1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европарламентот се спаси, но не и демократијата во Европа

14 јуни 2024

Драматичниот подем на антиевропскиот и реакционерскиот фронт, сепак не успеа да ја промени рамнотежата на силите во Европарламентот. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4h1BV
Пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур
Пленарната сала на Европскиот парламент во СтразбурФотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Европските избори очекувано го санкционираа напливот на крајната десница. Европската оска која со децении го држеше кормилото на Унијата - благодарение на привилегираниот однос на франко-германската локомотива - дефинитивно влезе во криза. Со тоа сериозно се загрозува процесот на зајакнување на Унијата.

Екстремната десница јавајќи на бранот на несигурноста, на конфузијата, на бесот и на политичката осаменост на граѓаните, изведе речиси еден вид на бунт, кој ги награди најекстремните и најрадикалните сили, производи на историјата кои беа држени настрана после Втората светска војна во западните демократии, ревитализирани од победата против фашизмот и нацизмот. Денеска знамињата на десницата се виорат токму во Париз и Берлин, како историјата на поствоениот период да е збришана и заборавена, испразнета од своето значење, заборавајќи ги тешки лекции научени од минатиот век.

За волја на вистината подемот на антиевропскиот и реакционерскиот фронт иако порасна драматично, сепак не успеа да ја промени рамнотежата на силите во Европарламентот. Со други зборови Европарламентот и Комисијата нема да претрпат драматични трансформации, но политиката секако ќе доживее силни промени.

Политичкиот оган во Европа е разгорен

Парламентарното мнозинство кое ќе го избира врвот на извршителната власт во ЕУ и понатаму ќе се базира на традиционалниот сојуз во Брисел помеѓу Народњаците (ЕПП), Социјалистите и Либералите, кои се потврдија како главните три парламентарни групи во Стразбург. Народњаците ја освоија најголемата победа, зголемувајќи го бројот на своите пратеници за десетина. Социјалистите доживеаа благ пад, губејќи пет пратеници. Додека, либералите на Макрон доживеаја наголем пораз и се намалија за дваесетина.

Но, заедничкиот блок или фронт на коалиции делува незаменлив. Од тие причини и Урсула фон дер Лејен, може да се надева на нов шпил карти за потврдување на нејзиниот нов мандат. Самата таа изјави дека ќе работи на тоа да го потврди актуелното мнозинство со Социјалистите и Либералите.

Урсула фон дер Лејен, може да се надева на нов мандат како претседателка на Европската комисија
Урсула фон дер Лејен, може да се надева на нов мандат како претседателка на Европската комисијаФотографија: Nicolas Landemard/Le Pictorium/MAXPPP/dpa/picture alliance

Од друга страна, изборните резултати не нудат никаква можност за некаква поинаква коалиција или сојуз. ЕПП освои 191 пратенички места, Социјалистите 135 и Либералите 83. Заедно ја достигнаа квотата од 409 гласа, кога неопходното мнозинство е 361. Имајќи ја предвид променливоста или волатилноста на гласањето во Европарламентот, секој што ќе сака да биде избран, ќе мора нужно да ја прошири оваа коалиција и силата на која сите ќе мора да се обратат ќе бидат најверојатно Зелените кои освоија 53 пратеници.

Но, настрана бројките и процентите, политичкиот оган во Европа е разгорен и последиците се неизбежни. Макрон го распушти парламентот и распиша парламентарни избори во неделата вечер откако десничарскиот Национален собир ја победи неговата партија на изборите за Европскиот парламент со разлика од 31,4 наспроти 14,6 отсто. Макрон направи луд и ризичен потег, да не речам опасен, но се обидува да го истестира држењето на системот, да ја провери народната волја и дури и да ја изгуби власта, сака да ја истроши десницата на власт, каде би се покажала како некомпететна и нереална. Ќе видиме кој ќе излезе од овој коцкарски потег со скршени коски.

