1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ин мемориам: Роналд Реган - “Господине Горбачов, урнете го овој ѕид”

6 јуни 2004

Роналд Реган, 40-от претседател во историјата на САД, кој стоеше на чело на светската велесила помеѓу 1981-ва и 89-та година, почина на 93-годишна возраст во својот дом во Бел Ер кај Лос Анџелес.

https://p.dw.com/p/AcN8
Реган во Берлин 1987-ма година
Реган во Берлин 1987-ма годинаФотографија: AP

Роналд Реган за многумина Американци, не само за приврзениците на неговата Републиканска партија, останува во сеќавањето како победник во студената војна, кој го принуди Советскиот сојуз да клекне на колена. Реган цврсто веруваше во тоа дека слободата ќе биде посилна од комунистичката диктатура. При посетата на Берлин во 1987-ма година му порача на реформаторот во Кремљ:

“Господине Горбачов, урнете го овој ѕид”.

Во Европа многумина левичарски и либерални политичари го критикуваа крутиот курс на Реган на конфронтација со Советскиот сојуз како опасен и кусоглед. “Советската империја е центар на злото на модерниот свет” - зборуваше Реган и предупредуваше од потценување на злото и проповедање пацифизам. Неговата програма за сеопфатна антиракетна одбрана во вселената беше жигосана како увод во нова трка во вооружувањето.

Биографите и историчарите денес се согласни дека тој им ги врати достоинството и надежта на Американците по заложничката криза во Иран и влегувањето на советските трупи во Авганистан. Реган веднаш одговараше на понижувањата на суперсилата САД: во 1987-ма, по нападот врз една дискотека во Берлин што ја посетуваа американски војници, тој се одмазди со бомбардирање на либискиот главен град Триполис. Аферата со продавање оружје на Иран во замена за ослободување на заложници и давањето илегално пари на контрашите во Никарагва не ја затемни трајно сликата за Реган во Америка.

На внатрешен план неговата програма опфаќаше зголемување на воените трошоци со истовремено намалување на даноците и радикално кратење на социјалната заштита. На својот наследник Џорџ Буш сениор тој му остави огромен товар од долгови.

Школуваниот холивудски глумец си зема репрезентативна и насочувачка улога во вршењето на функцијата – донесувањето важни решенија им го препушти на советниците.

Роналд Реган во 1981-ва година преживеа атентат, кога ментално болен човек пукаше во него во Вашингтон. Во 1994-та година официјално му беше дијагностицирана Алцхајмеровата болест, по што сосем се повлече од јавноста. Во последните месеци веќе не ги распознавал ни најблиските, не можел да зборува, ниту самостојно да прима храна.