1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Телеком Австрија: Смената во Вип нема врска со СЈО

23 ноември 2016

Од австриската мајка-компанија на македонскиот Вип тврдат дека заминувањето на Љушев од челната позиција нема врска со истрагата на СЈО и не е резултат на надворешни влијанија.

https://p.dw.com/p/2T6Q3
Österreich Banner Telekom Austria
Фотографија: picture-alliance/APA/picturedesk.com/R. Jaeger

„Г-дин Љушев самостојно ја донесе одлуката“, тврдат во изјава за ДВ од Австриjа Телеком, еден ден откако долгогодишниот прв човек на мобилниот оператор Вип во Македонија, Никола Љушев неочекувано си поднесе оставка.
„Никола Љушев одлучи да направи пауза и да се насочи кон нови предизвици надвор од компанијата“, велат во австрискиот концерн.
Оттаму дополнуваат дека истрагата на СЈО во врска со случајот „Таргет“ и евентуалната соработка од Вип во истрагата немале никакво влијание врз одлуката.И самиот Љушев вчера во куса изјава за ДВ, тврдеше дека заминувањето е негова лична одлука.

Од Австрија Телеком отфрлаат какво било политичко мешање во одлуката од страна на владата или на владејачките партии.
„Персоналните одлуки на компанијата се вршат исклучиво врз основа на оперативните потреби и не потпаѓаат под надворешен притисок или влијание од каков било вид“, велат од седиштето на компанијата во Виена.

Сепак, тајмингот и околностите во кои се случува смената оставаат многу дилеми. Заминувањето на првиот човек на Вип се случува само неколку денови по прес-конференцијата на СЈО на која беше обелоденет случајот „Таргет“. СЈО на прес-конференцијата по тој повод откри дека успеало да добие информации за масовното прислушување од еден од двата македонски телекомуникациски оператори. Според непотврдени информации, податоците се добиени од Вип, додека одговорите од Македонски Телеком се бараат со судски налог. Се работи за податоци за телефонските броеви што биле цел на незаконско следење на комуникациите. 

Mazedonien VIP Telekom Anbieter Logo
Љушев беше на чело на Вип од 2007 година

Под претпоставка дека Вип била компанијата од каде СЈО добило податоци, сепак останува отворено прашањето на кое ниво се одвивала размената. Според информациите на ДВ, самиот Љушев не бил многу наклонет кон соработката со СЈО, па неговото заминување се толкува и како можна казна затоа што не успеал да ја спречи таквата соработка. Во доменот на шпекулациите останува и проценката какво би било однесувањето на компанијата при судска разврска на случајот.

На прашањето на ДВ дали Вип соработува во истрагата на СЈО за масовното прислушување и дали новиот директор Димитар Ковачевски ќе ја продолжи таа соработка, од Телеком Австрија одговараат потврдно.
„Целосната соработка со државните органи и институции во склад со легалните и законски обврски е само по себе разбирливо за компанијата".