Религијата во доба на коронавирус
9 април 2020Најкратка дефиниција на верата е – престан, застанување на момент. Престан е голем збор. Католичкиот теолог Јохан Баптист Мец (1928.-2019.) го презел пред неколку децении од филозофот Сорен Киркегард (1813.- 1855.). Мец, големиот втемелувач на новата политичка теологија, го поврзувал со него ветувањето до страдалниците во светската болка, како и предупредување кон една религија која со своето „и натаму така“ сѐ повеќе се прилагодува кон нормите на граѓанското општество. Немојте премногу да се опуштате со вашиот бог. Престан. Пауза.
Сега целиот свет доживеа престан, застој. Преку сите граници и низ сите општества. Зашто, коронавирусот не познава ограничувања. Ковид-19 е пандемија, глобална закана. Светот стои во место, застанат во страв. Тоа е необично. Зашто, кога во Африка стотици илјади луѓе умираат од глад, кога на Исланд ќе се случи ерупција на вулкан, или кога во Азија цунами носи страдање и смрт – тогаш голем дел од светската јавност тоа може да го следи од далечина. Сега, тоа е минато. Короната нѐ засега сите. Коронавирусот стана и верско, духовно прашање. Болка, тага, сомнеж, гнев. Како верник, мора да се издржи помислата дека во божјото дело е можно такво нешто. Зашто, некои во коронавирусот гледаат божја казна. Но, зад тоа се крие само погрешно сфаќање на господ.
Пауза на христијаните, евреите и муслиманите
Овие денови короната го претставува тоа застанување. Христијаните ширум светот се наоѓаат во Великата недела и се приближуваат кон славењето на страдањата, и воскреснувањето по смртта на Исус Христос. За евреите во средата почна Пасха, сеќавање на спасувањето од египетско ропство. А за два дена муслиманите се подготвуваат за Рамазан. Кај сите тие празници на трите религии, без оглед на нивните разлики, во средиштето се наоѓа свечен заеднички ручек, кај евреите обредна вечера седер, кај христијаните тоа е вечерата на Велики четврток, кај муслиманите Рамазански бајрам.
А сега? Застој. Ограничување. Во Израел ултраортодоксните Евреи се спротивставија на наредбите на власта. Во Саудиска Арабија станува збор за откажувањето на годинешниот аџилак во Мека, кој треба да се одржи в лето. Но, колку тоа и да му паѓа тешко некому, факт е дека во односот на религиите со регулациите во борбата против коронавирусот се покажува нивната позиција наспроти нужностите кои ги носат модерните времиња. Така во еврејството рабините направија историски потег и повикаа на придржување кон националните одредби во борбата против коронавирусот ширум светот.
Повеќе:
Коронавирус- вакцинирање по Агатангел
Фотографија на денот: Папата сам на молитва за пандемијата
Плоштадот Свети Петар без луѓе – симбол на пандемијата
Кај католичките христијани уште благословот на папата Франциско на плоштадот Свети Петар на крајот на март стана симбол на пандемијата. Старец кој се моли, го преколнува господ. Пред него плоштад без луѓе како слика на празниот Рим, како празен плоштад за сите оние жртви и заразени кои се борат за живот. Тој благослов „Урби ет орби“ инаку често се омаловажува, зашто официјално е поврзан со простувањето на казните на грешниците. Но, никој веќе не зборува за тоа. Сега, кога ситуацијата е сериозна. Во прашање е основната човечка егзистенција.
Станува сериозно, и за верниците. Короната станува тема за секој верник. Велигден во Германија или во централна Европа, тоа во изминатите години за некои значеше неколку слободни денови и спорови околу забраната за танцување на Велики петок, за други верска пауза за големата историја на господ со луѓето. Велики четврток со славењето на заедниците на свечена вечера, тој прамомент на црвата. Велики петок со Исусовите страдања и свирепата срамотна смрт на крстот. Велика сабота, тој драматично неутешен ден на отсуство на бог – па сѐ до оној неверојатен момент, победата на животот, воскреснувањето на Исус низ смртта.
Светот сега е Велика сабота – а воскреснувањето?
Толку нешта се познати, толку нешта се ритуализирани. Молкот на ѕвоната, велигденските огнови, тажното пеење и големите литургиски текстови, барањето велигденски јајца и „Урби ет орби“. Во време на коронавирус, многу нешта се случуваат поинаку. Свештениците држат литургии пред камери. Оној кој верува или оној кој се сомнева, ќе учествува во тоа или ќе бара други патишта. Заедничката вечера со пријателите ќе ја сфати духовно. Повторно ќе размислува за текстовите. Ќе се осуди да води религиозни или нерелигиозни разговори.
Зашто, светот е застанат, се наоѓа во тој момент на престан. Стои мирно, се чини како среде Велика сабота, на тој ден без утеха и без секоја перспектива. Секојдневни застрашувачки бројки за жртви од Италија, Шпанија, САД, очигледно и од Германија. Прекинати животи, очај, лудило, болка. Нема да бидат доволни утешните говори, на кои бевме навикнати за Велигден во изминатите години. Црквата денес можеби повеќе нуди знаци отколку зборови.
Но, останува големиот говор за воскреснувањето. Тој провокативен скандалозен збор. Престан. Токму во овие денови – со право.