1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамАвстрија

Главниот осомничен во Виена планирал самоубиствен напад

ЕМФ | агенции
8 август 2024

Главниот осомничен за планираниот напад на концерт на Тејлор Свифт признал вина, соопштија австриските безбедносни власти.

https://p.dw.com/p/4jFul
Концертите на Тејлор Свифт во Виена се откажани по информациите за планираниот напад
Концертите на Тејлор Свифт во Виена се откажани по информациите за планираниот нападФотографија: Eva Manhart/APA/picture alliance

Австриските безбедносни власти денеска (8.08) соопштија дека главниот осомничен за плановите за напад во Виена сакал да изврши самоубиствен напад на еден од концертите на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт. При нападот, во кој требало да се употребат експлозив, како и ладно оружје, 19-годишниот осомничен маж сакал да се убие себеси и голем број други луѓе: „Неговиот план бил да убие луѓе надвор од стадионот“, изјави на прес-конференција шефот на тајната служба на Австрија (ДСН), Омар Хаџави-Пирхнер.

Нападот требало да се случи денеска или утре, а бил планиран од крајот на јули. Осомничениот веќе располагал со функционален експлозив од сопствено производство. 19-годишникот дал отказ на работното мресто во Терниц, го променил својот надворешен изглед кој го прилагодил на борец на Исламска држава (ИД) и се посветил на „подготовка на терористички напад“, рече на прес-конференцијата во Виена, Генералниот директор за јавна безбедност во Австрија, Франц Руф.

Австрискиот булеварски весник „Хојте“ пишува дека осомничениот се вика Беран А. и дека отказ на работното место дал велејќи: „Имам големи планови!“. Австриските медиуми уште во текот на вчерашниот ден јавија дека осомничениот имал корени од Северна Македонија, а во меѓувреме австриските власти до македонското Министерство за внатрешни работи испратиле барање за проверка на 19-годишно момче:

„Ве известуваме дека од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на доставеното барање“, информираат од МВР за агенцијата МИА.

Полиција во Терниц, каде што е уапсен главниот осомничен за напад на концерт на Тејлор Свифт
Полиција во Терниц, каде што е уапсен главниот осомниченФотографија: Alex Halada/IMAGO

Вториот осомничен уапсен пред стадион

Тајната служба на Австрија првично претпоставувала дека 19-годишникот е единствен сторител. „Но, врз основа на сознанија потоа можевме да утврдиме дека тој бил дел од исламистичка мрежа“, изјави шефот на ДСН, Хаџави-Пирхнер.

Тој даде информација дека е уапсен и 17-годишник „од околината“ на главниот осомничен. Ова момче со турско-хрватски корени веќе ѝ било познато на државната безбедност. Тој бил вработен неколку дена во компанија на стадионот Хапел, која требало да врши услуги на стадионот во четврток навечер, како што е снабдување со храна и пијалоци. Апсењето се случило вчера попладне, кога тинејџерот бил на пат кон стадионот.

17-годишникот бил фатен од специјалните полициски сили непосредно пред стадионот. Хаџави-Пирхнер ги отфрли медиумските извештаи дека 17-годишникот, кој живее во Виена, бил вработен во компанија за обезбедување. Уапсениот 17-годишник, како што се додава, досега го користи правото да одбие да даде исказ.

Австрија стадион Ернст-Хапел
Персоналот на стадионот Ернст-Хапел во Виена работи на демонтирање на поставените барикади поради концертотФотографија: Florian Wieser/APA/dpa/picture alliance

Во притвор е и еден 15-годишник

Австрискиот јавен сервис ОРФ јавува дека во притвор е и 15-годишно момче со турско потекло, кое во моментов е на интензивно испрашување. Тој во најмала рака, како што се вели, знаел за плановите на 19-годишниот главен осомничен.

Хаџави-Пирхнер на прес-конференцијата денеска соопшшти дека освен тројцата осомничени во моментов „не трагаме по други лица“. Но, директорот на тајната служба смета дека истрагата може да доведе до други соучесници или луѓе кои знаеле за плановите за напад.