Европа повторно „на нишан“ на Исламска држава
29 август 2024По нападот со нож во Солинген, терористичката милиција Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за злосторството. Напаѓачот дејствувал од „одмазда за муслиманите во Палестина и на други места“. Нападот беше насочен кон „група христијани“, соопшти Амак, гласноговорник на ИД.
„Екстремистите го користат актуелниот конфликт на Блискиот Исток како прашање за мобилизација“, оценува Томас Мике за ДВ. Тој работи за Мрежата за спречување насилство (ВПН), организација за спречување на екстремизмот и дерадикализација на насилници. Од 7 октомври 2023 година, Мике забележал „четирикратно зголемување на бројот“ на напади и обиди за напади во Западна Европа. Во тоа време, Израел започна контранапад во Појасот Газа по терористичкиот напад на Хамас, во кој, според здравствените власти контролирани од Хамас, досега загинаа околу 40.000 луѓе. Бројот не може да се потврди од независни извори.
Мобилизација поради војната на Блискиот Исток
Нападот во Солинген е еден од низата исламистички напади и обиди за напади низ Европа во рок од неколку недели, дури иако не е секогаш јасно дали ИД стои зад секој од нив.
Истиот ден со нападот во Солинген, два автомобили експлодираа пред синагога во Ла Гранде-Мот, во јужна Франција. Непосредно пред двата планирани концерти на американската пејачка Тејлор Свифт во Виена на почетокот на август, австриските власти уапсија двајца осомничени симпатизери на ИД. Според австриската служба за државна безбедност, 19-годишниот главен осомничен, Австриец со корени од Северна Македонија, при апсењето изјавил дека сакал „да се убие себеси и голема толпа“. Концертите беа откажани.
На крајот на мај, Авганистанец смртно повреди полицаец и тешко повреди уште пет лица во Манхајм, јужна Германија. Нападот бил насочен кон член на претседателството на антиисламското движење Пакс Европа. Во овој случај, не се познати директни врски со ИД, но истражителите го класифицираа злосторството како „религиозно мотивирано“.
Германските и француските власти имаа големи стравувања од насилството на ИД на Европското фудбалско првенство во Германија и на Олимписките игри во Париз ова лето. И двата големи настани беа мирни, но можеби само благодарение на зголемените безбедносни мерки во градовите и поголемата заштита на границите.
Од 7 октомври 2023 година, во западна Европа официјално се регистрирани седум напади и 21 обид за напад или планиран напад. Овој бран не изненадува, вели Томас Мике: „ИД ја дефинираше западна Европа како цел на напад, се разбира со намера да шири терор и страв и да го подели општеството за да може да регрутира уште повеќе луѓе за своите цели. "
Сепак, најлошиот напад во поново време за кој ИД презеде одговорност не беше во западна Европа, туку во Москва, во март 2024 година, кога повеќе од 140 луѓе беа убиени во терористички напад на концертна сала. „Војниците на Исламска држава нападнаа голем собир на христијани“ и „убија и повредија стотици“, соопшти тогаш Амак.
Повик да се убијат „неверниците“
Терористичката милиција стана позната во светот пред десет години, кога нејзиниот тогашен шеф Абу Бакр ал-Багдади прогласи формирање на „калифат“ на Блискиот Исток.Во оваа муслиманска форма на владеење, и световното и духовното водство лежи во рацете на калифот. Следната година, ИД го достигна врвот на својата моќ и контролираше големи делови од Сирија и Ирак. На интернет беа објавувани видеа од брутални убиства, особено обезглавувања.
Но, ИД ја таргетираше и Европа и целиот Запад - „неверниците“, според нејзино толкување. „ИД преку интернет пропаганда постојано повикува на вршење такви напади“, вели Мике, „и исто така има прецизни описи за тоа како може да се извршат напади, на пример користење на автомобили за убивање 'неверници' насекаде“.
Особено разорни беа неколкуте напади во Париз во еден ден на крајот на 2015 година, со вкупно 130 убиени и нападот на симпатизер на ИД со камион на божиќниот панаѓур во Берлин во 2016 година, кој чинеше животи на дванаесет лица. Тоа беше најлошиот исламистички напад во Германија досега.
Од 2019 година, ИД се смета за воено поразена на Блискиот Исток. Проектот за исламска држава најдоцна тогаш пропадна. Нападите на ИД во Европа, исто така, се намалија извесно време. Но, се чини дека џихадизмот се врати со нов бран напади.
Сторителите станаа помлади, вели Мике, две третини од уапсените во западна Европа се тинејџери. А според возраста се прилагодува и говорот на којшто им се обраќаат. „Интернетот игра огромна улога во радикализацијата, мобилизацијата, како и во регрутирањето.“
Зрак на надеж - кога радикализацијата е рано откриена
Експертот навистина не може да даде надеж за подобрување на состојбата. Ескалацијата на блискоисточниот конфликт од 7 октомври 2023 година „ќе продолжи да влијае на терористичката динамика во следните неколку години“.
Зони во кои нема да смеат да се носат ножеви, како што германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер сака да ги воспостави, се од мала корист во очите на бројни експерти: некој што сака да убива луѓе со нож, веројатно нема да биде импресиониран од забраната.
Како и да е, Томас Мике од Мрежата за спречување насилство може да понуди зрак надеж: „Повиците на телефонските линии за совети се намножија од 7-ми октомври. Тогаш добиваме индиции и може да се обидеме да ги прекинеме релативно рано процесите на радикализација."
Фактот што сторителите стануваат помлади, Мике го гледа како шанса: „Пред сè, се надевам дека луѓето кои се радикализираат ја менуваат својата природа и дека тоа ќе го забележат оние околу нив“, вели тој. „И важно е овие промени да се соопштат што е можно побрзо и да се бара помош и поддршка, бидејќи секоја екстремистичка сцена се обидува да ѝ се обраќа и да ја регрутира особено младата генерација, тоа е нивниот подмладок. И тука сè уште имаме најдобра шанса за спречување на екстремизмот и тероризмот“.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик