Украина: Зошто Зеленски не го сменил Залужни
31 јануари 2024Украинскиот претседател Володимир Зеленски, според пишувањата на повеќе медиуми, извршил обид да го отпушти командантот на украинската војска, Валери Залужни, но морал да ја повлече својата одлука – под притисок на САД, Велика Британија, но и високи по чин припадници на армијата. Според извештаи на „Тајмс“, „Гардијан“ и „Њујорк тајмс“, претседателот во понеделникот побарал од Залужни да поднесе оставка, што тој го одбил.
Неуспехот на украинската противофанзива против Русија се смета за една од клучните причини за затегнатите односи меѓу Зеленски и Залужни.
Изјави на Залужни за воената ситуација
50-годишниот Залужни стана главен командант на украинската армија неколку месеци пред рускиот агресорски напад на 22 февруари 2022 година. Под негова команда украинските трупи се спротивставија на инвазијатаи дури и ослободија дел од окупираните територии. Генералот се смета за омилен меѓу војниците и меѓу населението, поради што му се припишуваат и политички амбиции, кои тој ги демантира.
Според наводи на високи по ранг офицери, како што пишува „Тајмс“, Залужни во понеделникот бил поканет на лична средба со Зеленски. На советниците на претседателот Залужни им го соопштил своето мислење – дека нивните проценки на воената ситуација се повеќе оптимистички отколку реалистични, по што бил повикан да си даде оставка. Откако Залужни тоа го отфрлил, Зеленски најавил потпишување на декрет за негово отпуштање.
Одбивање од страна на потенцијалните наследници
Се тврди дека потенцијалните наследници одбиле да ја преземат функцијата на главниот командант на украинската војска, принудувајќи го Зеленски, барем засега, на ретерирање.
Во понеделникот Министерството за одбрана на Украина ги демантираше извештаите за смена на главниот командант Залужни. „Почитувани новинари, на сите вам ви соопштуваме; тоа не е точно“, објави Министерството на Телеграм.