1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Зошто ЕУ и САД преземаат мерки против ТикТок

Штефани Хепнер
24 април 2024

САД бараат присилна продажба на кинеската социјална мрежа ТикТок, а ЕУ покренува натамошна постапка против неа. Во што се состои проблемот?

https://p.dw.com/p/4f8MH
Лого на ТикТок пред седиштето на компанијата во Калифорнија, САД
Лого на ТикТок пред седиштето на компанијата во Калифорнија, САДФотографија: Mario Tama/Getty Images

Речиси и да нема друга апликација која е толку популарна меѓу децата и младите ширум светот како што е тоа ТикТок - и ретко која е толку контроверзна. Во изминатите неколку дена кинеската видео платформа повторно привлече гнев врз себе. Преглед на актуелната состојба:

Зошто ТикТок треба да биде забранет во САД?

Американскиот Сенат доцна во вторникот (по локално време) гласаше за присилна продажба на апликацијата во САД. Американскиот закон со тоа помина и во вториот дом на Конгресот -  за него викендов гласаше и Претставничкиот дом. Тоа значи дека сега е на масата на претседателот Џо Бајден, кој веќе најави дека ќе го потпише.

Според законот, ТикТок треба да се одвои од својот кинески матичен концерн Бајтденс во рок од 270 дена, а доколку е потребно, рокот може да се продолжи за уште 90 дена. Во спротивно, ТикТок ќе мора да се отстрани од продавниците за апликации на Епл, Гугл и компанија. Или во најмала рака ќе се спречи ново симнување на апликацијата.

Парламентарната иницијатива против ТикТок произлегува од загриженоста за заштита на податоците: Бајтденс е осомничен дека ѝ овозможил пристап на кинеската Комунистичка партија до податоците на корисниците. Во САД тоа се околу 170 милиони луѓе. Поточно, се стравува дека ТикТок би можел да биде принуден да ги предаде корисничките податоци. Освен тоа, Кина би можела да шири пропаганда и дезинформации преку алгоритмот. Компанијата ги отфрла обвинувањата.

ТикТок симболична слика
Пребарување со часови: Многу млади луѓе поминуваат голем дел од денот на ТикТокФотографија: Zacharie Scheurer/dpa-tmn/picture alliance

Зошто ЕУ води истрага?

И ЕУ повторно го има ТикТок на нишан, иако од сосема различни причини. Во нова постапка ќе се испита дали функцијата за наградување на новата апликација ТикТок Лајт го загрозува менталното здравје на младите и со тоа ги прекршува правилата на ЕУ. Новата апликација постои од април и моментално во Европа е достапна само во Франција и Шпанија.

Големите социјални платформи како Фејсбук, X (порано Твитер), Инстаграм и ТикТок од август 2023 година мора да ги исполнат барањата кои произлегуваат од Законот за дигитални услуги (ДСА). Законот за дигитални услуги има за цел да спречи нелегални или штетни онлајн активности. Забранети се и таканаречените „dark patterns“, односно манипулативни практики за задржување на корисниците на платформите.

Европската комисија го критикува ТикТок за воведувањето на новата верзија на апликацијата ТикТок Лајт во две земји-членки на ЕУ без претходна адекватна проценка на ризиците. Концернот имаше рок да поднесе извештај до 18 април, но рокот не е испочитуван. Потоа му беше даден нов рок од 24 часа и, според сопствени изјави, концернот ја доставил потребната проценка на ризик за новата апликација.

Тоа значи дека платформата, која е позната по своите видеа со танцување и е особено популарна кај младите, засега избегна казна. Во спротивно, ЕУ можеше да изрече казни до еден процент од вкупниот годишен приход. Контроверзната функција за наградување на новата верзија на апликацијата (видете подолу) исто така можеше да биде блокирана.

ЕУ веќе отвори постапка против ТикТок во февруари. Притоа, меѓу другото, се работеше за наводно несоодветна заштита на малолетниците.

Зошто ТикТок ги прави младите зависни?

Зошто ТикТок Лајт се смета за особено опасен за создавање зависност?

ТикТок Лајт содржи нов систем за поени што не е достапен во традиционалната верзија на ТикТок. Секој што гледа што е можно повеќе видеа, „лајкува“ содржина - т.е. ја оценува позитивно - или поканува пријатели на ТикТок, добива дигитални монети. Овие монети може да се заменат за ваучери, на пример за онлајн продавницата Амазон. Европската комисија смета дека оваа функција особено предизвикува зависност.

Апликацијата, која содржи и многу видеа за танцување и пеење, е особено популарна кај децата и младите. Според условите за користење, корисниците мора да имаат најмалку 13 години. Под 18 години, родителите или другите законски старатели мора да дадат официјална согласност. Сепак, не е јасно дали возраста се проверува ефикасно, објаснуваат од ЕК.

Дали ТикТок генерално создава поголема зависност од другите социјални медиуми?

Алгоритмите на ТикТок работат малку поинаку од алгоритмите на постарите социјални платформи - и затоа можеби може побрзо да предизвикаат зависност. За разлика од претходните платформи, алгоритмите од самиот почеток прикажуваат видеа што другите корисници ги сметаат за привлечни, наместо примарно да прикажуваат содржини од профили кои на корисниците им се допаѓаат.

ТикТок симболична слика
Содржините со танцување се особено популарни кај младите девојки Фотографија: ROBIN UTRECHT/picture alliance

И, алгоритмите на ТикТок се исклучително интелигентни. Колку повеќе време корисниците поминуваат на ТикТок, толку стануваат попрецизни предвидувања за тоа што би можело да им се допадне.

Тоа не е без последици. Американскиот весник „Вашингтон пост“ во извештај од март 2023 година информира дека речиси половина од сите тинејџерки во САД велат дека се зависни од ТикТок. Според истражувачите, кога девојчињата ја користеле платформата, тие поминувале во просек повеќе од 2,5 часа на апликацијата. Девојките со депресија се особено подложни на зависност.

Дел од младите луѓе дури ја користат апликацијата повеќе или помалку секогаш. Според американскиот институт за истражување на мислењето Пју Рисрч, од септември 2023 година, околу 17 отсто од младите луѓе го поминуваат своето време речиси постојано пребарувајќи низ апликацијата - најголем процент во споредба со другите апликации.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема