Украински генерал: Тешки борби во Авдијивка
16 февруари 2024Висок украински командант соопшти дека украинските и руските трупи водат „тешки борби“ во градот Авдијивка, во источна Украина, пренесува агенцијата АФП. „Во градот се водат тешки борби. Нашите трупи ги користат сите сили и средства кои стојат на располагање за да го задржат непријателот“, соопшти украинскиот генерал Олександр Тарнавскиј.
Тарнавскиј најави и ново прераспоредување на украинските сили, што укажува и на можно повлекување на неговите трупи кои се исложени на жестоки руски напади. „Земајќи ги предвид сите можни сценарија, се подготвуваат нови позиции и силни утврдувања“, тврди украинскиот генерал. Според него, Киев сака да ги заштити своите трупи: „Го цениме секое парче украинска земја, но највисока вредност и највисок приоритет за нас се животите на украинските војници“, соопшти Тарнавскиј на социјалните мрежи, додавајќи дека командантите на трупите добиле задача да ја „стабилизираат ситуацијата“.
Ваквите изјави доаѓаат еден ден по објавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Киев ќе стори „сѐ“ за спасување животи во градот кој од три страни е опкружен од руски трупи.
Русија се обидува со месеци да го заземе градот Авдијивка. Негов евентуален пад за Русија би претставувал значајна симболична победа.