Што по крајот на Исламска држава?
1 јули 2017Падот на џихадистичката милиција во Мосул, вториот по големина град во Ирак, е речиси конечен, според наводите на УНЦХР, околу 100.000 луѓе таму беа злоупотребувани од преостанатите борци на Исламска држава како жив штит во борбите во центарот на градот, водени со исклучителна жестина и бруталност.
Крајот на ИД не е и крај на конфликтот
Но, протерувањето на ИД од нејзиниот неофицијален главен град, не значи и крај на проблемите. Не само поради преку половината милион луѓе, принудени да го напуштат градот од почетокот на офанзивата во Мосул од есеноска. Не и само поради тоа што ќе требаат години за да се создадат услови за нивно враќање, туку првенствено од причина што истерувањето на ИД од северен Ирак ќе остави зад себе вакуум во власта, без досега да постои договор на каков начин тоа ќе се реши. Зашто, во коалицијата која се бори против ИД, покрај странските фактори како САД, поврзани се и бројни локални групи, чии цели, ако се изземе протерувањето на џихадистите, се сосем различни.
Постојат сили кои се под контрола на владата во Багдад: антитерористичките единици под команда на премиерот и трупи кои спаѓаат во одбраната или министерството за внатрешни работи. Присутни се и различни парамилитарни милиции од шиитски доминираните „народни мобилизирачки сили“, некои со, а некои без врски со Иран. Тука се и курдските пашмерга-борци, некои припаѓаат на Демократската партија на Курдистан, владејачката партија на северноирачкиот автономен регион Курдистан, а други на конкурентската Патриотска унија на Курдистан. Освен тоа, различни локални сунитски племиња имаат сопствени милиции кои учествуваат во борбите.
Раик Хенлајн од берлинската Фондација Наука и политика, во разговор за Дојче веле потврдува: „Постои усогласено гледиште дека овој главно арапски град, не може трајно да остане во рацете на курдски или шиитски сили. Но, што значи тоа во практика, не е јасно.“
Курдски стремежи за автономија
Курдските и шиитските милиции речиси не играа никаква улога во борбите во градот Мосул. Но, тие водеа жестоки борби во околината на милионскиот град и ќе бараат цена за пролеаната крв. Курдите во северен Ирак сметаат дека е дојден историски поволен момент за создавање нивна автономија, за 25. септември е предвиден референдум за независност. Експертот за Ирак Ренард Мансур од британската фабрика на мозоци Четнам Хаус, во разговор за Дојче веле укажува на еден пикантен детал во врска со изјаснувањето: тоа треба да биде спроведено и на т.н. „спорни области“, на пример во регионот на Киркук, каде се наоѓаат богати резерви од нафта.
Шиитските милиции се бореа првенствено западно од Мосул, каде ја прекинаа сообраќајната поврзница кон Сирија. Логично би било единиците создадени заради борба против ИД, да бидат распуштени по нејзиниот крај. Но, барем поголемите милиции, претпоставува експертот Мансур, ќе се спротистават на демобилизацијата и ќе си бараат други задачи, можеби долж сириско-ирачката граница. Хенлајн проценува дека шиитските милиции во Ирак бројат околу 100.000 луѓе, укажувајќи на нивната силна поврзаност со Иран, кој масивно се обидува да фати корен овде.
Сирија по ИД
Слична ситуација како во Мосул се наѕира и во северна и источна Сирија. Главното упориште на ИД, Рака, е под силна опсада и веројатно наскоро ќе падне. Главниот товар на нападите овде го носи Сирискиот демократски фронт. Во него во најголем дел спаѓа сириската курдска партија ПУД. „ПУД, која држи три кантони во северниот дел и ги смета за свој регион, е уверена дека од нејзините воени победи произлегува право на автономија или дури и независност“, анализира Раик Хенлајн. САД ги сметаат Курдите за корисен инструмент во борбата против ИД, ги снабдуваат со оружје и со информации од тајните служби.
За Турција, НАТО-сојузник на САД, ПУД, поради блискоста со курдската ПКК, е терористичка организација, уште поопасна отколку ИД. Ренад Мансур очекува сириските Курди, докажувајќи им ја на САД својата верност преку освојувањето на Рака, да целат кон јакнење на својата преговарачка позиција. Сепак, без оглед на сите тешкотии, Мансур го оценува партнерството меѓу САД и Турција за толку силно, што Кудите ќе имаат големи проблеми за реализација на своите планови: „Не можам да си претпоставам дека САД, по протерувањето на ИД, навистина ќе дозволат реализација на автономен проект“.
Провинцијата Деир аз-Зор како јаболко на раздорот
Во и околу Рака, како и во големи делови од провинцијата Деир аз-Зор, која е под власт на ИД, владее нужна сплотеност. Тука во изедначена трка за стратешки поволни позиции во пост-ИД- Сирија се наоѓаат сириската армија, нејзините ирачки поддржувачи и руските авиони од еднастрана, како и американските специјални единици и борците на СДФ, Сириски демократски сили, кои се против режимот на Асад, од другастрана. Со тоа расте опасноста од директна конфронтација, подвлекува Хенлајн: „Тоа беше видно во изминатите недели: Американците соборија сириски воен авион, ирански дронови. Русите молскавично реагираа со предупредувањето дека во иднина авиони на западната алијанса не смеат да прелетуваат во областите западно од Еуфрат. Ова се релативно јасни сигнали за растечка конфронтација“.
Јаболко на раздорот може посебно да претставува со нафта богатата провинција Деир аз-Зор. Сириската армија се обидува да стигне до градот и провинцијата пред борците на СДФ. Во овој контекст, кај градот Танф во сириско-јорданското гранично подрачје дојде веќе до директен судир меѓу сириските трупи и оние предводени од Американците. САД таму на сириско тло имаат подигнато центар за обука на противниците на Асад. Русите и САД договорија заштитена зона во радиус од 50 километри околу Танф. Про-Асад припадниците ќе бидат држени настрана од ова зона, ако е нужно, и со оружје.
До борби дојде и на северната рута на сириската армија во правец кон Деир аз-Зор, кај градот Табка. Оваа рута поминува толку блиску до Рака, што сириската армија и СДФ се сретнаа и пукаа едни во други. Овде беше соборен сирискиот борбен авион. Ренад Мансур вака ги формулира контрадикторностите: „Фундаменталните проблеми, нивните корени, секогаш беа премостувани со тоа што сите страни беа против ИД. Но, кога ИД веќе ќе ја нема, овие проблеми повторно ќе испливаат на површина.“