1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому му користи убиството на Сулејмани?

Торстен Тајхман (ард)
6 јануари 2020

Во САД се дискутира дали убиството на генералот Сулејмани воопшто им служи на американските интереси. Кој тврди дека САД немаат стратегија за Иран, насила се прави слеп, изјави специјалниот пратеник за Иран, Брајан Хук.

https://p.dw.com/p/3Vkmp
Iran Trauerzeremonie für getöteten General Soleimani in Teheran
Погребна процесија за убиениот генерал Сулејмани во ТехеранФотографија: Reuters/WANA/N. Tabatabaee

Владите во Вашингтон и Техеран и натаму вербално војуваат. По убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, американскиот претседател Трамп во саботата го предупреди Иран да се воздржи од напади врз американски државјани и се закани со напади врз 52 цели - со што алудира на 52-цата американски заложници од опсадата на американската амбасада во Техеран во 1979 година. Министерот за надворешни работи на Иран, Мохамед Џавад Сариф, во неделата возврати дека било „воено злосторство” да се стават на мета спомениците на културата во земјата.

Во САД актуелно се дискутира дали убиството на Сулејмани всушност воопшто им служи на американските интереси. Специјалниот пратеник на САД за Иран, Брајан Хук реагира речиси надразнето. Кој тврди дека САД немаат стратегија за Иран, насила се прави слеп, изјави тој во интервју за првиот канал на германската телевизија АРД во студиото во Вашингтон. Хук по којзнае кој пат ги брани економските санкции против Иран.

„Му скратуваме на режимот приходи кои му се потребни за да го дестабилизира Блиски Исток. Истовремено, ја држиме отворена вратата за дипломатско решение. Режимот на Иран не бара дипломатски излез, туку се обидува нашите разлики да ги реши со воени средства.“

Brian Hook ruft die Gründung der Iran-Aktionsgruppe aus
Специјалниот пратеник на САД за Иран, Брајан Хук реагира речиси надразнето на прашањето дали САД имаат стратегија за ИранФотографија: picture-alliance/Xinhua News Agency/L. Jie

Во САД се дискутира дали администрацијата на Трамп реагирала со мерка и стратешки на таквиот предизвик. Прашањето притоа е дали намерното убиство на командантот на бригадите Ал-Кудс, Касим Сулејмани, воопшто им служи на американските интереси.

Од администрацијата на Трамп постојано се тврдеше дека сакаат да го намалат влијанието на Иран на Блискиот Исток. Но, во истовреме, всушност, американската војска е онаа која со нападот врз иранскиот командант во Багдад ја повредува сувереноста на Ирак и е безобѕирна кон ситуацијата на нејзините сојузници.

Како реакција владата во Багдад побара да бидат повлечени петте илјади американски војници кои беа стационирани во Ирак за борбата против Исламска држава. Потоа Вашингтон му се закани на Ирак со санкции.

Германија, која исто така има свои војници во Ирак, дискутира за тоа целосно да ја укине мисијата за обуки вотаа земја. Министерот за надворешни работи Хајко Мас рече: „Ние ќе ја прифатиме секоја одлука која ќе биде донесена таму (во Ирак)“

Вакуумот кој настанува заради безобѕирноста на Вашингтон може да го пополни само една земја: Иран.

А, како владата на Трамп сака да ја постигне декларираната цел да преговара нов атомски договор? Техеран следната недела ќе најави кои делови од стариот договор веќе нема да ги почитува.

Irak Parlament Bagdad | Adel Abdel Mahdi, Premierminister
Багдад побара да бидат повлечени војниците кои беа стационирани во Ирак за борбата против Исламска државаФотографија: Reuters/Iraqi Prime Minister Media Office

Во Вашингтон нема одговори на овие прашања. Наместо тоа американскиот претседател Доналд Трамп им нуди чувство на задоволство на сите оние кои заедно со него го делат мислењето дека на противникот Иран му задале тежок удар:

„Денеска им оддаваме почит на жртвите на злосторствата на Сулејмани. Ни дава утеха тоа што знаеме дека дојде крај на неговото тероризирачко владеење“, изјави Трамп.

Одлуката да се убие иранскиот генерал најверојатно е донесена во голф-одморалиштето на Трамп, Мар-а-Лаго на Флорида. Министрите за одбрана и за надворешни работи, Марк Еспер и Мајк Помпео, минатиот понеделник наводно му предложиле неколку воени опции. Претходно милицијата Ката-еб Хезболах со иранска поддршка нападна воена база во Ирак, при што беше убиен еден Американец.

Повеќе:

Иран и САД можат да го „запалат“ целиот регион

Убиството на иранскиот генерал - објава на војна

Ескалација во Ирак: Ракети и пропаганда

Трамп нареди напад врз позиции на милициjата во Ирак и Сирија, во кој загинаа 25 лица. По протестите во Ирак, во кои американската амбасада беше нападната со камења и беа искршени прозорци, Трамп ја одбра најсериозната опција: убиство на иранскиот командант и еден од клучните стратези, Касим Сулејмани – на големо изненадување на соработниците во Министерството за одбрана, како што пишуваат весниците „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Лос Анџелес тајмс“.

Тактичкиот воен напад оттогаш отвори многу прашања во Вашингтон: дали администрацијата на Трамп сепак се залага за смена на режимот во Техеран? Се заканува ли директна конфронтација? Кој е излезот?

На брифинг со новинарите претставник на администрацијата на Трамп реагираше шеговито: „Исусе, мора ли да објаснуваме зошто правиме нешто?" Ова стои и во записот од телефонскиот разговор. Но, владиниот претставник исто така немаше одговор на прашањето каква е стратегијата за Иран.