Куриер: Оне.Вип се сели во објект на Груевски и Мијалков?!
4 декември 2017Дали новото седиште на Оне.Вип во Скопје е во сопственост на корумпираниот круг соработници на експремиерот Никола Груевски? Оваа тема ја истражува австрискиот весник Куриер и пишува дека сомнежите за такво нешто постојат, не само во македонската јавност, и оти се спорни врските меѓу Австрија Телеком и некои поранешни министри во владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќерката на австриски Телеком во Македонија - Оне.Вип следната година треба да добие ново седиште во главниот град Скопје. Од 2009 година фирмата е сместена во бизнис-центар во центарот на Скопје, кој му припаѓа на познатото австриско градежно семејство Соравија. Австрискиот Телеком, односно Оне.Вип досега беа вносни партнери за Соравија. Имено тие досега плаќаа кирија за просториите од 70 илјади евра месечно“, пишува Куриер.
Она што е спорно, според весникот, е кој стои зад новиот комплекс во кој треба да се пресели Оне.Вип.
„За сопственикот на новата зграда- комплексот Св. Мина на кејот на Вардар- во која треба да биде седиштето на Оне.Вип, веќе со месеци се шпекулира. Официјално како сопственици се заведени една фирма- трговец со текстил и една градежна фирма. Вистинските сопственици веројатно се дел од најблискиот круг на длабоко корумпираниот поранешен премиер Никола Груевски“.
Повеќе на темата:
- Дали Груевски и Мијалков купуваат фирми во Србија?
- Љушев прв на удар поради „соработката“ на Вип со СЈО
- Телеком Австрија: Смената во Вип нема врска со истрагата на СЈО
Фекален курцшлус
Се работи за земјиштето во строгиот центар на Скопје, кое во македонската јавност се вртеше откако се случи мала хаварија на градежниот плац и се создаде езеро од фекалии, веднаш до новата зграда на Факултетот за драмски уметности. Инцидентот кој се случи во септември 2016 година, тогаш отвори бројни прашања околу сопствениците на земјиштето и на фирмата која го гради објектот.
Изведувач на објектот е фирмата „Рапид Билд“, а инвеститор „Волис Проперти ФЛ ДОО“. Зад овие фирми стојат Тони Каранфиловски и Зоран Антиќ. Фирмите на Каранфиловски градат делница од гасоводот Скопје-Тетово. Но мнозински сопственици на фирмите всушност се „Билдинг капитал“ и „Билд фашн груп“ од Прага, Чешка. За тие фирми се шпекулира дека се во сопственост на еден од браќата Мијалкови.
Австриски Куриер, тврди дека се работи за Сашо Мијалков.
„Конкретно, се работи за Сашо Мијалков- братучед на Груевски и поранешен шеф на тајната служба. Се смета дека Мијалков има блиски односи со телеком индустријата. 'Нашите контроли не пронајдоа никакви наводи за неправилности кај сопственикот', објаснува портпаролката на Телеком Австрија, Барбара Грос. Прашањето е само, како контролорите воопшто можеле да ги проверуваат можните семејни врски меѓу политиката и бизнисот во Македонија?“, се прашува Куриер.
Врската Ивановски
„Заднината на шпекулациите е во спојувањето на словенечката ќерка-фирма Оне со Вип на Телеком Австрија во 2014 година. Пред неколку недели Телеком Словенија му го продаде својот преостанат удел од 45 проценти на Телеком Австрија за 120 милиони евра и целосно се повлече од фирмата. Претходно, Вип го презеде и Близоо Македонија и во меѓувреме стана лидер на пазарот. Актуелниот директор на бордот на Телеком, Алехандро Платер тогаш воопшто и не беше во бордот. При спојувањето во Скопје, концернот Америка Мовил на мексиканскиот милијардер Карлос Слим веќе беше мнозински акционер во Телеком Австрија. Како што веќе пишувавме, телекомуникацискиот министер на Груевски, Иво Ивановски непосредно по заклучувањето на зделката почна да работи како лобист за Мексиканецот во Брисел. Потоа му се приклучи на Телеком Австрија, а во 2017 година, дополнително стана и шеф за „Спојувања и превземања“ на Телеком Австрија. За да се отвори место за Ивановски, беше отпушен еден од Австријците кој ја држеше таа функција претходно. Притоа, Слим и Ивановски се во пријателски врски. Слим беше гостин и на свадбата на Ивановски.
Изнудена преселба?
При потпишувањето на договорот за спојување во 2014 година, договорена е и преселбата во комплексот Св. Мина. Извори во Вип тврдат дека промената на седиштето било направено под притисок од македонската влада со која тогаш раководеше Груевски. На тој начин требало да биде покажана благодарност за спојувањето.
„Тоа не е точно“, тврди портпаролката на Телеком Австрија. Поради спојувањето и преземањето на Близоо, имало различни седишта. „Ја искористивме можноста да добиеме едно соодветно седиште на фирмата, кое одговара на нашите потреби и им овозможува адекватно работно место на нашите околу 500 вработени“, вели Грос.
На крајот на текстот, Куриер ги споменува и минатогодишните посети на тогашниот шеф на дипломатијата Себастијан Курц на Скопје, иако не наведува никаква дирекна релација со случајот на Оне.Вип. „Идниот австриски канцелар мораше во 2016 година да му дава предизборна поддршка на Груевски. На еден митинг во Скопје Курц им се заблагодари на своите 'драги пријатели' за помошта при затворањето на балканската рута“, пишува Куриер.
Последниот текст е дел од серијата истражувања на Куриер за работата на Австрија Телеком и нејзината ќерка Вип.Оне во Македонија. Во фокусот досега најчесто беше поранешниот македонски министер, и актуелен шеф во Телеком Австрија, Иво Ивановски. На крајот на октомври годинава, Куриер откри дека висок менаџер на фирмата бил отпуштен од работа за да се отвори место за „штитеникот“ на Карлос Слим- Ивановски. За тој случај сега се води судски спор пред австриските судови.