Гласањето на европските избори понесе со себе силен антисистемски набој, кој пред се удри по националните влади кои беа казнети од гласачите, од Париз до Берлин. Овој бунт или крик на десницата не е само против политичкиот естаблишмент. Тој е насочен и против интелектуалниот и научниот свет, против знаењето видено како кастинска рефлексија, против длабоката држава, против космополитската култура, против Западот и нејзиниот култ кон демократијата на институциите и правата, видени од широките народни маси како изгасната ѕвезда или привилегија на доминантните класи кои според десничарскиот наратив, ексклузивно ги уживаат вредностите кои во суштина би требало да бидат универзални.

Прекин на европското историско искуство

Недовербата во демократијата е тоа што ги обединува екстремната десница и популистичките агностици, кои не се препознаваат во демократските вредности и не прифаќаат лекции од минатото, затоа што живеат само во сегашноста.

Ова вредносно поништување, овој прекин на европското историско искуство, ја неутрализира политичката култура и ја отфрла традицијата. Еднаш надвор од историјата и нејзините параметри, сите политички понуди се изедначуваат и имаат исти права, вклучувајќи ги и оние од фашистичка деривација или нацистичка носталгија, така натпреварувајќи се без нужноста да понесат сметка за своите постапки, делумно и затоа што се загуби националното републиканско чувство и уставниот патриотизам кој ги оддржуваше демократските институции и беше споделен и прифатен од граѓаните.

Со тоа се губи и европската или западната демократска традиција базирана на правната држава, на либералната демократија, на пазарната социјална економија, на велферот, на одговорниот капитализам. Десницата се претставува пред електоратот во својата екстремна радикалност не срамејќи се од своите фашистички опашки и наследство, и единствениот квалитет кој го носи со себе е за некаква си наводна промена. И додека години наназад, здравиот разум и републиканскиот бонсенс ја приморуваа десницата да се униформира и потчини на духот на демократските Устави, тие денес не ја рушат директно демократијата, туку ја реформулираат во својата уставна и институционална форма и експресија, адаптирајќи ја на себе, нарекувајќи ја и со оксиморонскиот термин: нелиберална демократија?!

Овој бунт на десницата и оваа антиполитичка тензија, која само ќе расте затоа што десницата победува ама не владее, и не прифаќа одговност, нормално ќе се сруши и струполи врз базата и врвот на Унијата, врз вистинскиот споменик на системот, оваа Европска Унија видена само како бирократски механизам на принуди и правила, кои граѓаните на Европа мака мачат да ги препознаат и да им го разберат резонот на постоење, камоли да и повратат некаков легитимитет. Така десницата ја преврте и изврте Унијата, првата мета на десничарскиот, суверенистичкиот и националистичкиот жртвенички олтар, поддржани од гласовите на граѓаните и популистичкиот ветар во нивните црни едра.

Шампањ во Москва

Токму во моментот кога Европа треба дефинитивно да се прошири, конечно политички да се обедини, да и се обезбеди тој суверен субјективитет, кој би ја зајакнал нејзината политичка тежина и ранг пред кризите кои тропаат на нејзината врата, ете како десницата ќе го блокира процесот на европска конструкција и обединување, правејќи му џиновска услуга на Путин и на непријателите на слободниот свет. Овие избори ги поставија граѓаните пред две прашања: Сакате да продолжиме и да го забрзаме процесот на европска интеграција, додавајќи и тематики како одбрана и миграција, или сакате да се вратите кон една ЕУ каде улогата на националните влади е се поголема?

Жално е да се констатира дека победи втората опција, на големо разочарување и за нашите евроинтеграциски амбиции, кои неизбежно ќе се отежнат и влошат. Ова се лоши вести за сите европеисти и демократски настроени сили.

Европа и нејзината десница го антиципираа Трамп, кој доколку победи, токму тогаш ќе видиме колку е мрачна актуелната политичка слика. Во тој случај демократското уназадување и расклопувањето на либералната демократија ќе доживеат забрзување, приморувајќи многу европски актери, дополнително да го радикализираа и екстремизираат своето недемократско поведение. Ако не загрижуваат една Франција и Германија, тогаш што да кажеме за останатите земји?!

Едноставно кажано, народната волја сѐ почесто ги наградува погрешните луѓе, кои легално доаѓаат на власт, но потоа ја злоупотребуваат власта. Во Москва деновиве сигурно се пукнал по некој шампањ.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.