Може ли Украина да користи германско оружје за напад?
20 јануари 2024Во Германија со месеци трае расправа дали крстосувачките ракети Таурус треба да и бидат испорачани на Украина . Во средата (17 јануари) германскиот Бундестаг гласаше за тоа и со големо мнозинство го отфрли предлогот на опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ), кои побараа од сојузната влада „конечно и веднаш да и обезбеди на Украина оперативни крстосувачки ракети Таурус колку што е можно повеќе“.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, руската војска речиси секојдневно ги напаѓа украинските градови со артилерија, проектили и беспилотни летала. За возврат, Украина гранатира воени цели на територии под руска окупација, на пример во Крим.
Но, беа нападнати и некои цели во самата Русија, на пример во регионот околу стратешки важниот град Белгород , на околу 30 километри од украинската граница. Според руските информации, на 30 декември 2023 година во Белгород загинале 25 лица за време на украинското бомбардирање.
Во согласност со меѓународното право
Тие напади се во принцип во согласност со меѓународното право, вели Волф Хајнчел фон Хајнег, експерт за меѓународно право на Европскиот универзитет Виадрина во Франкфурт на Одер. Во меѓународните вооружени конфликти „ниту една од страните во конфликтот не е обврзана да ги ограничи непријателствата само на сопствената територија“, вели тој за ДВ. „Напротив, легитимната цел е да се ослабат спротивставените сили и да се нападнат, како директно, така и други легитимни воени цели“, вели германскиот експерт.
Дури и ако притоа се убиени цивили, тоа не ја менува значително правната ситуација, смета Фон Хајнег: „Иако директните напади врз цивили и цивилни објекти остануваат забранети, тоа не значи дека секогаш е можно да се избегне нивното страдање“.
Меѓународното хуманитарно право забранува „напади врз легитимни воени цели ако може да се очекува таканаречената колатерална штета да биде крајно непропорционална со очекуваната воена предност“, но Фон Хајнег мисли дека тоа не е случај со нападите на Украина врз цели во Русија.
Германско оружје против забранетата агресивна војна
Од една страна, сè уште не е јасно дали во нападите врз Русија било користено оружје од Запад, а од друга, тоа е клучно прашање за западните сојузници на Украина.
Така, на пример, германскиот канцелар Олаф Шолц не сака да испорача на Украина крстаречки ракети со долг дострел Таурус. Тие се сметаат за едно од најмодерните ракетни оружја што ги има Западот и имаат дострел до 500 километри. Шолц стравува дека тие би можеле да се искористат за напад на цели во Русија, со што ќе ја вовлечат Германија директно во војната.
Но, дури и да се употреби германско оружје, тоа нема да биде проблем од перспектива на меѓународното право, тврди Волф Хајнчел фон Хајнег. Руската инвазија во февруари 2022 година беше „јасен случај на забранета, агресивна војна, така што на трети земји како Германија (...) им е дозволено да и помагаат на жртвата на агресија, дури и со снабдување со оружје“. Во оваа смисла, за меѓународното право „не игра никаква улога“ дали тоа оружје се користи против цели во Русија.
Притисок од Зелените и Демохристијаните врз канцеларот
Не бара само Украина од германската влада да биде испорачан Таурус. И во Германија расте притисокот врз канцеларот Шолц да се согласи на испорака.
Сара Нани, парламентарката во Бундестагот задолжена за прашањата на одбраната од редовите на Зелените, партија која е дел од коалицијата со Социјалдемократите (СПД) и либералите (ФДП) на Шолц, оди чекор понатаму. Во интервју за ДВ таа експлицитно се залага на Украина да и се дозволи да ја нападне руската територија, вклучително и употребата на германско оружје.
Што се однесува до можните последици за Германија, таа вели: „Се разбира, секогаш се плашам дека Русија би можела да ја прошири својата војна во НАТО, а со тоа и врз Германија. Сепак, тоа не зависи од тоа што ќе испорачаме или не. Тоа зависи само од тоа што ќе одлучи Путин“.
Таквото отворено застапување за поголемо германско учество во војната е сè уште сосема ново во Германија. Но, на прашањето на ДВ, оваа идеја ја поддржува и Родерих Кизеветер, политичар од опозициската ЦДУ задолжен за безбедност. „Нападите на Украина врз воени цели на руска територија не само што се дозволени според меѓународното право, тие се и апсолутно разумни од воено-стратешка гледна точка“, вели Кизеветер.
Тој политичар смета дека е неважно дали ќе се користи и германско оружје, „бидејќи тогаш тоа е украинско оружје. Украина треба самостојно да одлучи за употребата на оружјето што ѝ е ставено на располагање и да овозможи најефикасна употреба на оружјето. Ова не ја прави Германија активен учесник во војната“, вели Кизеветер.
На овој начин, опозицискиот германски политичар противречи на идеите кои наводно кружат во владините кругови дека Германија би можела да и го испорача Таурусот на Украина, но само откако технички ќе го ограничи неговиот дострел и со услов да не гаѓа цели во самата Русија.
Предупредување од поранешен германски генерал
Сепак, поважно е прашањето што сакаат да постигнат Украина и Германија со ракетите Таурус и која е крајната цел на сета поддршка за Украина .
Додека Кизеветер верува дека декларираната цел на Украина за повторно заземање на сите територии окупирани од Русија, вклучувајќи го и Крим, е правилна и остварлива, пензионираниот бригаден генерал Хелмут Ганзер предупредува дека тоа е илузија.
Во интервју за весникот Цајт, Ганзер објасни: „Очекувањата дека Украина може да го врати својот целосен територијален интегритет со воени средства се заснова на очигледно губење на увид во реалноста, кога се зема предвид огромниот напор што би бил потребен, и се намалува подготвеноста за поддршка на Западот“.
Генералот Ганзер смета дека постои голема опасност НАТО да се вовлече во војна доколку се се стави на картата на „украинскиот победнички мир“. „Одговорната безбедносна политика, која мора да спречи можна штета на германското население (што е уставна задача на канцеларот), не смее да оди по тој начин“, вели Ганзер.
Кизеветер, кој исто така е поранешен офицер на Бундесверот, смета дека таквите изјави се „израз на самозадоволство и некритичко преценување на Русија“. Украина, тврди тој, „може да продолжи да победува“, но за тоа ѝ треба оружје од Запад и перспектива за членство во НАТО. Дебатата во Германија сè уште не е завршена.