1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градежниците предупредуваат: Стручноста е ставена под тепих

ДТЗ
16 септември 2021

„Првата помисла кога се гради еден објект е дека тој треба да се гради како за себе. Треба да е безбеден, енергетски ефикасен и функционален“, вели Борче Стојчевски, инженер за безбедност.

https://p.dw.com/p/40PNM
Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Се гради без никаква регулатива, велат градежните експертиФотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Тотален хаос владее во градежништвото. Лоши градби, со нефункционална енергетска ефикасност, често без почитување на стандардите и правилата за градба, укажуваат градежните работници, кои алармираат за системски пропусти, кои за жал некогаш завршуваат и со катастрофални последици. По трагедијата во Тетово, каде во пожар во модуларната ковид-болница загинаа 14 лица, а 12 повредени, се отвараат бројни прашања поврзани со безбедноста на објектите коишто се градат, почитувањето на стандардите и правилата на градба и надзор. 

Еден објект за да биде пуштен во употреба, треба да помине низ бројни контроли и надзори, кои што треба да го стават својот потпис.  

„Проверката е многу битна, но кој ја врши е уште побитно прашање“, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора. Тој укажува дека коренот на проблемот е во законот за градба, кој што е во тотален хаос. Од 2010 до 2018 година имало 28 измени, или на секои три до четири месеци имало по една законска измена, но тој, според него, не пропишува ништо. „Фунционален е за одредени цели, но не и за градежништвото. Во услови на стар и нефункционален закон, и со нови законски решенија коишто се заглавени во институциите, се случува тотален хаос во градежништвото“, додава тој. 

Проблемот е системски 

Главните критики коишто циркулираат во јавноста се однесуваат на јавната набавка на монтажните болници во која се бара материјалот да биде од ПУР панели кои се најслабо огноотпорни. Обвинувањата се дека ваквиот материјал не било барано да биде атестиран, дополнително немало технички прием на објектите, немало инспекциски извештај од Дирекцијата за заштита и спасување, немало апарати за противпожарна заштита, ниту систем за рана детекција на пожари, но и редица други пропусти и грешки. 

Nord-Mazedonien | Krankenhausbrand
Пожарот во тетовскиот ковид-центар на 8 септември 2021Фотографија: Boris Grdanoski/AP Photo/picture alliance

„Од вкупно 19 модуларни болници проблем настана само во една. Тоа е прашање на коешто треба да се најде одговорот – дали е проблемот во изведбата, одржувањето или пак во нешто сосема трето“, вели за ДВ Борче Стојчевски, од Здружението на инженери за безбедност „Тутела“. 

Според него, проблемот е системски и не може да се лоцира само на едно место. Одговорност за изградба на еден објект имаат сите – од проектантите, до оние кои што ги изведуваат, задолжените за надзорот, па се до примопредавањето на проектот. Тој што е задолжен за технички прием треба да ги погледне сите документи – и проектот и ревизијата и ако има отстапувања да укаже на тоа. Надзорниот орган, вели Стојчевски, не може многу да се меша во проектот, но може да види дали има отстапки во однос на материјалот или во некој друг дел од проектот, и тоа да го нотира. 

„Првата помисла кога се гради еден е објект е дека тој треба да се гради како за себе. Треба да е и безбеден и енергетски ефикасен и функционален. Треба да ги има сите параметри“, дециден е Стојчевски. Тој проблемот го лоцира во моралот – никој не тргнува од тоа да ја побара вината во себе, туку секогаш посочува кон другиот. 

„Стручноста е ставена под тепих“, додава тој. Во конкретниот случај е важно дали станува збор за проект - клуч на рака и дали е распишан тендер врз основа на техничката спецификација којашто ја добиле. Доколку се пропушти во тендерската документација да се дефинираат сите важни услови, постои опасност од појава на најразлични проблеми во подоцнежните фази од постапката, како и во фазата на реализација на договорот за јавна набавка.

„Исто така се наметнува прашањето кој учествувал во програмирањето и ревидирањето на објектот. Кај нас доволно е само да си учествувал во проектирање или изведба на некои објекти и веднаш добиваш можност да учествуваш на тендери“, вели нашиот соговорник. 

Се почитуваат ли стандардите?

Монтажните објекти, во кои се сместени и ковид-центрите во земјава, се градат брзо, и во нивната изградба се користат материјали кои се лесни за пренесување и монтирање. Но, дали доколку панелите не биле високозапалливи, можела да се спречи катастрофата во тетовскиот ковид центар? 

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

Стојчевски, укажува дека постојат стандарди пропишани со Правилник за заштита од пожари, кои мораат да се почитуваат. Не само проектантот, туку и надзорниот орган, во случајов Комисијата за технички прием, во кои задолжени за пожар се експерти од Дирекцијата за заштита и спасување, имала обврска да забележи доколку стандардите за заштита од пожар биле прекршени. 

-повеќе на темата: Сведоштво: Во тетовскиот ковид-центар немаше ни апарат за гаснење пожар

И пожарникарни експерти деновиве укажуваа дека ПИР пената е средство коешто го спречува ширењето на огнот. Доколку ѕидовите биле направени со пир пена, ќе чадело, ама немало да се запали објектот, ѕидовите од преголемата топлина ќе се топеле, но голема е веројатно дека на тој начин ќе немало човечки жртви. ПУР пената, пак, на 100 степени се топи. Таа не можела да го спречи смртоносниот поход на огнот. 

Брзината со која изгоре модуларниот центар во Тетово покажа дека објектот немал противпожарен систем и дека материјалот од кој е изграден не бил отпорен на пожар, алармираше деновиве и инженерот Неџат Бајрами. „По трагичниот настан, додека изведувачот не обезбеди спецификација за да докаже дека материјалот е отпорен на пожар, технички јас изјавувам дека сите објекти изградени по сличен принцип не се безбедни“, посочи Бајрами.

Според него, освен пропустите во тендерската документација, прекршен е и Законот за градење, во кој пишува :„Основните барања за градбата се однесуваат на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, заштита од пожар, санитарна и здравствена заштита“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема