Кој може да ја спаси Велика Британија?
27 септември 2019Во случај да сте пропуштиле: Велика Британија е во политичка криза од епски размери. Да го тргнеме дебаклот со Брегзит на страна за момент, иако очигледно е поврзан со голем дел од драмата која се одвива пред наши очи.
Само замислете дека живеете во земја во која главните политички партии изгубиле секакво чувство за пристојност и одговорност да се стави интересот на земјата пред сопствената политичка добивка. Не зборуваме тука за пропадната држава, иако има аргументи дека се движи натаму. Тоа е актуелната состојба во Велика Британија.
Премиерот Борис Џонсон на одлуката на Врховниот суд дека суспензијата на Парламентот била незаконска реагираше очекувано: како налутено дете на кое омилената играчка му била одземена. Не се обиде ни да го сокрие своето негодување за одлуката на судот. Тој едноставно не одговара на функцијата на која што е. Неговата демонстрација на бес во средата покажува дека политичката пристојност, достоинството и воздржаноста се прегазени. Потсетувањето на Лабуристката Џо Кокс, која беше убиена од деснорадикален на една недела пред ЕУ референдумот, со зборовите дека најдобар начин да и` се оддаде почит е да се „спроведе Брегзитот," е студен туш.
Земја на работ од пропаста
Агресивниот и потпалувачки јазик на обете страни е срамен и опасен. Неколку проевропски пратеници добија смртни закани. И како сето тоа да не звучи доволно страшно, Лабуристичката партија, главната опозициска партија - иако може либералните демократи мислат поинаку, се движи кон политичка апатија во време кога на земјата и` треба јасна и силна алтернатива за владата.
Лидерот на Лабуристите Џереми Корбин демонстрираше рамнодушност спрема секоја промена што се случуваше со Брегзитот. Додека многу членови на Лабуристите остануваат верни на лидерот, тоа не важи и за гласачите во земјата. Неговиот план е да обезбеди дека варијантата на Брегзит без договор веќе нема да постои како опција на преговарачката маса, потоа да ги добие изборите и потоа да одржи специјална конференција за да се одреди како Лабуристите треба да се постават на било кој втор референдум во земјата. Повеќе одлагања, подолго дремење во статус кво. Двајцата, Џонсон и Корбин се непроменливи и двајцата го претставуваат се` она што е погрешно во британската политика во моментов. Треба да се споменат и претходниците на Џонсон кои ги поставија основите за страшната катастрофа во Велика Британија: Дејвид Камерон и Тереза Меј. Едниот играше на ризичната карта и загуби. Другата играше со картите што и` беа поделени и направи уште поголема конфузија и поделби.
Ерозијата на балансирана политичка дебата, недостигот на лидерство и поделбата во земјата ја ставија Велика Британија во незавидна ситуација. Некои може да велат дека земјата поминала и низ полоши кризи, војни, економски проблеми и слично, но тоа биле други времиња во други околности. И, тогаш земјата имала лидери кои го заслужувале тој назив.