1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џонсон: Нов договор или без договор

СН/агенции
2 октомври 2019

Британскиот премиер најави дека на ЕУ денеска ќе ѝ испрати финален предлог за договорот за Брегзит и бара од Брисел да му излезе во пресрет. Во спротивно, тој Велика Британија ќе ја изведе од Унијата без договор.

https://p.dw.com/p/3Qe4q
Großbritannien Boris Johnson beim Parteikongress in Manchester
Фотографија: Reuters/H. Nicholls

Борис Џонсон го стави Брисел пред избор помеѓу договор за Брегзит, врз основа на неговите најнови планови, или нерегулирано излегување на Велика Британија од Европската унија на 31 октомври. Ова британскиот премиер јасно го нагласи во Манчестер. Џонсон пред партиските делегати истакна дека денеска на Европската унија ќе ѝ испрати „конструктивен и разумен“ компромис за договорот за Брегзит и предупреди од сериозни последици за довербата во демократијата доколку Велика Британија не излезе од европскиот блок во зададениот рок на крајот на октомври.

Британскиот премиер на конгресот на Ториевците уште изјави дека неговиот нов план за Брегзит претставува компромис за Велика Британија и изрази надеж дека ЕУ ќе го сфати тоа и оти ќе направи компромис од своја страна.

Без граници помеѓу Ирска и Северна Ирска

Тој прецизираше дека неговиот предлог исклучува какви било контроли на границата помеѓу Северна Ирска, која е дел од Обединетото кралство, и Република Ирска, што беше клучен камен на сопнување во разговорите со Брисел.

Premierminister Boris Johnson im  BBC TV Interview Andrew Marr Show
Фотографија: Reuters/BBC/J. Overs

„Под никакви услови нема да имаме контроли на границата, или во близина на границата со Северна Ирска“, истакна Џонсон.

Повеќе на темата:

-Кој може да ја спаси Велика Британија?

-Мајката на парламентите извојува победа над таткото на лагите

-Нов тежок удар од Врховниот суд за Борис Џонсон

Во својот говор лидерот на Конзервативната партија и британски премиер рече дека излегувањето на земјата од ЕУ без договор не е исход кој неговата влада го сака, но оти е подготвена и на тоа. Џонсон наведе дека не треба да има сомневања дека Брегзит без договор е единствена алтернатива за финалниот предлог, кој тој денеска ќе ѝ го поднесе на Европската унија.

„Ќе има сериозни последици за довербата во демократијата ако Брегзит се одложи по 31 октомври“, истакна Џонсон, додавајќи: „По три и пол години, луѓето почнуваат да мислат дека ги сметаат за будали и почнуваат да се сомневаат дека во оваа земја има сили кои едноставно не сакаат воопшто да се случи Брегзит. И ако се потврди дека се во право со таквите сомнежи, тогаш верувам дека ќе има сериозни последици за довербата во нашата демократија“.

Брисел на готовс за новите предлози

Европските преговарачи сега се во очекување да ги добијат новите британски предлози. Пратеникот на Борис Џонсон за прашањето на Брегзит, Дејвид Фрост, попладнево треба да им ги претстави предлозите на соработниците на главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, јавува новинската агенција Франс Прес, повикувајќи се на дипломатски извори.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, пак, денеска треба да оствари телефонски разговор со британскиот премиер, соопшти неговата портпаролка.

Договорот за Брегзит кој со ЕУ го постигна неговата претходничка на функцијата, Тереза Меј, трипати беше отфрлен од страна на британскиот парламент, во голема мерка и поради таканаречениот бекстоп - смислен со цел да осигура дека нема да дојде до повторно воспоставување на царински пунктови или друга погранична инфраструктура на границата помеѓу Република Ирска и Северна Ирска.