„Ние ја штитиме Шенгенската зона“
2 април 2016Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски во интервју за австрискиот весник „Винер цајтунг“ вели дека е задоволен од соработката со Австрија, како и соработката со Словенија, Хрватска и Србија по прашањето на бегалците. „Нам, на државите од т.н. Балканска рута, ни е важно да бидеме слушнати и да имаме пријатели кои нѐ сфаќаат сериозно. Ние, Македонците, ја штитиме Шенгенската зона. Мигрантите не доаѓаат кај нас, тие сакаат да продолжат во ЕУ.“
На прашањето дали улогата на Македонија во бегалската криза ја зајакнала преговарачката позиција на земјата во процесот на приближување кон ЕУ, Јолевски одговара:
„Не, ако зборуваме за конкретни чекори, но можевме да покажеме дека сме партнер од доверба на ЕУ кој заслужува да се приклучи во ЕУ и НАТО. Ние не сакаме да мораме да молиме за членство, зашто сега покажавме дека сме некој врз кој можете да се потпрете.“
Околу острите критики од страна на македонскиот претседател Иванов на сметка на германскиот курс во бегалската политика и констатацијата дека Македонија е оставена сама, Јолевски вели:
„Можам само да кажам дека ние во Европа мора да соработуваме. Стратегијата не смее да опфаќа само неколку земји членки. Мора да соработуваме и со Турција и да се грижиме за причините за бегство, во Сирија и Ирак да работиме на тоа луѓето да не мораат воопшто да доаѓаат. Оваа криза покажува дека Европа мора да го продолжи својот повик за мир и слобода. Дел од тоа е и членство во ЕУ и на Македонија, Црна Гора, Босна и Србија. Тука Германија игра важна улога како мотор на европската интеграција.“
Македонскиот министер за одбрана во интервјуто за „Винер цајтунг“ одговара и на прашања поврзани со бегалците и односот кон Грција, како и спорот околу името:
„Доброто од кризата е што ги зајакнавме нашите односи со Грција. Сега соработуваме подобро. Ние сме соседи и исправени сме пред слични предизвици. Јас шест години бев главен преговарач во спорот со името меѓу Македонија и Грција. Можам да ве уверам дека Македонија и натаму се ангажира за наоѓање заедничко решение во рамките на процесот во ОН. Притоа мора да се зачува достоинството и идентитетот на Македонците.“
Јолевски нагласува дека членство на Македонија во НАТО би било добро за земјата и регионот, за Европа, но и за Грција:
„Сметам дека на наредниот самит на НАТО во Варшава ќе добиеме покана за членство (во НАТО, н.з.). Наша цел е членство како во НАТО, така и во ЕУ. Приближувањето кон ЕУ трае со години. Во ова време ќе има многу можности за постигнување договор со Грција.“
Колегата на Јолевски од Австрија, Ханс-Петер Доскозил, во врска со бегалската криза денеска зборува за весникот „Ди Велт“ и вели:
„Со оглед на тоа што надворешните граници на ЕУ во моментов сѐ уште не се заштитуваат ефикасно, Австрија наскоро ќе воводе строги гранични контроли. Тоа значи големи гранични контроли кај Бренер, меѓу другото и со војска... Армијата може многу да придонесе за поддршка на граничарите.“ Доскозил предлага „цивилно-воена мисија на ЕУ за поддршка на Фронтекс“. Такво нешто би можело да има смисла во Грција, Бугарија, но и во Италија. Според Доскозил, за темата би требало да се разговара на наредната средба на министрите за одбрана.