Коронавирус- вакцинирање по Агатангел
4 јуни 2020На карпест рид во северозападна Шпанија, блиску до границата со Португалија, на 650 метри надморска височина сместено е малото живописно градче Замора. Со своите 24 цркви карактеристични по романескната архитектура од средниот век уште се нарекува и „музеј на романескната уметност“. Иако има само 60 илјади жители, тоа е град со најмногу романескни цркви во цела Европа и редовна станица на турнеите на бројни туристи.
Пред стотина години, во 1918 година, токму тие цркви ќе станат жариште на една од најопасните пандемии кои ги памети светот. Онаа на „шпанскиот грип“. Инфлуенцата по Првата светска војна однела најмалку 50 милиони човечки животи, збришувајќи пред себе цели села и градови. И додека смртноста од болеста во просек ретко надминувала 4 проценти од заразените, во Замора „шпанскиот грип“ го испратил во вечното почивалиште секој десетти жител, а според некои извори и повеќе.
Pro tempore pestilential
Некаде во октомври таа кобна 1918 година, кога вирусот бил во својот втор налет ширум Шпанија, девет дена по ред убавите цркви во Замора биле преполни со верници. Од утро до мрак се пеела „новена“ во чест на Свети Роко- светецот заштитник од чума и помор- Pro tempore pestilential.
Ништо, па ни инсистирањето на световните и на санитарните власти, не можело да го запре напливот на стадото божје во неговите храмови. Така, имено, наредил локалниот бискуп на Замора. И не само што се пеело во преполните цркви, туку бискупот наредил секој верник, како што е редот, да се причести и да го бакне светиот крст.
„Злото врз нас можеби е последица на нашите гревови и недостаток на благодарност, и затоа ја чувствуваме одмаздата на вечната правда“, порачувал гласникот на Католичката црква. Големиот одзив на верниците го прогласил „за една од најголемите победи на католицизмот“.
Но жителите на Замора никогаш не му замериле на бискупот. Напротив, откако вирусот го зел данокот, а тие се простиле од своите најблиски, од своите соседи и сограѓани, му доделиле Орден во знак на благодарност што ги спасил од страдањата.
Ехото на бискупот од Замора
Над 3.000 километри на исток и 102 години подоцна, пораките на бискупот од Замора добиваат ехо од устата на митрополитот на Македонската православна црква Агатангел.
„Ако така лесно се ширеа болести од црквите, иконите и крстовите, Светата Православна Црква одамна ќе беше исчезната од лицето на светот, и за неа ќе се спомнуваше само во учебниците по историја. Ве уверувам и ве поттикнувам, да доаѓате без страв и сомнеж во црквите, да ги целивате иконите, крстот, да се причестувате со претходна подготовка и да се подготвувате за дочек на Славното Христово Воскресение", им порачува тој во послание.
- Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор
Тешко е да се поверува дека некој денес, по толку историски примери и лекции, би се дрзнал да се врати назад цел еден век, дури и поназад во средновековието, и во екот на најголемата пандемија која ја видел модерниот свет, да ги повторува зборовите на бискупот од Замора.
Но ете го Агатангел кој не учи дека „подобро е дури и да умреме причестени со Христос, отколку да останеме живи, но без Христос."
Сешто ќе пронајдете во посланието на повардарскиот митрополит до неговите „возљубени духовни чеда“ (нека остане запишано во целост и тука) освен неговото присуство, се разбира. Владиката, ете, бил спречен од здравствени причини лично да му се придружи на своето стадо верници во црквите, но тоа не е причина тие да отсуствуваат. За секој случај, митрополитот им ги испрати по улиците и своите попови кои со светена вода ги „вакцинираа“ улиците на поголемите градови во епархијата.
Орден за Агатангел?
Со повеќе од 640 илјади заразени и речиси 30 илјади жртви, пандемијата ги затвори црквите, џамиите и синагогите ширум светот. Во таква ситуација, сите верски лидери бараат начин како да им се обратат на своите верници, а да не го загрозат нивното здравје.
Папата Франциско во петокот направи историски преседан одржувајќи миса на празниот плоштад пред базиликата Свети Петар во Ватикан.
Будистичките групи објавуваат онлајн медитации за своите следбеници. Дури и Јеховините сведоци одлучија да ја прекинат традицијата на чукање на вратите и да се собираат во мали, домашни групи, онаму каде што е тоа дозволено.
Денес, речиси 100 години подоцна, случајот на Замора се уште се изучува во историските читанки и научните истражувања како пример за несовесност и ароганција која чинела неброени човечки животи. Деновиве, исправени пред налетот на пандемијата на коронавирусот, која многумина ја споредуваат со „шпанскиот грип“, жителите на Замора велат дека ја научиле лекцијата од минатото. Уште поважно- и Црквата ја научила лекцијата.
Како што за британскиот весник Гардијан објаснува Лаура Хамбрина, учителка и жител на Замора, денес тамошната црква е погласна во своите барања за почитување на хигиенските препораки од секуларните- локални власти, советувајќи ги верниците редовно да ги мијат рацете и да не прскаат света вода.
Којзнае, можеби кога ќе заврши пандемијата, и жителите на повардарската епархија, како и верниците од Замора, ќе потрчаат да му дадат орден на Агатангел затоа што ги спасил од страдањата. И Нобеловиот комитет е на штрек по тврдењето на духовниот лидер дека низ историјата „по молитвите на светителите и на народот Божји, сосема прекинувале најтешките заразни болести."
Дотогаш, останува да се надеваме дека потрагата по вакцина на научниците ќе биде побрза од ефектот на пораките на Агатангел и неговите попови. И дека за стотина години, кога ќе дојде следната пандемија, никој нема да чита за „вакцината“ на бискупот од Велес. А орденот нека му стои оти, како што самиот вели во посланието: „многу пострашен вирус од актуелниов, е вирусот на неверието и маловерието".
Овој текст беше првично објавен на 29 март 2020 година.