1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел со Ердоган до негирање на самата себе

Јенс Турау/ Зоран Јордановски24 мај 2016

Ангела Меркел ќе опстои врз дилот со Турција за бегалците и покрај сета безобѕирност од Анкара, оти едноставно таа нема друга алтернатива, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/1Itbx
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, како што беше кажано, пријателски ја примил германската канцеларка Ангела Меркел вчера во Истанбул. Вешто изведено, оти всушност тој прво го испрати својот советник Јигит Булут, кој претходно во интервјуа неприкриено се закани дека Турција би можела да ги суспендира сите постигнати договори со ЕУ, ако таа не ѝ излезе во пресрет на неговата земја во разговорите што претстојат.

Тоа би можело да се нарече демонстрирање на моќ - или можеби ирационално, но за Меркел напросто е реалност што одамна мораше да ја осознае. Нејзе ѝ е потребна Турција, во моментов нема никаква алтернатива за зделката со Ердоган во политиката спрема бегалците. А Ердоган е свесен за тоа и со уживање ја демонстрира својата нова моќ.

Примери за тоа има речиси секојдневно: судскиот поход против германскиот сатиричар Јан Бемерман (и против многубројни други), апсењето на новинари, укинувањето на имунитетот на курдските пратеници во турскиот парламент за да може и нив да ги фрли в затвор.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Сцената е веќе подготвена и за наредниот адреналински испад на Ердоган: кога германскиот Бундестаг на почетокот на јули ќе донесе резолуција во која се зборува за турски геноцид врз Ерменците, сигурно може да се смета на натамошен негов излив на бес. Тоа сето, се разбира, тој не го прави само за да ги нервира Германија и другите земји на ЕУ, но Меркел со бегалската политика му даде дополнителна моќ. Некој како Ердоган не се двоуми да го искориси тоа.

Симболична политика за германската публика

За публиката дома, Меркел уште на почетокот на посетата, во неделата, во Истанбул се сретна со претставници на граѓанското општество – но не со курдски претставници, како ни со новинарите кои се изложени на прогон. Во интервјуа за весници таа искажа загриженост поради заострувањето на внатрешнополитичката ситуација во Турција, за веднаш потоа да додаде дека опстојува врз договорите за политиката во однос на бегалците.

А сега? По разговорот со Ердоган може само да се каже дека на средбата не биле расчистени сите отворени прашања и оти е многу неизвесно дека ќе може од 1. јули да профункционира безвизниот режим за патување на Турците во ЕУ . Но, тоа всушност беше јасно и претходно.

Неумолива политика на интереси

Веќе е многу пишувано за тоа, дека Меркел се доведе во подредена состојба во однос на егоцентричниот турски претседател. Канцеларката не е претерано романтично детерминирана; таа не се воздржува од политика на интереси и нејзината сегашна сметка е дека е поголема штетата ако пропадне зделката со Ердоган, отколку тековното губење на веродостојноста поради тоа што и натаму пријателски разговара со властодржецот во Турција.

Тоа може да звучи цинично, но можеби во моментов е единственото што ѝ преостанува на Меркел. Ако нејзината европска политика за бегалците (или она што уште остана од првобитниот посакуван план) пропадне, тогаш и дома ќе ѝ биде загрозена власта. По десет години како канцелар, таа не сака да го доживее тоа.