1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Иранците демонстрираат против лагите на својата влада

Карин Сенц | агенции
13 јануари 2020

Иранската полиција демантира дека пукала во антивладините демонстранти во Техеран. Во видеа кои курсираат на интернет, се слушаат истрели во близина на протестите и се гледаат локви крв, како и вооружени војници.

https://p.dw.com/p/3W6VP
Iran | Protest gegen die Regierung in Teheran
Фотографија: hamshahrionline.ir

Илјадници луѓе за време на викендот излегоа на улиците на Техеран во знак на протест. За нив припадниците на иранското раководство се лажговци, откако дури по неколку дена признаа дека го собориле украинскиот патнички авион – иако по грешка.

Пред три недели се чинеше дека иранската нација е обединета во жалоста по генералот Касем Сулејмани и омразата кон САД, кои го убија на 3 јануари. Маса народ чекореше заедно низ улиците. И овој викенд повторно имаше луѓе на улиците и повторно протестираа во знак на жалост. Тие палеа свеќи пред универзитетот во Техеран – за жртвите од авионската несреќа која се случи во средата. Луѓето повторно се лути – но овојпат на сопствената влада.

„Лажговци“ извикуваа демонстрантите. Три дена режимот во Техеран тврдеше дека украинскиот патнички авион паднал поради техничка грешка. Два дена по несреќата, во петокот, Али Абедзадех, шефот на цивилното воздухопловство уверуваше дека нема шанса да е испалена ракета.

„Нашата воздушна одбрана и цивилните воздухопловни власти тесно соработуваат како што е предвидено во законот. Персоналот на двете институции седи еден до друг. Така што е невозможно да се случи нешто вакво," тврдеше Абдезадех.

Сега пак воздухопловните власти на Револуционерната гарда соопштија дека имало прекин во комуникацијата. Војникот кој бил на смена под притисок на времето донел погрешна одлука. Мислел дека украинскиот авион е непријателско летало. Генералштабот најави дека одговорните ќе си преземат одговорност. Демонстрантот Шајан смета дека тоа не е доволно. Тој за АРД вели:

„Сто проценти сум сигурен дека главната вина е кај некој на повисоко ниво, а не кај некој од понизок ранг."

Iran | Trauer und Proteste | Flugzeugabsturz
Во спомен на загинатите патници од соборениот украински авионФотографија: picture-alliance/dpa/Photoshot/A. Halabisaz

Во меѓувреме иранското раководство ја презеде одговорноста за инцидентот. Тоа го соопштија на вестите на државната телевизија. Еден ирански весник критикува дека никој не дал изјава поради што на насловната страница имаа ставено празна говорница.

„Некомпетентната Револуционерна гарда е обележје на нашата нација," повикуваа демонстрантите. Тие креваа тупаници во воздух. Учесниците – за разлика од демонстрациите во ноември – се студенти, интелектуалци и граѓани од средната класа. Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата напиша порака  на Твитер со поддршка за демонстрантите. Полицијата ги растури демонстрациите во неделата вечер, при што употреби и солзавец.

Друг инцидент: британскиот амбасадор во Иран, Роб Меккер, беше задржан неколку часа. Иранската новинска агенција Тасним објави дека учествувал во демонстрациите и провоцирал радикални дејствија. Тој вчера е повторно повикан. Роб Меккер исто така на Твитер напиша дека не бил на „никакви демонстрации“ туку „бил на настан најавен како поворка во знак на жалост за жртвите од авионската несреќа." Неговото апсење го оцени како нелегално. Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб смета дека со ова е прекршено меѓународното право. И на викендот во Техеран имаше многу безбедносни сили по улиците. 

„Според мене, немаат соодветни одговори на ова, особено што причините за несреќата се обзнанија по неколку дена. Нема соодветен одговор за такво нешто," вели демонстрантот Шајан.

Навистина има многу отворени прашања, како на пример, зошто тоа утро, во време на тензичната ситуација откако Иран изврши одмазднички напади врз американски бази, не беше затворен воздушниот простор во земјата. Претседателот Хасан Рохани најави понатамошна истрага.

За демонстрантите од викендот тоа не е доволно. Тие бараат оставка од највисокиот водач во земјата, ајатолахот Хамнеи.

„Бесрамници“,  извикуваа тие повторно и повторно.