1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

СЗО со критики за бавната вакцинација во Европа

ДТЗ /ДВ
2 април 2021

Организацијата предупреди дека брзото ширење на вирусот во моментов може да го зголеми ризикот од нови соеви коишто се појавуваат во регионот.

https://p.dw.com/p/3rVu3
Slowakei Nitra | Coronavirus | Corona-Impfstoff
Фотографија: TASR/dpa/picture alliance

Експертите на Светската здравствена организација го критикуваат бавното темпо на вакцинацијата во Европа и порачаа дека напливот на инфекции со коронавирус е „загрижувачки“.  Организацијата предупреди дека брзото ширење на вирусот во моментов може да го зголеми ризикот од нови соеви коишто се појавуваат во регионот.

Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, вели дека процесот на бавно вакцинирање во Европа „ја продолжува пандемијата“. „Вакцините се нашиот најдобар излез од оваа пандемија ... Сепак, примената на овие вакцини е неприфатливо бавна“, изјави Клуге.

-повеќе на темата: СЗО многу загрижена поради епидемиолошката состојба на Балканот

Тој порача дека мора да се забрза процесот со засилување на производството, намалување на административните бариери за вакцини и користење на секоја вијала што ја има на залиха. Според Клуге, ситуацијата со вирусот во Европа е „најзагрижувачка во последниве месеци“.

Предупредувања за нови соеви 

Неделниот број на нови случаи во Европа се намали на помалку од еден милион пред нешто повеќе од еден месец. „Минатата недела се зголеми ширењето на Ковид-19 во поголемиот дел од земјите во европскиот регион на СЗО, со 1,6 милиони нови случаи“, соопшти европскиот огранок на СЗО.  Вкупниот број на смртни случаи во Европа брзо се приближува до еден милион, а вкупниот број на случаи ќе надмине 45 милиони.

-повеќе на темата: Ковакс и распределбата на вакцини: 36 држави сѐ уште не добиле ниту една вакцина

Големиот број случаи во целиот регион ги зголеми стравувањата дека може да се појави нова, поотпорна варијанта на вакцините против Ковид-19. Европскиот регион на СЗО се состои од 53 земји и територии кои ја вклучуваат Русија и неколку нации од Централна Азија.

„Загриженоста за појава на нови варијанти на вирусот се зголемува со брзината со која тој се шири, па затоа е клучно ограничувањето на преносот преку основни активности за контрола на болеста“, рече регионалниот директор за итни случаи на СЗО во Европа, Дорит Нитзан.