Притисок врз Шолц за испорака на повеќе оружје за Украина
20 февруари 2024Веќе со месеци Украина се надева да добие германски ракети со автоматско наведување од типот Таурус. Но, германската влада уште се противи на тоа. Сега пратеничките групи на владејачката „семафор“ коалиција (СПД, Зелени и ФДП) го засилуваат притисокот врз сојузниот канцелар Олаф Шолц. Тие инсистираат сојузната влада на Украина да и` испорача уште оружје и тоа системи кои гаѓаат цели далеку зад првата линија на фронтот.
Во барањето на партиите на владејачката коалиција не се наведуваат конкретно германските ракети Таурус. Документот за кој првично извести неделникот „Штерн“, а којшто во меѓувреме го добиле и агенцијата ДПА и студиото на АРД во германскиот главен град Берлин, бара „испорака на дополнително потребно оружје со долг дострел и муниција на Украина (...) за земјата да биде во состојба, во согласност со своето меѓународно право, да спроведува целни напади на стратешки важни цели во заднинско подрачје на рускиот агресор.“ Од друга страна станува збор за тоа „копнената војска натамошно да се зајакне со испорака на оклопни борбени системи и заштитни возила“. Овој вторник пратеничките групи на владејачката коалиција интерно ќе расправаат за тоа барање, а одлуката на германскиот Бундестаг би требало да биде донесена уште оваа недела.
СПД се противи на споменување на Таурус
Во разговорите кои траат веќе со недели, Зелените и ФДП предлагале конкретно наведување на ракетите Таурус, но на тоа се противи СПД. Германскиот канцелар Олаф Шолц уште не дава согласност за испорака на тие ракети, туку нагласува дека Германија и без тоа е втор најголем испорачувач на оружје на Украина во нејзината одбранбена војна против Русија. Во барањето изречно се нагласува дека обемот на воена помош мора да се ориентира според „повторното воспоставување на целосната територијална целокупност и суверенитетот на Украина“.
„Украина мора во иднина да биде во состојба да изведе напади врз воени цели како складишта со оружје, патишта за снабдување и командни центри далеку зад линијата на боиштето, за своите војници да ги заштити што е можно повеќе од разни напади на руската војска“, стои во предлог барањето.
Франција и Велика Британија веќе испорачуваат крстосувачки ракети
Изречно се поздравува испораката на крстосувачки ракети од европските партнери Франција и Велика Британија. „Употребата на прецизно оружје со долг дострел за одбрана на земјата е во согласност со меѓународното право и нужна за заштита на Украина.“ Велика Британија и Франција веќе одамна испорачуваат крстосувачки ракети во Украина практично од ист вид, Storm Shadow и Scalp. Но, се смета дека тие не се толку прецизни и силни како Таурус.
Владата во Киев официјално побара испорака на Таурус уште во мај 2023 година. Канцеларот Шолц во октомври изјави дека Германија засега нема да испорачува Тауарус, а причина е стравот дека ракетите би можеле да бидат употребени за гаѓање цели на руска територија, па Русија тоа би можела да го смета за директен напад во кој учествува и Германија.
Уште во јануари мнозинство во Бундестагот гласаше против испорака на ракети Таурус на Украина. Тогаш соодветно барање поднесе пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Но, и ФДП и Зелените, кои всушност се за испорака на тоа оружје, своето одбивање тогаш го образложија со тоа што барањето на Унијата беше поврзано со пленарната дебата за годишниот извештај на ополномоштеникот за одбрана.