Ковид-19: Ситуацијата во Европа и натаму сериозна
15 април 2021Според наводите на регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО), Стариот континент надмина уште една тажна граница во пандемијата. Високиот преставник на СЗО, Ханс Клуге, денеска изјави дека бројот на починати од Ковид-19 во Европа надминал 1 милион и оти ситуацијата во регионот е и натаму „сериозна“ со околу 1,6 милиони новозаразени секоја недела.
Доктор Ханс Клуге, осврнувајќи се на неодамнешната изразена загриженост околу вакцините, рече оти ризикот од згрутчување на крвта е далеку поголем за лицата кои ќе се заразат со коронавирусот отколку лицата кои ќе ја примат вакцината на АстраЗенека.
Во изјавите за новинарите, за време на посетата на Грција, Клуге укажа дека постојат рани знаци оти преносот на заразата се забавува во некои земји и наведе оти има намалување на заразени меѓу најстарата популација.
Повеќе:
-Хаос со вакцината АстраЗенека во Европа
-Коронавирус: Учете од САД - 100 милиони вакцинирани
-СЗО: Бавното вакцинирање ја продолжува пандемијата во Европа
Тој рече дека бројот на починати од Ковид-19 меѓу луѓето постари од 80 години, кои се во приоритетната група за вакцини, опаднал на речиси 30 отсто, на најниско ниво за време на пандемијата.
„Засега ризикот од згрутчување на крвта е многу повисок за некој кој е заразен со Ковид-19 отколку кај некој кој добил вакцина од АстраЗенека. Не треба да постои сомнеж дека вакцината на АстраЗенека е ефикасна во намалување на хоспитализациите од Ковид-19 и во спречувањето на смртноста“, вели Клуге и додава оти оваа вакцина СЗО ја препорачува за сите возрасни, кои можат да примат вакцина.
СЗО Европа, со седиште во Копенхаген, брои вкупно повеќе од 50 земји во европскиот регион, меѓу нив и државите од Европската унија, како и Турција, Русија и Украина.