Умерен напад од Техеран
9 јануари 2020Всушност е апсурдно: ирански ракети погодија две американски бази во Ирак, а светот воздивнува. По сите досега расположливи информации, штетата е мала. Американскиот претседател Трамп реагира, како за негови поимања, релативно разумно. За вчераутро во Вашингтон најави само изјава, а не активирање на ракетите насочени кон ирански споменици на културата.
Од иранска страна, пак, министерот за надворешни работи Џавад Сариф на Твитер објави деескалација: Иран на умерен начин презел и пред сѐ ги заокружил мерките за самоодбрана.
Дали со тоа е сосема исчезната опасноста од разгорување на ситуацијата на Блискиот и Среден Исток? Не. Но, се чини дека светот е барем еден чекор подалеку од бездната, на чиј што раб се најде со убиството на иранскиот генерал Сулејмани од страна на САД.
Техеран си го зачува образот
Ракетниот напад изгледа е точно одмерен: доволно силен за Техеран да си го зачува образот, но под границата која би го довела Трамп до таму да нападне цели во Иран. На цел свет му беше јасно дека Техеран ќе реагира во одреден момент на одреден начин. Убиството на Сулејмани беше чин на војна на кој иранското раководство мораше да одговори. Исто така впечатливо е што Техеран соопшти дека самите тие ќе се одмаздат. Тоа може да се сфати и како порака за сојузниците од „Оската на отпорот" во Либан, Ирак и Јемен, да не се активираат против САД.
Со оглед на тоа дека сега и од американскиот и од иранскиот термолонец се испушти дел од притисокот , се отвора простор за дипломатија, а со тоа и за Европејците. Тие мора да направат сѐ што е во нивна моќ за да ги придвижат двете страни кон воена и вербална демилитаризација.
Дали ќе се држи до политиката на максимален притисок?
На јавните меѓусебни превирања мошне брзо би можеле да следат „закачки” од паравојски поврзани со Техеран или акции кои Техеран веродостојно ќе може да ги негира, иако всушност стои зад нив.
Тоа особено важи ако САД продолжат со својата политика на максимален притисок. Со нивните санкции водат економска војна која го „дави” Иран. Мора да се потсетиме и на тоа дека спиралата на ескалацијата ја започнаа САД со своето еднострано напуштање на Атомскиот договор во мај 2018 година.