1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаити бара меѓународни трупи за заштита

Рајнхард Клебер
10 јули 2021

Владата на Хаити бара од САД и од ОН меѓународни трупи како помош за обезбедување на стратешки важните места во земјата по убиството на претседателот Жовенел Моиз.

https://p.dw.com/p/3wIqW
Haiti - Ermordung des Präsidenten Jovenel Moise
Фотографија: Joseph Odelyn/AP Photo/picture alliance

САД го отфрлија барањето на владата на Хаити за воена поддршка во заштитата на важната инфраструктура во земјата, како аеродромите и пристаништата. САД немаат план „во овој момент“ да обезбедат воена помош, изјави висок службеник во американската влада. Барањето за воена пмош го упатил привремениот премиер на Хаити, Клод Жозеф во разговор со американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен. Помош е побарана и од Советот за безбедност на ОН, соопшти хаитскиот министер задолжен за избори, Матијас Пјер.

Претседателот на Хаити, Жовенел Моиз, беше убиенпред неколку дена во неговата резиденција во Порт-о-Пренс. Според полициски наводи, во атентатот учествувалагрупа убијци составена од „26 Колумбијци и двајца американски граѓани со хаиќанско потекло“.Уапсени се 17 лица. Тројца Колумбијци се убиени. Осуммина од напаѓачите се сѐ уште во бегство.

Се стравува дека нападот врз претседателот Моиз, чии мотиви сѐ уште не се познати, ќе предизвика натамошно тонење на карипската држава во насилство. Од убиството е уште повеќе продлабочена и онака големата криза во земјата, во која сѐ повеќе се зголемува сиромаштијата, се интензивираат конфликтите меѓу криминалните банди и се шири коронавирусот.

УНИЦЕФ изрази загриженост поради хумантираната ситуацијата во државата. Најмалку 1,5 милиони деца - една третина од сите малолетници - имаат итна потреба од помош и заштита. Претставникот на УНИЦЕФ на Хаити, Бруно Маес, зборува за „најлошата хуманитарна криза која земјата ја доживеала“ во поновото минато. Ситуацијата се влошува од недела во недела. Животот на многу деца зависи од снабдување со медицински материјал и специјална исхрана. Доколку хуманитарните организации не можат слободно да се движат во земјата, илјадници деца ќе останат без неопходната помош, опоменува УНИЦЕФ. Според оваа организација на ОН, во првите три месеци од оваа година бројот на недоволно нахранети деца се зголемил за 26% во споредба со лани. Поради новите војни меѓу бандите во бегство се 15.000 жени и деца во регионот на Порт-о-Пренс. Додека бројот на болни од Ковид-19 се зголемува, Хаити останува единствена земја на западната хемисфера која сѐ уште не добила ниту една вакцина против коронавирус, соопшти УНИЦЕФ.

Haiti Port-au-Prince Umweltverschmutzung Zika Virus Brutstätte
Најмалку 1,5 милиони деца на Хаити имаат итна потреба од помош и заштитаФотографија: Reuters/A. Casares

Хаити е најсиромашната земја во Латинска Америка. Околу 70% од 11,2 милиони жители во земјата живеат во сиромаштија.