1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

АстраЗенека и хаосот со вакцината во ЕУ

Марко Милер
10 април 2021

Хаотично и неединствено, вака најдобро може да се опише односот на Европа кон вакцината АстраЗенека против коронавирус. Кратка хронологија на противречните мерки

https://p.dw.com/p/3rkqE
Weltspiegel 18.03.2021 | Corona | AstraZeneca-Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Во врска со старосната возраст која се препорачува кај вакцината АстраЗенека, Европа дејствува сѐ друго освен единствено. Освен тоа, одделни земји постојано ги менуваат своите препораки, во зависност од оценката која важи во актуелниот момент. Оттаму, овој преглед околу примената на британската вакцина е само моментална слика.

Цик-цак во поглед на несаканите појави по вакцинирањето

На крајот на јануари 2021. година, Европската агенција за лекови, ЕМА даде зелено светло за употреба на вакцината на АстраЗенека против Ковид-19. Постојаната комисија за вакцини во Германија меѓутоа препорача користење на вакцината АстраЗенека само кај луѓе под 65 години, бидејќи за постарите немало доволно податоци од клинички студии.

На 11. март Постојаната комисија за вакцини ја одобри вакцината и за лица над 65 години, откако биле собрани доволно податоци за нејзиното дејство. На истиот ден во Данска престана да се вакцинира со АстраЗенека.   

Причина: кај повеќе луѓе во временска поврзаност со вакцинирање со АстраЗенека е забележана церебрална венска тромбоза. Едно лице починало од последици на ретката и опасна болест.

Додека во Германија вакцинацијата продолжи, Холандија, Бугарија и Исланд се приклучија кон прекинот на употреба на АстраЗенека. Подоцна запреа и Франција, Шпанија, Португалија, Италија, Словенија, Луксембруг - и Германија на 15. март.

Три дена подоцна ЕМА соопшти дека вакцината е безбедна во доволна мерка. Еден ден подоцна во Германија продолжи вакцинирање со АстраЗенека без старосни ограничувања.

Откако се покачи бројката на пријавени случаи на церебрална тромбоза специјално кај помлади жени, германската влада, на совет на Постојаната комисија за вакцини, на 30. март даде налог со АстраЗенека да се имунизираат само лица над 60 години.

Еден ден подоцна ЕМА објави дека нема причина за ограничување на возраста на луѓето за вакцинирање со АстраЗенека. ЕМА, по една натамошна проверка, на 7. април дополни дека навистина постои поврзаност меѓу ретката церебрална тромбоза и вакцината, но користа од вакцината недвојбено ги надминува размерите на ризикот од неа, без старосни ограничувања.

Coronavirus - Impfung Bundespräsident frank-Walter Steinmeier
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер се вакицнираше со АстраЗенекаФотографија: Steffen Kugler/Bundesregierung/dpa/picture alliance

Истиот ден британските надлежни служби донесоа одлука вакцината АстраЗенека поради несаканите придружни дејтва да се користи само кај луѓе над 30 години.

Повеќе на темата:

Стоп за „АстраЗенека“ за помладите од 60 години, наскоро нова терапија за Ковид

Фотографија на денот: АстраЗенека – една вакцина, 27 правила за користење во ЕУ

ЕМА и натаму дава зелено светло за АстраЗенека

ЕМА може само да изрекува препораки до 27. земји членки, но одлуките тие ги носат самостојно. Затоа, во поглед на старосната граница која важи за имунизирање со вакцината АстраЗенека, постои шаренило кое го прикажуваат следните редови:

Земји каде вакцината АстраЗенека воопшто не се користи

Откако една 60-годишна жена почина една недела по вакцинирањето со АстраЗенека од церебрална тромбоза, на 11. март Данска целосно престана со употреба на оваа вакцина. Следеше Норвешка, која не е членка на ЕУ. До денешен ден двете држави не ја променија одлуката, која има важност до средината на април.

Вакцинирање на луѓе над 70 години

Исланд, исто така не е членка на ЕУ, на 11. март, кратко по Данска, го прекина користењето на вакцината АстраЗенека, но на 24. март објави нејзино повторно користење за лица над 70 години.

Вакцинирање на луѓе над 65 години

И во Финска на 24. март беше соопштено продолжување на имунизирањето со вакцината АстраЗенека, но само над старосната граница од 65 години. На тоа се приклучи и Шведска. Паѓа во очи дека токму нордиските земји, на северот на Европа, се оние кои пропишуваат висока старосна граница за вакцината или воопшто не ја користат.

Вакцинирање на луѓе над 60 години

И по најновите препораки на ЕМА, кои не содржат ограничувања во врска со староста, во Германија продолжува користењето на вакцината против Ковид-19 на британската фармацевтстка фирма само кај лица над 60 години. Така постапуваат и Италија и Холандија. Шпанија најави дека од 7 април се приклучува на таа пракса. И македонските власти неделава се одлучија за спроведуваат вакцинација според оваа препорака. За граѓаните кои се вакцинираа во Србија со оваа вакцина и треба да се ревакцинираат со неа по три месеци, допрва ќе биде донесена одлука како ќе се постапи. 

Вакцинирање на луѓе над 55 години

Во Франција и во Белгија пак со вакцината смеат да бидат имунизирани само луѓе кои се над 55 години.

Вакцинирање на луѓе над 30 години

Британските здравствени служби, кратко по препораката на ЕМА која не содржи старосни ограничувања, неочекувано соопштија дека вакцината АстраЗенека, развиена од Универзитетот Оксфорд, ќе се дава само на луѓе над 30 години.

Никакви ограничувања

Австрија ги следи препораките на ЕМА и ги вакцинира со АстраЗенека и натаму сите возрасни граѓани, без оглед на нивната старост.