Потресни сцени од пожарот во тетовскиот ковид-центар
10 септември 2021Во 21 часот, 3 минути и 45 секунди, кога започнува видео-записот од надзорната камера, во тетовската модуларна болница веќе е видлив пожарот кој гори во еден (задниот) дел од објектот. Точно една минута и 20 секунди подоцна од објектот излегува само црн чад. Дојче веле не го знае изворот на ова видео, освен информацијата дека најпрво било објавено на мрежата Тик-Ток, а потоа споделено на Фејсбук и други мрежи, но ја провери и потврди неговата автентичност. Сепак одлучивме да не го објавиме видео-записот под претпоставка дека се користи од Јавното обвинителство и е доказ во случајот.
Се работи за видео-камерата од влезот во модуларната болница.
На почетокот можат да се видат пламените јазици кои доаѓаат од задниот дел на објектот, а од десната страна прозорец низ кој повеќе луѓе панично се обидуваат да избегаат од пожарот. Ним им помагаат две лица, едно во бела медицинска заштитна опрема, и друго во цивилна облека. Во следните 36 секунди се одвива вистинска драма. Низ прозорецот успеваат да излезат пет лица, сите цивили. Од снимката може да се утврди дека барем две се жени. Дел од нив не успеваат да го искачат прозорецот, па буквално се турнати од внатрешната страна, додека едно лице е повлечено од надворешната страна. За сето време чадот веќе излегува и од просторијата од која се евакуираат и тие се буквално во трка со времето.
Во 21 часот, 4 минути и 17 секунди се гледа првата експлозија која одекнува низ прозорец лево од главниот влез, а само пет секунди подоцна доаѓа и до втора, уште поголема експлозија. Пламени топки излегуваат од објектот. Во тој момент, сите луѓе кои бараа спас преку прозорецот од предниот влез на објектот веќе се излезени и повеќе не се гледаат луѓе. Записот завршува по неполни две минути, во 21 часот и 5 минути. Во тој момент од сите делови на модуларната болница излегува само густ, црн чад и нема повеќе никакво движење на луѓе, ни внатре во објектот, ниту пред него.