100 години од раѓањето на Џон Ф. Кенеди
Џон Ф. Кенеди на 29 мај 2017. ќе наполнеше 100 години. 35-тиот претседател на САД е убиен во Далас 1963 година, а кој стоел зад нападот сѐ уште не е разјаснето. Легендата за Кенеди живее.
Потомок од влијателен клан
Како син на богати родители, уживаше во привилегирана младост. Неговиот татко Џозеф П. Кенеди беше амбасадор на САД, меѓу останатото и во Лондон. Џон одеше во приватни училишта и студираше на реномираниот универзитет Харвард. Фотографијата го прикажува како офицер на американската морнарица во Панама во 1943 година.
35-ти претседател на Соединетите Американски Држави
По времето поминато во војска Кенеди се ангажираше во Демократската партија, беше пратеник во Претставничкиот дом и сенатор, а во 1960 година се кандидираше за претседател. На 20 јануари е инаугуруран за втор најмлад претседател во историјата на САД. Сѐ уште се памети неговиот прв говор: „Не прашувајте што може вашата земја да стори за вас, прашајте што вие можете да сторите за вашата земја.“
„Ich bin ein Berliner"
Од германски агол, најважен ден за време на претседателствувањето на Џон Ф. Кенеди беше 26 јуни 1963 година. Тој ден Кенеди во Западен Берлин одржа говор во кој ја кажа легендарната реченица: „Ich bin ein Berliner" (Јас сум Берлинец) и со тоа ја изрази солидарноста со жителите на Источен и Западен Берлин.
Најмоќниот човек на светот како „санибој“
Со младешкиот шарм брзо ги освои срцата на многу американски граѓани. Истовремено, неговиот мандат беше обележан со кризи и конфликти. Еден од нив беше и неуспешната инвазија во Заливот на свињите против комунистичкиот режим на Куба. Светот за влакно избегна нуклеарна војна во 1962 година. На Кенеди, меѓу останатото, треба да му се заблагодари, како што се смета, што сето тоа сепак добро помина.
Гламурот на Џеки Кенеди
Со сопругот Џон Ф. Кенеди во Белата куќа пристигнаа и елеганција и гламур. Иако Џеки беше Прва дама на САД само 2 години, нејзиниот елегантен стил одбележа една цела генерација.
Женкар
Џон Ф. Кенеди (десно) важеше за женкар кому се припишани неколку афери, како и контакти со „ескорт дами“. Најпознатата вонбрачна врска ја имаше, наводно, со Мерлин Монро. За Монро, тогаш познатата филмска икона и секс симбол, се зборуваше дека била во романтична врска и со неговиот брат Роберт (лево). Мерлин почина 1962 година под, сѐ уште, неразјаснети околности.
Семеен човек
Фотографијата од 1962 година на која претседателот им апалудира на своите деца кои играат, стана позната ширум светот. Семејството Кенеди не беше секогаш така среќно. Братот на Џон Роберт, е убиен во еден атентат. Причините за смртта на другите членови на семејството Кенеди се тешки несреќи, дрога, авионски несреќи, самоубиство.
Атентатот
Далас, Тексас, 22 ноември 1963 година: Кенеди и неговата сопруга се возеа во кабриолет низ градот во рамки на предизборна кампања. Кенеди е убиен со повеќе куршуми. По атентатот целата земја беше во колективна жалост. Тој ден за многумина заврши сонот за младиот шармантен американски претседател кој тргна во мисија да го подобри светот.
Вечна мистерија
Два дена по убиството на Кенеди, осомничениот за атентатот Ли Харви Освалд (во средината) е убиен од страна на сопственикот на еден ноќен клуб (десно). Харви е уапсен неколку часа по атентатот. Околностите под кои се случил нападот останаа неразјаснети - на тоа во прилог му оди и фактот дека уште и денес се шират гласини и теории на заговор во врска со можните нарачатели на овој атентат.
Наследството на Кенеди
На сликата: погребот на ЏФК на 25 ноември 1963 година. Кенеди останува незаборавен. Како би течел неговиот мандат да не беше убиен по само 1.036 дена во Белата куќа? Како би се развивал светот? Можеби митот за Џон Кенеди и живее токму поради тоа, бидејќи одговори на тие прашања нема.