Меркел го стави под прашање безвизниот режим за Турција
23 мај 2016Германската канцеларка проценува дека до 1. јули сѐ уште нема да бидат исполнети условите за визно олеснување за турските граѓани. Причина за тоа, според Меркел, е спорниот антитерористички закон на Турција. Меркел истакнува дека јасно кажала - патот до безвизен режим води само преку исполнети 72 предуслови, Анкара не може да прескокне ниеден. Во разговорот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакнал- промена на турскиот антитерористички закон за него во моментов не доаѓа предвид.
„Во секој случај, разговаравме многу интензивно, отворено и целно, разговорите мора да продолжат, но факт е дека одредени работи нема да бидат завршени до 1. јули“, рече Меркел. Таа противречи на впечатокот на заканувачка опасност од неуспех на Договорот за бегалците на ЕУ и Турција.
„Мој впечаток е дека овој Договор е од двостран интерес“, потенцираше Меркел по средбата со Ердоган.
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска (23.05.2016) во Истанбул разговараше со бројни шефови на држави или влади околу подобра координација на меѓународната хуманитарна помош. Средбата на првиот Самит на ОН посветен на итната меѓународна хуманитаrна помош во турската метропола се одржа зад затворени врати. На почетокот се појавија иритации околу текот на Самитот. Организаторот ден претходно го откажа планираниот официјален поздравен говор на генeралниот секретар на ОН Бан Ки Мун и поздравното обраќање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како што се дознава од дипломатски извори. Кратко по пристигнувањето во Истанбул, Меркел синоќа невообичаено долго разговараше со претставници на цивилното турско општество околу ситуацијата во земјата.
Пред патувањето во Турција, Меркел изрази загриженост поради развојот на настаните во Турција. Ердоган засилено врши подготовки за воведување претседателски систем во земјата.