Светска банка: Болницата е надлежна за противпожарна заштита
24 септември 2021Планот за заштита од пожари требало да го изработи и спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, велат од Светска банка за Дојче веле, по пожарот во модуларната болница кој однесе 14 човечки животи. Тендерот за изградба на тетовската, како и на останатите 16 модуларни болници ширум земјата во октомври 2020 година беше спроведен согласно домашната регулатива и правилата на Светска банка, од каде македонската влада зеде заем од 3,8 милиони евра.
ДВ деновиве ја објави проектната листа за модуларната болница во Тетово во која беа наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската Клиника. Од Општина Тетово веќе излегоа со тврдење дека тие немале никаква надлежност во фазите од изградбата и контролата на објектот. Од надлежните во болницата досега немаше никаква реакција што се должи и на тековната истрага во која се опфатени. ДВ побара дополнителни информации и од други лица вклучени во проектот, но и тие одбија да зборуваат поради тековната истрага.
Во јавноста се поставија многу дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите.
Сведоци на трагедијата, која се случи на 8 септември и во која настрадаа 14 луѓе, за ДВ тврдеа дека во модуларната болница немало ни противпожарни апарати, па пожарот првично се гаснел со пластични садови за вода.
Истрагата ќе треба да утврди дали ова тврдење на очевидците е точно, а во меѓувреме на оваа тема остануваат да сведочат официјалните документи и ставовите вклучените во проектот.
„Проектната листа за изградба на модуларните болници вклучуваше конкретни мерки фокусирани на заштита од пожари и подготвеност за итни случаи за време на изградбата, а исто така постоеше обврска да се воспостави 'План за заштита од пожари' на почетокот на работата на објектот“, објаснува за ДВ претставник на Светска банка. Тој план требало „да се изработи и спроведе од назначениот болнички персонал под одговорност на директорот на болницата“, дополнуваат оттаму.
Технички спецификации
Од Светска банка не сакаат да коментираат во врска со техничките спецификации на проектот по кој се градени модуларните болници во земјата. Во македонската јавност, имено, имаше критики поради користењето на ткн. ПУР материјали за ѕидовите и кровот на модуларните болници, кои важат за лесно запаливи и брзо горечки. Сведоштво за тоа беа и снимките од безбедносните камери кои протекоа во јавноста, а кои укажуваат дека објектот изгорел за 3-4 минути.
Владата и Министерството за здравство досега во повеќе наврати тврдеа дека градбите биле „по сите светски стандарди“.
„Очекуваме истрагата да даде дополнителни детали за техничката спецификација“, вели портпарол на организацијата со седиште во Вашингтон.
Оттаму само укажуваат дека согласно нивните препораки сите нови згради треба да бидат дизајнирани, изградени и раководени во целосна усогласеност со локалните закони за градење и регулативи, и во согласност со меѓународно прифатени стандарди за заштита на живот и заштита од пожар. Дополнително, упатствата за јавни набавки на Светска банка прецизираат дека за сите меѓународни тендери, позајмувачот, во случајов Северна Македонија, мора да ги наведе меѓународно прифатени стандарди со кои опремата, материјалите и изработката ќе се усогласат.
Меѓународниот стандард кој се следи во законската регулатива во Северна Македонија, велат од Светска банка, е оној на Конфедерацијата на европските здруженија за заштита од пожар КФПА Европа (CFPA- Confederation of Fire Protection Associations in Europe).
Што предвидува КФПА?
Случајноста сакала најновиот патоказ на КФПА за протипожарна заштита на модуларни, привремени, објекти да е издаден на 19 октомври 2020 година, точно три дена откако е објавена и Листата за проверки за модуларните болници на Светската банка, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, од која објавивме повеќе детали. Па така, во неа се советува дека примопредавање на привремен објект треба да се изврши со пополнување на контролна листа.
„Примател на контролната листа е надлежниот на терен. Овој документ треба да служи како потврда дека привремениот објект е изграден во согласност со договорот, и дека тоа што е порачано е добиено“, се наведува во препораките на КФПА. ДВ веќе го објави документот кој сведочи за примопредавањето на објектот и забелешките кои притоа биле изјавени од економскиот директор на тетовската болница.
Согласно договореното, по реализацијата на проектот, односно завршувањето на модуларните болници, во документот требало да биде впишано и името на инженерот кој извршил надзор над завршената работа. ДВ објави дека таа графа останала празна во сите модуларни болници, но од Светска банка тврдат дека сите записници се потпишани и од инженер при примопредавањето. Тој документ се уште не е ставен на увид.
КФПА не дава конкретни препораки за тоа какви видови материјали треба да се користат во изградбата на модуларните објекти како заштита од пожар, но го препорачува следното:
„Материјалите во градежните компоненти и приклучоци и тела треба да имаат такви својства или да бидат вградени во градежните компоненти на таков начин што, во случај на пожар, не предизвикуваат палење или брзо ширење на оган, ниту пак брзо развивање на големи количини на топлина или гасови од согорување. Тие не смеат да се топат и капат надвор од непосредната близина на огнот. Квалитетот на бараните материјали зависи од количината на топлина и гасови за согорување што може да се дозволат да се развијат во зградата. Пожарната класификација на објектот е одлучувачка за изборот на материјали. Материјалите во таваните и sидовите, во приклучоците и прицврстувачите не смеат да се деформираат кога се само малку погодени од пожар, ниту да паднат или на кој било друг начин да се сменат, со што би се зголемил ризикот од повреди".
Противпожарни апарати
Што се однесува до самата противпожарна заштита во модуларните објекти, КФПА во тој дел препорачува користење на преносливи апарати за гаснење пожар. Монтажа на прскалки и други видови ПП опрема не се споменува како препорака за овие привремени објекти. Важно е, се наведува во препораките, да се избере пренослив апарат за гаснење пожар кој има доволна ефективност за гасење на очекуван пожар.
„Имајќи предвид дека ретко кој знае однапред колкав може да биде пожарот, најдобро е да се поседува што поголем апарат, кој содржи средства за гаснење кои можат да се користат за секакви видови пожар." Поконкретно, согласно стандардите на КФПА, преносниот противпожарен апарат треба да исполнува минимум услови во две насоки: квантитет на средството за гаснење- најмалку 6 килограми прашок, 9 литри пена и 5 килограми јаглерод диоксид; и перформанси во согласност со ЕУ стандарди. Дополнително, противпожарните апарати треба да се постават на дистанца која нема да надминува 25 метри. Тетовската модуларна болница има површина од 590м2 со капацитет од 33 болнички легла. Објектот е долг 42, а широк нешто над 14 метри. Согласно стандардите на КФПА требало да има барем еден преносен противпожарен апарат во објектот.