1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камерон: Втор референдум за Брегзит е можен

ЕМФ / дв
14 септември 2019

Политичарот кој со гласањето во 2016 година ја предизвика Брегзит-катастрофата, сега во игра уфрла можност за втор референдум.

https://p.dw.com/p/3PbRF
Cameron in TV Sendung: sieht keinen EU-Beitritt der Türkei
Фотографија: Getty Images/Sky News/Pool/C. Lobina

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон смета дека втор референдум за излегување од ЕУ би можел да биде решение за надминување на конфликтот околу Брегзит. Брегзит без договор не е добар и треба да се избегне, изјави Камерон во своето прво интервју по повлекувањето пред речиси три години.

Во негово време, во јуни 2016 година, се одржа референдумот на кој 52% од Британците се изјаснија за излегување од ЕУ, а 48% беа за останување во Унијата. Камерон даде согласност за одржување референдум под притисок на евроскептичното крило во својата конзервативна партија, меѓутоа во кампањата се залагаше за останување на неговата земја во ЕУ. По референдумот, кој заврши со тесен резултат, Камерон даде оставка на премиерската фунција.

Повеќе:

Брегзит: Трпението на Франција полека истекува

Збогување на спикерот и криза на британскиот парламент

Сега Камерон за „Тајмс“ вели дека референдумот бил неопходен за односот на Велика Британија и Еу да се постави на нови основи, но тврди дека неизвесноста која владее му предизвикува вознемиреност. Следењето на преговорите за договор за Брегзит е „болно“, мора да се најде начин за надминување на блокадата, вели Камерон. И, оценува дека тука од помош може да биде одржувањето втор референдум.

Британскиот премиер Борис Џонсон смета дека Британците треба да излезат од ЕУ на 31 октомври со или без договор. За да ја постигне таа цел тој го испрати парламентот на принудна пауза, а од својата партија ги исклучи противниците на неговиот курс.

UK David Cameron und Boris Johnson (2015)
Ривали уште од училишните денови: Дејвид Камерон и Борис ЏонсонФотографија: AFP/J. Taylor

Камерон, и самиот ториевец, ги критикува ваквите постапки на Џонсон. „Не ги поддржувам двете работи“, вели тој. Инаку, Џонсон и Камерон се познаваат уште од училишните денови и нивниот однос е детерминиран од долгогодишна конкуренција. Камерон наредната недела ќе ги објави своите мемоари, во кои ја брани одлуката за одржување референдум „Прашањето мораше да се разјасни и сметав дека референдум ќе има секако.“ Во својата книга Камерон тврди дека и три години по оставката не поминува ден да не размислува за загубениот референдум „Многу сум загрижен околу тоа што ќе се случува понатаму“, пишува Камерон.