1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што остана од калифатот на ИД?

Лоај Мадхун
17 јули 2017

Со повторното заземање на Мосул и Рака ставен е печат на територијалниот крај на калифатот на ИД. Но, алармот не смее да се исклучи, зашто ИД е само симптом на кризата на државност, оценува Лоај Мадхун.

https://p.dw.com/p/2gdoT
Irak Kämpfe um Mossul
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Mohammed

Нема дилема: територијално џихадистичкиот државен проект на самонаречената Исламска држава фактички пропадна. Терористите на ИД во изминатите месеци доживеаја низа големи порази од ирачката армија и шиитските „Единици за народна мобилизиација“, кои се сојуз на паравоени сили организиран од Иран.

Oдлучувачки за пресвртот во борбата против теророт на ИД беа воздушните напади на коалицијата предводена од САД, иако мора да се додаде дека притоа имаше фатални „колатерални штети“ меѓу цивилното население. Со повторното заземање на центрите на ИД во ирачкиот град Мосул и сирискиот град Рака, сега може да се зборува барем за запечатување на физичкиот пад на ИД-калифатот на арапскиот исток.

Но, овие „успеси“, ваквата загуба на контрола над сопствената територија, не значи и крај на оваа чиста терористичка организација во Ирак или каде било на друго место во светот. Голем дел од џихадистите на ИД заминаа во илегала и веројатно се подготвуваат за исцрпувачка герилска војна против властите во регионот на Еуфрат и Тигар.

Mudhoon Loay Kommentarbild App
Лоај Мадхун

Во меѓувреме веројатно многу џихадисти се имаат вратено во Европа. Дел од нив сигурно отрезнети, но меѓу нив веројатно ќе има и „пулсирачки бомби“ кои би можеле да ја префрлат својата, како што самите се убедени, „света војна“ во западните градови.

ИД-калифатот е симптом на кризата

Теолошоки и идејно историски псевдо-ИД-калифатот нема легитимација ниту во текстовите за основите на исламот ниту во исламската историја.

Неговите идејни творци собрани околу (во меѓувреме веројатно убиениот) калиф Абу Бакр ал-Багдади се залагаат за инфантилна нецивилизираност, се служат со несварливи ветувања и владеат со демонско заплашување кое најверојатно има произведено нова генерација разуздани примитивни џихадисти.

Иако идеите на Исламска држава живеат и натаму, вистинската опасност од нејзино воскреснување не се темели врз атрактивноста на нејзината неофашистичка идеологија, туку многу повеќе во тоа што и натаму постојат социјалните и политичките причини за нејзино настанување. Подемот на ИД, како што е познато, е тесно поврзан со распадот на државата во Ирак и Сирија. Ако немаше маргинализација и систематски прогон на сунитите од страна на секташката политика на ирачкиот премиер Нури ал-Малики и речиси неконтролираните шиитски милиции, терористичките проповедници на ИД ќе немаа поддршка од сунитското население.

Помош за раѓање на ИД-џихадизмот

Бесот на сунитите, нивниот очај поради потиснувањето во Ирак и теророт на Асад во Сирија, буквално ги тераат во рацете на оваа џихадистичка секта. Антисунитската политика во Ирак и Сирија, во меѓувреме, важи за вистински помошник за раѓање на ИД.

За проблемот на џихадизмот да се реши во корен, регионалните и меѓународните актери би морале да им овозможат реална перспектива на милионите сунити во регионот меѓу Ирак и Сирија. Тие мора да работат на тоа ирачките сунити да добијат вистински претставник во политичкиот систем на Ирак.

За тоа да се оствари, ќе мора значително да се потисне влијанието на Иран во денешен Ирак. Паралелно со тоа треба да се зајакне ирачката централна влада, со што би се спречила фрагментација на земјата според либански модел.

Без темелна промена на констелациите на Средниот Исток, ИД нема да може да се победи трајно. Тоа не може да се постигне ниту со просветување и превентивни програми. А, за тоа дека нема ефикасен контранаратив и да не зборуваме.