1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Иран по грешка го соборил украинскиот авион над Техеран?

БГ /РТР
10 јануари 2020

Западните држави се сомневаат дека противавионска ракета, испукана по грешка од иранската армија, го соборила авионот на украинската национална авиокомпанија над Иран. Њујорк Тајмс објави видео од ударот.

https://p.dw.com/p/3Vyxg
Iran Flugzeugabsturz Ukraine International Airlines | Wrackteile bei Teheran
Фотографија: AFP/Irna/A. Tavakoli

Се множат сомневањата дека авионот од типот Боинг со 176 патници, кој се урна во близина на Техеран, во средата бил соборен од противавионска ракета на иранската армија. Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера ги обелодени сомнежите дека леталото во кое се превезувале десетици Канаѓани било урнато со ракета земја-воздух, додека украинските власти ги испитуваат наводите дека на теренот биле пронајдени остатоци од руска ракета од типот Тор-М1. Иран досега тврдеше дека авионот паднал поради техничка грешка. 

Системот Тор е дизајниран да биде мобилен и да напаѓа цели на висина до 6.000 метри височина и на оддалеченост од 12 километри. 

Екипажот бил беспомошен

Малку е веројатно дека екипажот на цивилниот авион имал време да реагира на ракетниот напад, велат експерти. 
„Тие веројатно не го ни виделе. Веднаш по полетувањето пилотите веројатно биле преокупирани со други работи“, вели Мајкл Дујтсман од Институтот за меѓународни студии Мидлбери.

За да нападне одредена цел, операторот на Тор системот мора најпрво да ја идентификува на радар и да ја насочи ракетата кон неа. Комерцијалните авиони имаат транспондери - радио трансмитери кои го емитуваат нивниот идентитет, брзина и височина. Во близината на летот 752 кој се урна, во тој момент се наоѓале уште неколку други цивилни воздухоплови. Сите тие биле видливи на радарот на воената единица која управувала со Тор, како и за цивилната контрола на аеродромот.

Поранешен европски офицер за противвоздушна одбрана, кој сега работи на одбранбена ракетна технологија, вели дека во идеални услови, плановите за лет и кодовите на транспондерите на сите цивилни летови треба да бидат споделени со воената единица стационирана во близина на аеродромот.

„Уривањето на непријателски авион е лесно. Тешкото е да се идентификува пријателски авион и да не се напаѓа“, вели офицерот кој инсистира на анонимност. 

Шокантно видео

Тор ракетите се наведувани од радар и летаат со три пати поголема брзина од брзината на звукот. Тоа значи дека доколку се напаѓа цел на оддалеченост од 5 километри, тие ќе ја погодат истата во рок од 5 секунди.

Тор е еден од најмодерните системи за противвоздушна одбрана кој го поседува Иран и може да напаѓа две цели истовремено со две ракети, вели Дујтсман. Иран го купи системот од Русија во 2000-те години, и тоа предизвика загриженост кај САД во тоа време.

Американски претставник за агенцијата Ројтерс изјави дека авионот бил во воздух околу две минути кога биле забележани топлотни сигнали од две ракети земја-воздух. Потоа следувала и експлозија во близина на авионот. 
Весникот „Њујорк Тајмс“ објави видео направено со телефон кое го покажува моментот кога ракетата го удира авионот.
Иран досега демантираше дека авионот бил погоден од ракета. 

Безбедносниот експерт Рики Елисон вели дека е невозможно да се пренасочи ракетата откако ќе биде лансирана, дури и доколку операторите со опремата забележале дека направиле грешка. „Кога еднаш ќе ја испукате таа ракета, готово е“, вели Елисон.
Авионската катастрофа се случи истиот ден кога Иран напаѓаше американски цели во Ирак во знак на одмазда поради убиството на генералот Касим Сулејмани.