1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран призна дека авионот бил погоден со ракета

ЕМФ
11 јануари 2020

По повеќедневни деманти, Иран призна дека авионот кој се урна во близина на Техеран бил погоден од ракета. Иранскиот претседател Хасан Рохани на Твитер напиша дека Иран најдлабоко жали за „катастрофалната грешка“.

https://p.dw.com/p/3W1zJ
Iran | Überreste des abgestürzten Flugzeugs der Ukraine International Airlines
Фотографија: Reuters/West Asia News Agency

Соборувањето на украинскиот патнички авион, според иранската војска, се случило ненамерно. Боингот 737-800 бил погоден до ракета во моментот кога минувал во близина на воен објект на Револуционерната гарда. Одговорните за ракетирањето, како што тврди Иран, ќе одговараат во рамките на армијата.

Иранскиот претседател Хасан Рохани на Твитер напиша дека Иран најдлабоко жали за „катастрофалната грешка“. Тој им изрази сочувство на семејствата на загинатите 176 патници и членови на екипажот. Министерот за надворешни работи Мохамед Џавад Сариф дел од вината им префрли и на САД. Според него, ракетирањето е резултат на „човечка грешка во кризни времиња, предизвикани од американската авантуристичка политика“.

Украина бара извинување и обесштетување

По признанието на Иран дека авионот бил погоден од ракета, украинскиот претседател Володимир Зеленски од Техеран побара да ги изведе пред лицето на правдата одговорните и да плати обесштетување. „Денешново утро не беше добро, но барем ја изнесе вистината на виделина’, напиша денеска Зеленски на Фејсбук. Освен тоа, украинскиот претседател од Техеран очекува „целосна и отворена истрага“. „Се надеваме дека истрагата ќе продолжи беа намерни одлагања и пречки“, напиша тој.

Авионот беше соборен во средата наутро, непосредно по полетувањето од Техеран. Загинаа сите патници, меѓу кои и 57 Канаѓани. Неколку часа претходно Иран ракетираше воени бази во Ирак, кои ги користат САД и меѓународните сили, во знак на одмазда за убиството на генералот Касем Сулејмани.

САД и Канада изразија сомневањедека причина за падот на авионот би можела да биде ненамерно ракетирање. Но, до вчера, Иран упорно го отфрлаше тоа и го нарекуваше „психолошка војна“. Надлежните за цивилна воздушна пловидба во четвртокот, изненадувачки брзо, поднесоа првичен извештај, во кој стануваше збор за технички проблем непосредно по полетувањето на авионот.