Kрај на договорот ЕУ-Турција
9 мај 2016Најпрво го истера турскиот премиер, а потоа автократот од Босфорот со славја на неговите приврзеници најави дека секој треба да оди по својот пат, ЕУ по својот, а тој по својот. Кај ова последното Европејците не можат многу да променат, сѐ додека претседателот има поддршка од мнозинството на својот народ. Но со тоа сега е повеќе од јасно дека ЕУ повторно ќе мора да бара сопствено решение за бегалската криза.
Провокација до провокација
Европејците и порано дозволуваа турскиот претседател да ги провоцира на срамен начин, на пример во текот на зимата раскажуваше за тоа дека либерализација на визниот режим за турските граѓани е неизбежна противуслуга ако се сака Турција да ги преземе бегалците од Грција. И се закануваше оти ќе ја отвори вратата кон Европа, ако Европејците не „испорачаат“ решение. Тоа едноставно е закана, без оглед на условите за окончување на досегашниот визен режим. Најдоцна тогаш претседателот откри за кого всушност станува збор. Тој смета дека се наоѓа во подобра позиција и таа позиција бесрамно ја користи. Ердоган не може ниту да биде обвинет за тоа, бидејќи одамна воопшто не се обидува да ја прикрие својата желба за моќ и својата ладнокрвност.
За Европејците важи старата девиза: оној кој себеси се доведува во опасност, самиот ќе страда од неа. Со политичари како Ердоган не можат да се прават политички договори. Германската канцеларка Ангела Меркел сите надежи ги положи во премиерот Ахмет Давутоглу- и во тоа дека тој ќе победи во политичкиот судир со претседателот и оти Турција ќе ја поведе во насока на ЕУ. Таа го стави влогот на погрешна карта. Договорот кој го склопи со Турција сега е сам куп хартија.
ЕУ не смее да гледа настрана
Одговорот на прашањето колку ЕУ смее да попушти по прашањето на либерализацијата на визниот режим, со оглед на недостатоците во законите во Турција гласи: воопшто не смее да попушти. Ердоган најави дека нема да го промени спорниот закон за борба против тероризмот. Тоа значи дека и натаму ќе го користи како средство за прогон на Курдите, писателите и новинарите. Пример за таквото делување е пресудата за петгодишната затворска казна за главниот уредник на опозицискиот весник „Џумхуриет“, кој е казнет бидејќи ја работеше својата работа и објави информации кои се незгодни за Ердоган. Кој закон се злоупотребува за да се дојде до таква пресуда е сѐ едно- овде станува збор за принципи.
Целосното укинување на слободата на печатот , што се случува во моментов во Турција, претставува кршење на едно од темелните права во ЕУ. Со тоа е исклучено дека Турција може да ги исполни претпоставките за добивање на безвизниот режим. Тој не може да биде одобрен, тука нема простор за интерпретација на прописите. Бројни пратеници во Европарламентот и во германскиот Бундестаг веќе најавија дека Турција не може да смета на „попуст“, кога станува збор исполнување на предусловите за безвизен режим. Време е сега да бидат држени за збор. Изгледа дека Ердоган постојано тестира колку ЕУ е подготвена да ги отфрли своите вредности, Во овој момент не ни е потребен говор од папата за да се присетиме на нашата хуманитарна традиција. Нашиот сопствен разум е доволен да сватиме дека е краен момент да ја повлечеме рачната кочница.
ЕУ самата мора да ја реши бегалската криза
Договорот ЕУ-Турција за бегалците е мртов. Потребен ни е план Б, или уште подобро план А. Сѐ уште не се знае какви потези ќе повлече Ердоган по европското „не“ за безвизниот режим. Веројатно на бегалците повторно ќе им отвори премин кон Европа. Споменатиот договор ионака од самиот почеток не беше негов проект. Тој и порано на големи ѕвона изјавуваше дека тој ѝ е повеќе потребен на Европа, отколку Европа нему. геополотички погледнато- тоа е погрешно размислување. Но изгледа дека нему му е сѐ едно.
Во Брисел веќе мораат да се подготват за нов летен хорор, односно низа кризни самити кои ќе се развлечат до доцна во ноќта. Меѓутоа, нема друг излез освен пронаоѓање на европско решение за мигрантите и бегалците. Ердоган испаѓа од играта како партнер. Време е на турскиот диктатор во пелени да му се каже што се мисли за него. Гласно и јасно и без заобиколување.