Православниот Велигден под диктат на короната
17 април 2020Во некои земји во источна и југоисточна Европа црквите остануваат затворени, во други не. Заради заштита на населението од коронавирусот, на пример, српскиот претседател Александар Вучиќ ја продолжи забраната за излегување во земјата до вторник во пет часот наутро. Со тоа донесе одлука спротивна на волјата на Синодот на Српската православна црква, кој од Претседателот бараше да ја укине забраната во период од пет часа на Велигден (19.4) и тоа од пет часот изутрина до десет часот. Барањето е со цел на верниците да им се овозможело присуство на велигденската литургија. Но, владата не попушти. Исто како и во соседна Северна Македонија, Црна Гора и Грција, и во Србија нема да има велигденски литургии со присуство на верници. Се стравува дека во полни цркви ќе се забрза ширењето на коронавирусот. Властите во Белград укажуваат и дека од коронавирус веќе почина еден српски владика.
Повеќе:
Најтажниот ден и најдолгиот карантин
Коронавирус- вакцинирање по Агатангел
Религијата во доба на коронавирус
Предавство на Христос?
Браќата по вера во Русија се однесуваат поинаку од белградската патријаршија. Рускиот патријарх Кирил уште на крајот од март од верниците побара да не одат во црквите. Тој во една молитва укажа на примерот на Марија Египетска, која живеела во 4 век во пустина источно од реката Јордан. Таа таму живеела како доселеничка многу години, не одела во црква на причест, а сепак поради промената на својот живот била прогласена за светица. „Не го предавате Христос ако не одите в црква, но го предавате Христос ако поради вас некој се разболи“, рече претседателот на Одделението за надворешни врски на Московската патријаршија, митрополит Иларион, на почетокот на април. Црквите за велгиденските празници остануваат затворени за поголеми собири на луѓе. Во Русија и Украина од коронавирусот веќе починаа неколку свештеници и монаси.
Црквите остануваат затворени и во Романија - Велигденската литургија, поради забраната за излегување, ќе се одржи без верници. На богослужбата запалениот Велигденски оган, по барање на верниците, ќе се дели од куќа на куќа од страна на свештеници и доброволци, кои ќе носат маски и ракавици. За ред и придржување до мерките на заштита ќе се грижи полицијата. Согласност за тоа постигнаа Министерството за внатрешни работи и Патријаршијата. Се дискутираше и за тоа дали традиционалната нафора смее да се дели на одредени места надвор од црквите. Романскиот претседател Клаус Јоханис се изјасни против тоа, поради големата опасност од зараза. Според последната промена на протоколот, сега и нафора ќе се дели од куќа на куќа.
„Егзистенцијална тема“
Во Грузија не е така. Таму Патријаршијата ги совлада сомнежите на власта: големите цркви остануваат отворени, дури и за големи собири на верници. И тоа и покрај фактот што коронавирусот се шири се’ повеќе во земјата и со него е заразен и еден свештеник. Единствено, верниците мора да се придржуваат на правилото за оддалеченост од два метра едни од други. Во малите цркви ќе смеат да влезат само свештените лица.
Во Грузија е на сила закон кој забранува собирање на повеќе од три лица. Премиерот Гиорги Гакарија, меѓутоа, се заложи црквите да останат отворени на Велигден: „Зборуваме за егзистенцијална тема за владата и црквата“, рече премиерот. Верниците, според него, треба сами да внимаваат на своето здравје. Премиерот Гакарија најави дека ќе ја следи Велигденската литургија на телевизија - „од дома“.
Бугарската православна црква исто така ќе ги остави црквите отворени во текот на празниците. Таа успеа да издејствува држење литургии пред црквите, на отворено. Таму луѓето можат да бидат на отстојание од два метра. Дел од свештениците ги повикаа верниците да останат дома за време на празниците.
Практично сите православни цркви, независно една од друга, го отфрлија барањето на здравствените експерти при причестувањето да употребуваат лажичиња за еднократна употреба. Во православието е вообичаено при причестувањето за сите да се корсти ист потир (обредна метална чаша за причест, н.з.) и иста лажичка. Репрезентативен тука е ставот на Грчката православна црква: „Причестување со ист потир, потирот на животот, не може да пренесе болест.“ Црквата верува дека во евхаристијата со помош на Светиот дух виното и лебот стануваат Христови тело и крв. Многу медицинари, не само во Грција, на тоа гледаат поинаку. Конечно, вирусот се пренесува со капки. Духовните лица укажуваат на алкохолот во виното. Но, спорно е дали таа концентрација на алкохол е доволна за да го убие вирусот.
Тешко наоѓање консензус
Како црквата треба да го третира коронавирусот е нешто за што се дискутира жестоко не само меѓу свештениците, туку и меѓу верниците. Томас Бреме, професор по екуменика, источноцрковно учење и истражување на мирот на Универзитетот Минстер, вели: „Има верници кои велат дека не би требало да се слушаат властите и дека богослужби мора да бидат дозволени, но има и верници кои сакаат да ги следат упатствата на државните институции.“ Различни ставови има и во католичката црква, но кај некои православни цркви дополнителна отежнувачка околност е тоа што патријарсите немаат толкава моќ како што има папата во Римокатоличката црква. Патријарсите често се само „прв владика“, нагласува професор Бремер. Тие мора да најдат консензус во рамките на Синодот, а тоа го отежнува носењето одлука.
Српскиот владика Григорије од Епархијата диселдорфска и германска, ги поздравува мерките на претпазливост донесени од страна на германската влада за заштита на граѓаните. Црковните заедници кои се под негова одговорност ќе останат затворени. Во својата Велигденска молитва тој сака да зборува за „жртвите“ кои верниците треба да ги поднесат за да се заштитат себеси и ближните. Во изминатите 2000 години постојано имало периоди во кои христијаните не можеле да се собираат во црквите, но тоа не ја ослабнало нивната вера, вели владиката.