1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина очајно моли за оружје и муниција

19 февруари 2024

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Минхен се ангажираше околу американските политичари. Дали САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина со нов пакет, е неизвесно.

https://p.dw.com/p/4cZP7
Украински војници кај Авдијивка
Украински војници кај АвдијивкаФотографија: Elif Kizil/Anadolu/picture alliance

Беше ручек време на првиот ден од Минхенската безбедносна конференција кога веста за смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални стаса на смартфоните на учесниците од сиот свет. Најпознатиот противник на Путин и на војната во Украина починал во затвор во Сибир. Веста го диктираше случувањето на конференцијата, чијшто организатори сепак се потрудија останатите кризи во светот исто така да останат во фокусот.

Путин и Трамп, војна и кризи

Во ходниците и кафулињата од зафрлениот хотел „Бајеришер хоф“ разговорите се вртеа околу две лица, кои воопшто и не беа присутни – рускиот претседател Путин и  поранешниот американски претседател Трамп. Путин деновиве во агресијата спрема Украина забележа уште еден подвиг,  заземање на градот Авдијивка на истокот од земјата. Трамп пак преку неговите приврзаници од Републиканската партија го блокира, наспроти волјата на претседателот Бајден и неговата Демократска партија, пакетот со помош од 60 милијарди долари за Украина, кој е од витално значење за земјата.

Потпретседателката на САД, Камала Харис и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Минхен на конференцијата за безбедност
Потпретседателката на САД, Камала Харис и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Минхен на конференцијата за безбедност Фотографија: TOBIAS SCHWARZ/AFP/Getty Images

Потпретседателката на САД, Камала Харис, во Минхен на конференцијата за безбедност појасни дека таа и Бајден и натаму се обидуваат да ја добијат согласноста на конгресмените, каде што Републиканците уживаат мнозинство, откако претходно сенаторите дадоа зелено светло. „За нивната земја и за целиот свет многу нешта се на коцка", рече Харис по средбата со Зеленски на маргините на конференцијата. Нејзините зборови очигледно беа наменети за домашната публика. Таа на заедничката прес-конференција истакна дека „стратешки интерес на САД е да се продолжи со поддршката“ за Украина.

Зеленски и сенаторите

Претседателот Зеленски во разговор со американските сенатори се обиде да појасни дека Украина зависи од испораката на  нова тура оружје и муниција од САД.  На неговата армија и` се потребни „дополнителни артилериски системи и муниција, оружје со голем дострел, опрема за електронско водење на војната, како и воздушна одбрана“, пиша Зеленски на платформата Х.

Но, и по  Минхенската безбедносна конференција  останува неизвесно дали Бајден ќе успее да издејствува согласност од Конгресот. На третиот ден, кога мнозинството премиери и претседатели беа веќе заминати, сенаторот Венс од Републиканците, приврзаник на Трамп, рече дека проблемот во Украина е дека „нема јасна крајна точка“. САД не може да произведе толку оружје колку што и` е потребно или за војување, или за заплашување, затоа што во светот има премногу конфликти – во источна Европа, на Блискиот Исток и „можеби и во источна Азија“.

Вдовицата на Навални со обвинувања против Путин

Во Минхен холандскиот премиер Марк Руте појасни дека нема корист од тоа фокусот да биде на блокадата на средствата за Украина во САД.  Европската индустрија за вооружувањ е со оглед на заканата од Путин мора  да ги зголеми производствените капацитети  како за Украина, така и за своите армии, членки на НАТО. И  Јулија Навалнаја, по веста за смртта на нејзиниот сопруг во затворот, беше недвосмислена со зборовите упатени кон  рускиот претседател Путин кого го обвинува за смртта на нејзиниот сопруг. „Ќе бидете казнет за тоа што и` го сторивте на земјата и на моето семејство“, рече таа во Минхен. И додаде дека „денот наскоро ќе дојде“. Тоа звучеше далеку поодлучно отколку дебатите за помошта за Украина и за вооружувањето во Европа како заплашување на Русија.