1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократијата има дебела кожа

5 јули 2024

Демократијата функционира или се обидува да функционира дури и тогаш кога на власт ќе дојдат оние кои што најлошо зборуваат за неа. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4htLg
Следниот, но не и последниот од серијата предизвици за демократијата претстојниов викенд ќе се расплете во Франција
Следниот, но не и последниот од серијата предизвици за демократијата претстојниов викенд ќе се расплете во ФранцијаФотографија: Artur Widak/NurPhoto/picture alliance

Оваа година на глобални избори, европски избори, избори во Франција каде се стравува од триумф на лепенизмот, не доведе до сржта на современата криза која го потресува светот или барем западните општества. Тоа е прашањето на демократијата, нејзиниот капацитет да ги гарантира ветувањата напишани во Уставот, да ги одбрани граѓанските права, да одговори на својата примарна задача, а тоа е заштитата на слободата на луѓето и на општествените заедници.

Околу тие прашања се одвива вистинската политичка борба и дуел, било во Франција или во Англија, утре и во САД, и насекаде низ европскиот континент, дури и во перифериите на нашиот заостанат Балкан.

Соочени со потешкотиите со кои демократијата се бори со цел да гарантира инклузивност, правично претставништво, еднаквост и солидарност, се почесто расте искушението да се промени либерал-демократскиот модел кој се освои после Втората светска војна и бројните диктатури. На негово место се градат и заговараат нови вертикали на моќта, во потрага по силни лидери, апсолутна власт, отфрлајќи ги ограничувањата и поделбата на власта, наметнувајќи една авторитарна метаморфоза на демократскиот систем.

Предизвици за демократијата

Следниот, но не и последниот од серијата предизвици овој викенд ќе се расплете во Франција, каде француската екстремна десница може да дојде на власт. И тоа да не се случи и Ле Пен и да не освои апсолутно мнозинство, втората европска сила сериозно ризикува да влезе во институционална криза, без јасна владејачка способност, во некоја форма на техничка или експертска Влада. Но, Петтата Република и нејзиниот изборен модел не се создадени за владејачки коалиции, туку за силни мнозинства и за јасно дефинирана политичка стабилност. Германија од поодамна не е во подобра форма со својата шаренолика коалиција и слабоста на Социјалистите, додека целата Европска Унија е ослабната од кризата на франко-германската локомотива, додека на нејзините граници се војува, додека хаосот владее на Блискиот Исток и додека САД полека, но одлучно се одалечуваат од Европа, позагрижени за Азија и за нивниот дуел со Кина. 

Марин Ле Пен од француската крајно десничарска партија Национален собир
Марин Ле Пен од француската крајно десничарска партија Национален собирФотографија: Thibault Camus/AP Photo/picture alliance

Во исто време светската сила број еден во ноември месец треба да одлучи помеѓу еден непредвидлив претседател и актуелниот претседател кој едвај повеќе успева да се артикулира. Гледано песимистички можеме да кажаме дека и САД и ЕУ и сите западни демократии опасно ризикуваат да ги заследат стапките или да паднат во авторитарната стапица на Путин и Ши Џинпинг. Делува дека насекаде европските партии сателити на Москва и Пекинг, полека но сигурно се приграбуваат до власта. Но, дали е навистина така?

Се разбира дека не! Прво и основно затоа што и руската и кинеската диктатура имаат поголеми проблеми од тоа што навистина го гледаме или што самите сакаат да го видиме. И двете земји имаат огромен демографски проблем, каде кинеската младина се соочува со масовна невработеност, додека најбогатите и најпаметни Руси масовно избегаа од земјата уште пред почетокот на инвазијата на Украина. Кинеската економија, без оглед колку е порасната, не може да егзистира без светската економија или поточно, без западните пазари. Руската економија иако релативно успешно ги заобиколува западните санкции сепак заради војната речиси целосно го троши националниот буџет на воените напори, додека земјата и народот забрзано осиромашуваат. Западот се тресе од своите политички кризи, но диктатурите заради своите системски проблеми денес стојат на стаклени нозе.

Тоа не го менува фактот дека овие претседателски избори во САД ни покажуваат една сила во драматичен пад, поделена, понижена, екстремно слаба, дури и комична во сликата што ја пренесуваат нејзините лидери. Падот на самодовербата и геронтокарацијата ни покажуваат една Америка која никогаш порано се нема соочено со волкава слабост и конфузија. Но, и тука постои некаква надеж, под услов да се фати последниот воз и Бајден да прифати да се повлече од трката, за некој или некоја млада сила да го замени, во надеж дека тоа ќе биде доволно за пораз на Трамп.

