Украина: Генерал Сирски - човек кој не жали загуби
12 февруари 2024Олександр Сирски е именуван за нов началник на украинските оружени сили откако претседателот Володимир Зеленски неодамна го промени воениот врв, по неколкунеделни шпекулации.
Зеленски истакна дека се неопходни итни промени, зашто војската не успеа да ги „постигне целите на државата на терен“.
Наводно, украинскиот претседател имал напнат однос со претходниот началник Валери Залужни, кој беше извонредно популарен генерал.
Причините веројатно лежат во неуспешната украинска контраофанзива од ланската година, но и гласините дека Залужни планирал влез во политиката и кандидирање за претседател кога конечно ќе бидат распишани избори. Популарниот генерал никогаш јавно не потврди дека размислува да се кандидира против Зеленски.
Именувајќи го Сирски на функцијата, Зеленски го пофали новиот командант поради неговото борбено искуство – како поради клучната улога во одбраната на Киев во раните фази на војната, така и во брзиот офанзивен поход на Украина во 2022 година.
Пред унапредувањето, Сирски беше највисок командант на копнените сили на армијата. Многумина го сметаат за производ на советската воена доктрина, која ги следи воените цели без оглед на сопствените жртви.
Говорејќи за ДВ, бившиот разузнавачки офицер Франк Ледвиџ предупреди дека Сирски е „помалку популарен меѓу трупите“ поради тоа што е „помалку претпазлив во однос на загубите“ во однос на Залужни.
Ветеран на советската војска, бранител на Киев
Сирски е роден во 1965 година недалеку од Москва. Посетувал Воена командна школа во руската престолнина во 80-те години, а потоа пет години служел во Црвената армија.
Како млад офицер бил стациониран во Украина кога Советскиот Сојуз се распадна во 1991 година. Потоа напредувал во редовите на украинските воени сили, конечно предводејќи ги напорите на Киев да ги сузбие проруските бунтовници во 2014 година.
Пред Русија да ја изврши инвазијата во февруари 2022 година, Сирски бил најпознат по раководење со операцијата на извлекување во украинскиот град Дебалцеве во 2015 година.
Сирски ја формирал воената група наречена „Снежен леопард“ за да пружи заштита за евакуација на војниците. За тоа добил одликување и унапредување, како и прекар Снежен леопард. Пред пет години станал началник на копнените трупи.
По почетокот на руската инвазија, Сирски бил еден од главните архитекти на одбраната на Киев. На негов предлог, украинските сили воспоставиле два прстена на одбрана околу градот и ги уништиле мостовите и локалната брана.
Оваа низа мерки, според многу аналитичари, спречила брзо напредување на напаѓачите. Руските трупи не успеаја да стигнат до Киев и на крај мораа да се повлечат. Во април 2022 година Зеленски на Сирски му ја додели титулата Херој на Украина.
Успешни противнапади во Харков и Херсон
Генерал-потполковникот бил вклучен во успешните противнапади на Украина на Харков и Херсон, кога Украина брзо ја поврати контролата над огромни делови на територијата. Сирски исто така бил задолжен за одбрана на Соледар и Бахмут, кои украинските сили на крајот ги предадоа по долги и смртоносни битки.
Некои воени аналитичари се прашуваа дали одбраната на Бахмут вредеше толкави загуби на украинските сили, но Сирски инстистирал дека задржувањето на градот ќе ја ослаби воената моќ на Русија со слабеење на платеничката паравојска Вагнер.
Сирски во декември 2022 година изјави дека украинската војска дејствува на целосно поинаков начин од советската или модерната руска војска.
„Гледаме дека луѓето за нив се топовско месо. Ние имаме целосно поинаков пристап. За нас луѓето се највисока вредност. И тоа да не ги заборавате трупите – морате да излезете, да разговарате, да се состанувате со командантите, офицерите, војниците. Дури тогаш може да разберете што се случува, како живеат луѓето, какви проблеми имаат“, изјави тој за украинската телевизија 1+1.
Што ќе се промени под команда на Сирски?
Моментално, украинските трупи се наоѓаат под притисок на разни точки на фронтот, посебно во Авдијевка, близу Доњецк.
Унапредувањето на Сирски би можело да биде „голема стратешка промена“ за Украина, вели Ледвиџ за ДВ.
„Воопшто нема сомнеж дека Сирски сега им препорачува на Украинците да се држат колку што може подолго во Авдијевка, без оглед на цената, исто како што правеше и за време на битката во Бахмут. А тоа, според мое и мислење на многу други, е голема грешка“, вели Ледвиџ.
Германскиот воен експерт Нико Ланге за германскиот јавен сервис ЗДФ изјави дека Сирски веројатно повеќе е наклонет кон одржлива одбрана.
„Верувам дека генералот Сирски добро ги познава руските оружени сили. Сметам дека е многу важно да се има некој кој е добар во одбраната со оглед на притисокот со кој Украина се соочува на исток“, изјави Ланге.