1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Груевски и Мијалков купуваат фирми во Србија?

2 декември 2017

Српскиот опозиционер Вук Јеремиќ тврди дека луѓе блиски до експремиерот Груевски и неговиот братучед Мијалков купуваат фирми во Србија, во дослух со владата на Александар Вучиќ

https://p.dw.com/p/2oe8l
Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Ги извлекуваат ли високите функционери од режимот на Никола Груевски парите од Македонија? Поранешниот српски министер за надворешни работи и актуелен лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ тврди дека продажбата на фабриката „14 Октомври" во неговата земја е дел од шемата за извлекување на валкани пари од Македонија. Тој обвинува дека директно вмешан е братучедот на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Луѓето од тој режим (на Груевски, н.з.), а во прв ред Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција и десна рака на Груевски, панично тргнаа да ги извлекуваат парите стекнати со корупција во Македонија и да ги пласираат со разни шеми, преку рајски острови, Холандија, а во случајот на '14 Октомври', преку Чешка", вели Јеремиќ.

Српскиот опозиционер тврди дека во Македонија се води „сериозна истрага" со учество на меѓународни органи, за Мијалков и други лица од поранешниот државен врв. 

Фабриката „14 Октомври" од Крушевац, која беше во стечај речиси две години, во октомври годинава беше купена од чешкиот конзорциум „Чехословак груп" кој поседува големи компании како „Татра камиони", „Татра воени возила" и „Авиа". Според податоците во чешкиот државен регистар, ни Груевски, ниту Мијалков немаат никакви удели во оваа компанија, ниту пак е видлива некаква директна врска на други високи државни функционери од власта на ВМРО-ДПМНЕ во неа.

Долгогодишна врска

Но, она што ги поврзува Мијалков и некои од водечките луѓе во компанијата е Војислав Спаравало. Спаравало, имено, е директор на СЦМГ, ќерка-фирма на „Чехословак груп" која го изврши преземањето на фабриката во Крушевац и говореше при промоцијата на договорот.

Војислав и неговиот брат Дејан Спаравало се долгогодишни бизнис партнери на Мијалков и долги години живееле и на иста адреса во Прага.

Браќата Спаравало се познати бизнисмени во Чешка каде поседуваат десетици фирми и бројни недвижности вредни милиони евра во Прага и други градови. Со Сашо Мијалков соработуваат уште од 90-те години на минатиот век, а директно ги поврзува фирмата „Сервис Поинт ММ". Фирмата во моментов е во ликвидација, но тоа и не е новина. Имено таа, во повеќедецениското постоење била ликвидирана, па повторно активирана најмалку три пати. Но, како константа секогаш останувале тројцата содружници: Мијалков и браќата Спаравало. Од октомври 2003, според податоците во чешката управа за приходи и државен регистар, тројцата партнери го делат уделот во фирмата по принципот: 50 проценти за Мијалков, по 25 отсто за двајцата браќа.

Screenshot "Das Firmenregister in Tschechien"
Фотографија: firemny-register.sk/podnikani.cz

До 30 април 2016 година - од кога датира последната ликвидација - фирмата Сервис Поинт ММ повеќепати е ликвидирана и повторно активирана, а во меѓувреме, во 2010 година на тројцата партнери, им се придружува и лицето Фан Хуи Хоа. Партнерите дотогаш, по правило секогаш се повторувале: Мијалков и браќата Спаравало, а дури и сумите кои содружниците ги внесуваат во компанијата се дури на три пати идентични: во 2003; 2004 и 2006 браќата Спаравало секогаш влегуваат со основачки влог од 50 илјади чешки круни, а Мијалков со сума од 9 милиони и 827 илјади чешки круни (колку што е основачкиот влог на фирмата во 2003 година) за 50 отсто од фирмата. На крајот, при последната продажба на „Сервис Поинт ММ" на лицето Фан Хуи Хоа, сумата повторно е речиси идентична: тој имено плаќа 9 милиони 927 илјади круни за фирмата која кусо потоа е ликвидирана.

Браќата Спаравало, во меѓувреме, и натаму поседуваат фирма која носи слично име „Сервис Поинт", но во неа засега нема податоци за учество на Мијалков.

Тајкунска мрежа
Што се однесува до конзорциумот „Чехословак груп" во него акционери се десетици луѓе и фирми, но потрагата по прецизни информации ја отежнува фактот што таа е регистрирана во Холандија, додека во Чешка функционираат бројни ќерки-фирми.

Според истражувањето на Проектот за известување за организиран криминал и корупција објавено во мај 2014 година, браќата Спаравало преку својата мрежа од компании имаат блиски врски и соработка и со познати чешки тајкуни по потекло од Србија и просторот на поранешна Југославија, како Милорад Мишковиќ, Миодраг Максимовиќ и поранешниот хрватски генерал Владимир Загорец.

Сашо Мијалков беше прв човек на тајната полиција во Македонија од 2006 до 2015 година, но речиси во сиот тој период ги задржа и своите бизниси во Чешка. Паралелно, во македонската јавност долго постојат сомневања дека тој поседува бројни вносни бизниси и во земјата, а неговото богатство се проценува на десетици милиони евра. Против Мијалков во Македонија во моментов се водат три истраги од страна на Специјалното јавно обвинителство, во кои тој е осомничен или обвинет за незаконско прислушување, злоупотреба на функцијата и тортура. Против неговиот братучед и експремиер Никола Груевски исто така се водат повеќе истраги од СЈО. На обајцата им се закануваат долгогодишни затворски казни доколку бидат прогласени за виновни.