Санитарен кордон околу екстремната десница

И на другата страна од Атлантикот катастрофизмите не се остварија во целост. Европските избори и составот на Европскиот парламент успеаја да направат санитарен кордон околу екстремната десница, каде традицоналните партии како ЕПП дури излегоа и засилени. И во Франција не е се така црно како што се опишува. Помеѓу европските избори и првиот круг екстремната десница освои само 33% наместо предвидените или посакуваните 40%. Опозициската крајнодесничарска партија Национален собир (РН) изгуби речиси 10% од гласовите, додека левичарскиот сојуз каска само 5% позади нив, па дури и центристите на Макрон кои паднаа на третото место, повратија барем 6% од гласовите. 

Периодов можевме да прочитаме за таканаречената демо-анксиозност од која Парижаните и бројни француски граѓани страдаат од стравот Ле Пен да не дојде на власт. Но, сега гледаме дека две-третини од французите не ја сакаат екстремната десница и дека сепак постојат слаби, но конкретни шанси, на 7 јули Ле Пен да не освои апсолутно мнозинство кое е неопходно за да владее. Ништо се уште не е одлучено, но доколку лепенистите останат во опозиција, тогаш десницата, левицата и центарот имаат можност да експериментираат нешто сосема ново и да ја научат уметноста на владини преговори и широка коалиција помеѓу противнички политички сили.

Тоа за Франција би била тотална новина, далеку покомплицирана од кохабитациите помеѓу Митеран и Ширак, но не и невозможна. Франција би добила можност за Шеста Република, нов пропорционален изборен модел, отварајќи пат за коалиции и политички компромиси, почнувајќи така една нова ера, но и доближувајќи се до политичките и прагматични реалности на останатите европски партнери. 

Протести против екстремно десничарскиот Национален собир во Париз спроти вториот круг од предвремените парламентарни избори во Франција
Протести против екстремно десничарскиот Национален собир во Париз спроти вториот круг од предвремените парламентарни избори во ФранцијаФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Германија од друга страна има можност да ја поврати политичката стабилност со враќање на умерената десница и на тој начин да се врати политички да ја доминира Унијата, во надеж дека ќе успее политички и одбранбено да ја трансформира и прошири. Конечно, во овие моменти Берлин може да се потпре на Полска на Туск, кој забрзано се обидува одново да ја демократизира земјата после годините нелиберална доминација на Право и Правда на Јарослав Качински. Тоа не е лесен процес, затоа што јасно е дека еднаш кога ќе натежнат авторитарните окови, тешко е од нив да се ослободи.

Демократијата не е мртва

Но, тоа што Западот не смее да го заборави е дека подеднакво тешко е да се скршат консолидираните демократии. Демократијата функционира или се обидува да функционира дури и тогаш кога на власт ќе дојдат оние кои што најлошо зборуваат за неа. Да ја извештачиш, да ја манипулираш, да ја промениш нејзината отворена природа, да ја кристализираш демократијата во режим не е секогаш така едноставно. Затоа што секоја рана, во услови на демократија, брзо зараснува. Се крвари, се поднесуваат маки и болки, се води борба, но демократијата порано или подоцна повторно застанува на своите нозе.

Европските избори се пример за тоа. Победата во Полска на Доналд Туск е потврда за тоа, па дури и триумфот на лабуристите после 14 години катастрофално владеење на конзерватиците, го потврдува тоа. Дури и екстремната десница да дојде на власт во Франција, во моментот кога ќе влезат во собата со копчиња, кога ќе мораат да преземат одговорност, да одговорат пред својот и целокупниот електорат, нема да им биде премногу едноставно да ја играат деструктивната улога како кога биле опозиција и делумно ќе созреат. Ако пак не созреат, тогаш ќе созреат демократските сили кои повторно ќе ги поразат.

Ако една третина од Французите гласаат за Ле Пен, две-третини, иако поделени, гласаат за демократија. И така е во цела Европа. Дури и во една Унгарија, колевката на европскиот нелиберализам, еден млад политичар Маџар Петер почнува да гради една кредибилна опозиција.

Со други зборови, демократијата не е мртва и има поприлично дебела кожа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.