1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

60 години од легендарниот говор на Мартин Лутер Кинг

Кортни Тенз
28 август 2023

„Јас имам сон“ е извадок од најпознатиот говор на Мартин Лутер Кинг. И 55 години по неговото убиство, искажаните зборови имаат огромно влијание.

https://p.dw.com/p/4Vdxt
САД, Вашингтон | Легендарниот говор на Мартин Лутер Кинг во Вашингтон
Незаборавно: Легендарниот говор на Мартин Лутер Кинг во ВашингтонФотографија: akg-images/picture alliance

„Сонувам дека моите четири деца еден ден ќе живеат во земја во која нема да бидат оценувани според бојата на кожата, туку според нивниот карактер. Денес сонувам…"

Овие зборови од обраќањето на Мартин Лутер Кинг од скалите на споменикот „Линколн Меморијал“ во Вашингтон, на 28 август 1963 година, и 55 години по неговата смрт (4 април 1968) немаат изгубено ни трунка од својата моќ. Говорот е составен дел од курикулумот на училиштата, тема на универзитетите, на документарни филмови, беше цитиран и од поранешниот претседател на САД, Барак Обама, а, низ годините се најде и во многу песни. „Јас имам сон“ е говор со трајна експлозивна моќ.

Но, не се само зборовите тие што влијаат врз луѓето, вели активистот за граѓански права Џон Луис, кој истиот ден имал настап пред насобраната толпа во Вашингтон. Во интервју за телевизијата ПБС денешниот конгресмен посочува дека самиот Мартин Лутер Кинг имал неповторлива харизма.

„Доктор Кинг имаше сила и способност скалите пред споменикот 'Линколн Меморијал' да ги претвори во монументално место кое вечно ќе остане во сеќавањата. Со неговите зборови не само што ги просветлуваше, инспирираше и информираше присутните, туку и луѓето кои тогаш живееја во цела Америка, како и сите генерации по нив”, вели Луис.

САД | комеморација за Мартин Лутер Кинг
Повеќе од 100.000 луѓе присуствуваа на комеморацијата за Мартин Лутер КингФотографија: Flip Schulke. Photo courtesy of UT Austin's Briscoe Center for American History

Реторичка стратегија

Човекој кој го отелотворуваше граѓанското движење во САД, беше брилијантен говорник и вешто ги употребуваше своите зборови за да го постигне посакуваниот ефект кај публиката. Како професионален проповедник, во своите говори алудираше на својата христијанска вера, или вметнуваше библиски цитати, кои беа посебно релевантни за неговите слушатели. „Имам сон дека еден ден ќе се издигнат сите долини, а секој рид и планина ќе се спуштат. Дека бреговитите места ќе се израмнат, а нерамните ќе се исправат. И добротата на Господ ќе биде сосема видлива и секој ќе ја спознае”, вели Кинг во говорот.

Преку поврзувањето на библиски цитати и зборови од патриотски американски химни, како на пример „Америка“, во која еден стих гласи „Пејам за тебе, слатка земјо на слободата”, Кинг создаде реторичка техника која на англиски се нарекува voice merging, односно поврзување на наративи. Со оглед на тоа дека почиваат на подлабоко, духовно ниво, ефектот на зборовите го надминува нивното конкретно значење. 

Говорот со зборовите „Јас имам сон” може да е најпознатиот на Кинг, но реторичката стратегија тој ја има применувано и пред и по тој настап. По неговото апсење во сојузната држава Алабама заради граѓанска непослушност, на 16. април 1963 година го напиша „Писмото од затворот во Бирмингем“. Во него стои дека „исто како што пророците во осмиот век пред Христос ги напуштиле своите села и Божјиот збор го прошириле далеку од своите родни места, и како што апостолот Павле го напуштил своето село и учењето на Исус Христос го проширил и до најоддалеченото место во грчко-римскиот свет, и јас сум повикан да го ширам светиот збор на слободата надвор од границите на моето родно место. Слично како што Павле реагирал на повикот за помош од Македонија, така и јас морам постојано да бидам во готовност да одговорам”.

Читателот не мора да ги познава библиските приказни за да ја сфати смислата на кажаното. И пишувањето писма како форма на комуникација датира од пред многу векови - во 13-те посланија на апостолот Павле во Библијата.

САД | Споменикот на Мартин Лутер Кинг во Вашингтон
Споменикот на Мартин Лутер Кинг во ВашингтонФотографија: Imago/UPI Photo

Влијанието на говорот

Веднаш по говорот на скалите на споменикот „Линколн Меморијал“, активистот за граѓански права се најде под надзор на сојузната полиција ФБИ, која во неговата реторика препозна општествено експлозивен материјал. Денес реториката на Кинг е тема за универзитетски семинари. Тоа беа вистински зборови за вистинска публика во вистинско време. Тие се и вонвременско сведоштво.

Девал Патрик, прв гувернер со темна боја на кожата во сојузната држава Масачусетс и втор избран гувернер црнец во историјата на САД, вели: „Говорот беше пророчки за своето време, како и многу други говори на Кинг. Тие се безвременски и поетски, предизвик - и поттик за нас“.

Од почетокот на годината, на Мартин Лутер Кинг потсетува бронзена статуа висока шест метри во Бостон, градот каде што тој докторирал теологија и се запознал со својата сопруга Корета Скот Кинг. „Спомен-прегратка“ е најголемиот споменик за граѓански права во САД. Дизајниран е според историска фотографија од 1964 година, кога Кинг ја добил веста дека ќе ја добие Нобеловата награда за мир и паднал во прегратките на својата сопруга Корета. На откривањето на спомен-обележјето, толпата извикуваше: „Црна радост! Црна љубов во најстариот парк во земјата!“