАЦМС со дострел од околу 300 километри. Есента 2023 САД на Украина и` испорачаа ракети од овој тип, но со дострел од околу 160 километри. Кога пред една година темата беа борбени оклопни возила, го видовме сценариото - Германија се согласи дури откако Вашингтон го стори тоа. Ланге се надева дека таква одлука „наскоро“ ќе падне во Берлин и Вашингтон и за ракетите со среден дострел. Една од одликите на ракетите Таурус е дека се идеални за уништување на бункери и мостови. Мостот на Крим е со големо стратешко значење. Но, до сега Украинците мостот го немаат нападнато со западно оружје, иако голем дел од него се наоѓа на територија која по меѓународно право и` припаѓа на Украина.
Киев си го одржа зборот
Пред почетокот на руската инвазија, западните држави одредија дека не смее оружјето што го испорачуваат да биде користено за напади врз меѓународно призната руска територија. Киев со тоа беше согласен и до сега го одржа зборот, без разлика дали се работи за напади со дронови врз Москва за кои Киев официјално не презема одговорност, или пак напади од украинската морнарица врз руски бродови во Новоросијск, очигледно е дека Украина за тоа користела свое оружје. Истото важи и за нападите на украинската војска врз цели во рускиот град Белгород околу Нова година. Имаше само неколку инциденти во кои е можно западно оружје да било користено на руска територија, како на пример на 13 мај 2023 година кога руски и украински извори јавија дека руска флота од четири воени авиони и хеликоптери била симната од небото во близина на регионот Брјанск на границата кон Украина. Тогаш се претпоставуваше дека е користен американскиот систем Патриот за одбрана од воздушни напади. Речиси во истиот период, нешто пред украинската летна контраофанзива, борци на „Легијата за слобода на Русија“ и на „Рускиот корпус од доброволци“ навлегоа од украинска територија на руска кај Белгород. Се работи за паравоени групи кои според сопствени наводи се руски државјани, кои се против Путин. За време на нивната операција користеле западно оружје и лесни панцирни западни возила што предизвика критика од партнерите на Украина на Западот. Други такви инциденти не се познати.
Западот не сака да ја „провоцира" Русија?
Врховниот командант на украинските сили, генералот Валериј Залужни, во повеќе наврати изјавува дека за победата на Украина е важно да ја нападне руската армија и на нивна територија. „Во војната е можно и потребно непријателот да го убиеш на негова територија“, рече Залужни во интервју со весникот „Вашингтон пост“ во јули 2023 година. Ако партнерите на Украина „се плашат“ дека ќе бидат користени нивните оружја, „ние ќе убиваме со нашите“, додаде тој.
Во моментов Украина и онака има „критично мал број на западни ракети за да ги троши за напади кои и онака ништо не би смениле на бојното поле“, оценува воениот експерт од Киев, Серхиј Храбски, за ДВ. „Испорачаното оружје е поефикасно за тактички објекти кои се наоѓаат пред се` во окупираните територии на Украина", објаснува експертот и додава дека дури кога ќе има стотици наместо како сега десетици западни ракети, од воен аспект би се исплатело да се одмери дали тие би требало да се користат и за цели како во регионот на Белгород. Храбски ја разбира позицијата на Германија и на Западот и вели дека партнерите на Украина во моментов не се способни да ја спречат опасноста од руски напад врз држави на НАТО, поради што и не сакаат да ја провоцираат атомската сила Русија.
Повелбата на ООН: право на Украина да се брани
Според Маркус Рајснер, историчар и полковник во Генералштабот на австриската војска, „стравот на многу западни земји го гледа базиран на чист егоизам". Луѓето си го посакуваат „стариот живот" назад и сакаат повторно „добри бизниси" со Русија. Но, тоа е минато, цели Рајснер. Затоа Западот на Украина индиректно и` го ускратува правото да си ја брани меѓународно признатата територија, вели историчарот за ДВ и додава дека западните држави „не и` го испорачуваат сето она со што располагаат во сопствената војска". „Да се коваат клинци без чекан е тешко", коментира Рајснер. Според него, украинските сили подолго време спроведуваат специјални операции на руска територија. Нападите со дронови повеќе имаат намена на руското население да му покажат дека „војната не се одвива некаде далеку од нив", вели експертот и признава дека е тешко да се избегнат цивилни жртви во градска околина, но споредено со она што го прави Русија, постапувањето на Украина во земјата има многу мали последици. „Русите за само неколку дена спроведоа повеќе од 500 ракетни и напади со дронови", вели Рајснер и повторно ја критикува Алијансата: „А, како реагираше Западот? Неколку суви изјави и декларации за намери."