Атентатите врз американските претседатели
15 јули 2024На 13 јули во Батлер, Пенсилванија, на собир во рамки на кампањата на Доналд Трамп, одеднаш се слушнаа истрели. Куршум го погоди десното уво на претседателскиот кандидат, но тој се спаси од сериозни повреди. Двајца присутни на митингот се сериозно повредени, еден загина. Агентите на тајните служби го ликвидираа атентаторот. Истражителите на ФБИ не објавија детали околу можните мотиви на 20-годишниот атентатор, кој иако бил републиканец, во еден наврат донирал за една капмања на Демократите.
Нападот се третира како „обид за убиство“, се вели од ФБИ. Многу Американци пукањето ги потсетува на судбината на Роналд Реган и семејството Кенеди.
1981: Роналд Реган
Еден напаѓач го погоди Роналд Реган кога заминуваше од настан во хотелот Хилтон во Вашингтон. Атентаторот Џон Хинкли, во тоа време 25-годишен, пукаше од толпата околу лимузината на Реган. Тој страдал од акутна психоза и сметал дека ако го застрела Реган би можел да ѝ го привлече вниманието на актерката Џоди Фостер. Во 1982 година беше пресудено дека не е виновен поради психичка непресметливост и беше наложено да се лекува во психијатриска установа.
Реган мина речиси две недели во болница бидејќи еден од куршумите се одбил од лимузината нанесувајќи му прострелна рана во близина на срцето. Рејтингот на Реган драстично порасна по обидот за атентат.
Хинкли беше ослободен од психијатриски надзор во 2022 година и оттогаш се обидува да се етаблира како сликар и фолк пејач. Луѓето сепак и натаму го поврзуваат пред сѐ со атентатот, поради што повеќе концерти му беа откажани. „Знам дека сум познат по чин на насилство," изјави тој за вестите на ВТНХ годинава и додаде дека сега е „тотално различен човек од оној во 1981 година и сега се залагам за мир.”
Пукањето беше последен пат актуелен или поранешен претседател да биде ранет во обид за убиство сѐ до нападот врз Трамп на 13 јули.
1975: Џералд Форд
Две жени се обидоа да го убијат американскиот претседател Џералд Форд во два различни инциденти во период од само 17 дена. Тие се воедно и единствените жени кои кога било извршиле атентат врз американски претседател.
Првата беше Линет „Сквики" Фром, член на озлогласената група на Чарлс Менсон. Фром на 5 септември 1975 година нишанела на Форд, додека бил на прошетка во Сакраменто, а агентите на тајната служба веднаш ја совладале. Таа очигледно сакала да демонстрира несогласување со Форд околу страдањето на калифорниските мамутски дрвја и да ги придобие симпатиите на култниот лидер Чарлс Менсон со кого била опседната. Фром беше пуштена од затвор во 2009 година.
Вториот обид за убиство го изврши Сара Џејн Мур пред хотел во Сан Франциско, на 22 септември истата година. Мур посочи дека сакала да предизвика насилна револуција во САД, но не успеа да го погоди со првиот истрел, а вториот обид беше спречен од случаен минувач. Мур поголемиот дел од својот живот го мина в затвор, а по ослободувањето по 32 години, на возраст од 77 години, рече дека била „заслепена од нејзините радикални политички ставови“.
1972: Џорџ Валас
Гувернерот на Алабама, Џорџ Валас, водеше кампања за претседателски кандидат на Демократите во еден трговски центар во Мериленд, кога беше пет пати погоден од Артур Бремер. Валас беше прочуен популист, расист и заговорник на сегрегацијата. Во неговото обраќање, зборуваше за тоа дека белите Американци се „заборавени“. Бремер го застрела Валас по говорот, а како последица на атентатот тој остана неподвижен од половината надолу.
Бремер имал дневник со насилни описи за неговата желба да го убие Валас или Никсон и наводно бил мотивиран од славата што би ја стекнал со таквото убиство. Тој беше ослободен од затвор во 2007 година. Валас продолжи да се занимава со политика и на крајот побара прошка од црните Американци за раздорот што го ширел.
1968: Роберт Кенеди
За време на кампања за номинација за претседателски кандидат на Демократите, Роберт Кенеди на 5 јуни 1968 година беше погоден три пати во хотелот Амбасадор во Лос Анџелес од страна на Сирхан Сирхан и следниот ден им подлегна на повредите. Сирхан беше опколен од повеќе луѓе во балската сала каде што се случи пукањето. Петмина други исто така беа погодени, но заздравија од своите повреди.
Атентатот имаше огромно влијание на претседателските избори и се случи само два месеца по убиството на лидерот за човекови права Мартин Лутер Кинг Јуниор, со што придонесе и за политичките бранувања во доцните 1960-ти.
Сирхан, Палестинец по потекло, рече дека конфликтот на Блискиот Исток го мотивирал да го застрела Кенеди, а особено неговата поддршка за Израел и ветувањето во кампањата дека ќе испрати 50 борбени авиони во Тел Авив ако биде избран за претседател. Сирхан на 17 април 1969 година беше осуден на смрт во гасна комора, а пресудата подоцна беше преиначена во казна доживотен затвор.
1963: Џон Ф. Кенеди
Претседателот Џон Ф. Кенеди беше убиен на 22 ноември 1963 година во центарот на Далас, Тексас, од страна на Ли Харви Освалд додека со неговата сопруга Жаклин се возеше во претседателската лимузина низ толпа народ. Тој веднаш беше пренесен во Меморијалната болница Паркленд, каде што почина. Кратко по атентатот, полицијата го уапси Освалд, откако го пронајде оружјето во зградата на Тексашкото депо за учебници (денес позната како Административна зграда на округот Далас). Комисијата на Ворен, која го истражуваше атентатот, во 1964 година заклучи дека Освалд, поранешен маринец кој живеел во Советскиот Сојуз, дејствувал соло. Освалд при неговото апсење тврдеше дека е невин, дека е искористен како „виновник“ и уапсен само поради тоа што некогаш живеел во Советскиот Сојуз.
Освалд беше застрелан од страна на Џек Руби, сопственик на ноќен клуб во Далас, кога беше пренесуван од полициската станица во Далас до државен затвор два дена по атентатот врз Кенеди. Случајот со Кенеди предизвика серија теории на заговор и до денес остана тема од широк интерес.Кенеди беше четвртиот убиен американски претседател и последниот кој беше убиен додека ја извршува должноста. Останатите тројца се Абрахам Линколн во 1865 година, Џејмс Гарфилд во 1881 година и Вилијам Мекинли во 1901 година.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик