1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Најтажниот ден и најдолгиот карантин

17 април 2020

Рестриктивни мерки за време на Велигденските празници се воведени и во други земји. Пораката до верниците е: Молете се дома, секој дом е Божји храм.

https://p.dw.com/p/3b3Bi
Symbolbild Kerzen
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/N. Economou

Денеска во 16 часот започнува најдолгото, 85-часовно ограничување на движењето кое ќе трае до вторник во 5 часот на целата територија на државата. Со цел полесно да ги пребродат мерките, голем број граѓани во изминативе денови се преселија од своите места на живеење во села, планински или езерски туристички центри, поради можноста во поголем дел од денот да бидат на отворено (во дворови) што го намалува психолошкиот притисок од мерките за ограничување на движењето. Покрај ваквата френквенција, она што им создава грижа на здравствените власти е и тоа што свештените лица ја продолжија традицијата за причестување на верниците со една иста лажичка и иста чаша, како и повиците на верници дека ќе посетат црковен храм, без разлика дали е на сила полицискиот час. Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод (САС)во Велигденското послание ги советуваа верниците да не се вознемируваат што не можат да присуствуваат на светите богослужби, и им препорачаа „да се молат во своите домови и срца".

Софија затворена за влез и излез

И земјите во соседството се справуваат со исти и слични проблеми пред Велигденските празници. Поради масовно заминување од главниот град, а со цел да се спречи ширењето на инфекцијата, бугарскиот Национален оперативен штаб за борба со коронавирусот одлучи да го забрани влегувањето и излегувањето од Софија почнувајќи од утрово на 17-ти април се до следната наредба. Над 5 илјади автомобили вчера биле вратени од полицајците на контрполните пунктови, а над 10 илјади автомобили ја напуштиле престолнината.

Сите тие луѓе се распрснати низ целата земја. Тоа води до уште потешка ситуација со нејасни последици. Последиците ќе станат појасни во наредните денови. Последните два дена, во кои имаме повеќе случаи на заразени, не се инцидент туку тенденција, што е во спротивност со безгрижието на нашите сограѓани“, реагираше шефот на Оперативниот штаб, генералот Венцислав Мутафчиски.

Софија се смета за главно жариште на Ковид-19 во земјата. Во Бугарија досега се евидентирани 800 лица заболени, од кои околу 500 се токму од Софија. Според министерот за внатрешни работи, оние кои по празниците ќе се вратат во Софија ќе имаат голем потешкотии да влезат во градот, ако навистина не докажат дека имале сериозна причина да патуваат. Од забраната се изземени само товарните возила кои треба да ја докажат неопходноста од извршувањето на транспортот, и автомобилите кои превезуваат граѓани што имат потреба од лекување. Оние кои за таа цел ќе патуваат со свои возила, ќе можат да влезат и излезат од Софија меѓу 6 и 8 часот наутро и 18 и 20 часот навечер.

Секој дом е храм

Србија исто така воведе повеќедневни рестриктивни мерки за време на Велигденските празници. Полицискиот час започнува денеска во 17 часот и ќе трае до вторник во 5 часот. Еднонеделната дебата околу желбата на верниците да ги посетуваат црковните храмови за време на празничните денови, заврши со повик од Српската православна Црква (СПЦ): верниците да останат дома! Патријархот на СПЦ, Иринеј, ги повика верниците да го прослават Велигден во нивните домови, со нивните семејства.

„Првиот Божји храм е домот и семејството. Ако нашиот дом не е домашна црква, тогаш ни Црквата не е Божји дом. Бог е насекаде, и на секое место можеме да му се молиме на Бога. Бидејќи сега има  потреба да се воздржиме од собирања, можеби ова е и прилика да го собереме нашето семејство, бидејќи ништо не е во таква мера загрозено како семејството”, порача Иринеј во интервју за ТВ „Храм".