Тој има функција- претседател. И лут е! Лут и разјарен: на Германија, на ЕУ, на Европа... Најважно од сѐ, подготвен е сето тоа да го каже, јасно и гласно, без задршка и без дипломатски ракавици. Директно да го впери прстот кон вистинските виновници за маките на неговиот народ и држава. Да му го открие на светот она што сите го знаат, но никој нема храброст да го соопшти. Тој е сонот на секој таблоид.
Интервјуто на македонскиот претседател Ѓорге Иванов за најтиражниот германски и европски весник „Билд“, предизвика бранувања во Германија и Европа. „Никој не нѐ сака“, „ЕУ не заборави“, „Секој пат сме биле жртва на немоќта на ЕУ и на НАТО“, драматичните пораки на Иванов одекнаа низ водечките германски и европски медиуми. Македонија ја спаси Европа запирајќи 9.000 „џихадисти, терористи и исламисти“, тврди Иванов.
И издавачот на „Билд“, Каи Дикман преку Твитер призна дека „никогаш не доживеал еден шеф на држава толку лут“.
Седум години е Иванов претседател на Македонија. Тамошната јавност никако да дочека Иванов да се „налути“ за кризата во својата земја. Да понуди некаков „космодиск“ за 'рбетот на државата скршен во скандалозна политичка криза: за откриените случаи на широко распространета и масовна корупција, за лажирањето избори, злоупотребите на највисоко ниво, за масовното иселување на младите од земјата, за потонатите медиумски слободи. Можеби звучи „шашаво“ но знае ли некој кој е ставот на Иванов за овие проблеми? Дали е барем малку „лут“ поради она што му се случува во државата?
Случајно или не, додека низ Европа одекнуваше изјавата на Иванов дека „ние не сме ништо, не сме членка на ЕУ, ни во Шенген, ниту во НАТО“, македонскиот претседател работеше на промена на таквата перцепција во... Азербејџан. Оттаму продолжи во Египет. Секое демократско искуство кога си претседател на едно „ништо“, веројатно е полезно. Особено кога земјата и онака ти е преполна со дипломати и медијатори кои бараат излез од политичката криза и тоа токму од оние земји кои „25 години нѐ лажат и манипулираат“.
Има Македонија секако многу причини да се лути на недоследностите на ЕУ во последните 25 години, како што рече и Иванов. Но тие недоследности, колку и да се болни, не ја донесоа земјата во незавидната положба во која е денес. Многу повеќе таа е резултат на оние на кои секогаш им беше виновен некој друг- дома или надвор.
Македонија го доби она што го бараше
Не добила Македонија ниту цент од ЕУ за бегалската криза, револтиран е македонскиот претседател. Тоа е можеби точно, но Македонија, односно оние кои владеат со неа, го добија точно она што го побараа од ЕУ и нејзините членки за справување со кризата. Зарем Унгарија не е членка на ЕУ? Државата чиј премиер Виктор Орбан е одликуван со највисокото македонско државно признание, великодушно и подари на Македонија околу 100 километри жичана ограда- и тоа висококвалитетна со жилети. Испрати Орбан и столбови и механизација во вредност од милиони евра. Дали ЕУ згреши што не го финансираше и барањето за набавка на гумени куршуми, шок- бомби, пушки, гумени гранати, акустични уреди за растерување на толпа, мегафони, електрошок пиштоли, солзавец, панцири, лисици и противпожарни апарати? Токму тоа имено го барала македонската влада од Австрија и од други земји-членки на ЕУ. Никаде нема податок дека Македонија побарала шатори, ќебиња, грејни тела, тоалети, храна, вода, како помош за привремено да згрижи барем мал дел од оние несреќни луѓе на кои „великодушно“ им наплаќа по 25 евра за да ги префрли од Богородица до Табановце. Тоа ли се хуманоста и солидарноста кои Македонија под раководство на Иванов ги проектира кон светот денеска, и кои за возврат ги бара за себе?!
Впечаток е дека пораките на Иванов повеќе беа упатени кон домашната отколку кон германската или европската јавност. Почувствувал ли претседателот дека е време, по демисијата на неговиот политички ментор Никола Груевски, да ја преземе водечката улога на политичката сцена? Или немоќта и фрустрациите да се наметне како фактор дома, провоцираат вакви драматични изливи во западниот печат? Во секој случај, таблоидниот настап на Иванов ниту и носи поени на Македонија, ниту ќе го подобри неговиот имиџ. Барем не во германската и во европската јавност.
Приватно, македонскиот претседател може да се восхитува на разни европски и светски лидери, но во јавните настапи треба да ја претставува државата и граѓаните кои го избрале и да гради мостови кон оние организации и држави кон кои, барем формално, стреми Македонија. Или јавно да понуди алтернатива.