Хаити: Многу уапсени по убиството на Моиз
9 јули 2021Полицијата соопшти дека уапсила 15-мина осомничени Колумбијци и двајца американски граѓани. Според наводи на владата на Хаити, осомничените за убиството на претседателот Жовенел Моиз биле поранешни припадници на колумбиската армија. Тројца Колумбијци се убиени, а осуммина се во бегство.
Владата, и покрај убиството на претседателот Моиз, сака да се држи до плановите за претседателските избори и уставниот референдум, планирани за 26 септември. „Изборите не беа за Жовенел Моиз како претседател. Тие се неопходни за стабилизирање на земјата и политичкиот систем“, изјави министерот надлежен за избори Матијас Мјер во Порт-о-Пренс. Тој додаде дека подготовките се прават одамна и потрошени се милиони долари за спроведување на изборите.
Тешко вооружени напаѓачи, кои се претставиле како американски иследници за дрога, во ноќта помеѓу вторникот и средата успеале да влезат во резиденцијата на Моиз и го убиле. Според амбасадорот на Хаити во САД, Бочит Едмонд, напаѓачите се „странски платеници“и добро обичени убијци. Властите сега водат истрага и дали има евентуална вмешаност на телохранители на Моиз во убиството. Напаѓачите, како што се вели, по сѐ изгледа наишле на мал отпор при нападот.