ТикТок „на продажба”: кој може да го купи и колку ќе чини?
21 март 2024За продажба: една од светски најуспешните платформи со милијарда корисници во 140 земји.
Звучи како добра зделка за некој што има амбиција и пари. ТикТок, која е во кинеска сопственост, не е само апликација за споделување на клипови, туку феномен што ги менува социјалните медиуми и начинот на кој комуницираат луѓето.
Задршките во однос на националната безбедност во САД не ги олеснуваат нештата. Плус протекционистичките ставови и воздржаноста во однос на Кина генерално, се засилени, па Конгресот не одолговлекува со притисокот врз компаниското раководство.
Американскиот Конгрес диктира?
Американскиот Конгрес ТикТок не го гледа само како платформа за забава, туку и за вести и информации која може да биде користена и за пропаганда. Со децении САД имаа рестрикции во однос на странско сопствеништво на традиционални медиуми како радиото и телевизијата или кабелските оператори; од таму за пратениците рестрикции на ТикТок се логична последица на 21 век.
На 13 март во Претставничкиот дом се гласаше за присила да се продаде апликацијата во рок од шест месеци или да се забрани на Гугл и Епл во земјата. За да стапи на сила, нацрт законот мора да биде изгласан и од Сенатот, а претседателот Бајден рече дека ќе го потпише ако помине во Конгресот.
ТикТок можеби чека на рицарот што треба да му го спаси бизнисот во Америка. Но, кругот на достапни кандидати е мал - Илон Маск е зафатен со платформата Х, поранешен Твитер. Кој друг би дошол предвид? Што ќе се случи со 170 милиони американски корисници ако не може да се продаде?
Кратка историја во 60 секунди
Ова не е прв пат ТикТок да треба да се најде на продажба. Трамп се обиде со директива да му нареди на БајтДенс, сопственикот на ТикТок, да го продаде на американски сопственик во 2020 година.
Се чинеше дека договор со Оракл е извесен, но напорите беа безуспешни исто како и обидот да се забрани симнување на апликацијата за Гугл и Епл.
Од ТикТок од тогаш велат дека вложиле многу напори да ги избришат податоците на американските корисници од БајтДенс и да ги префрлат на американски сервери во рамки на операцијата наречена „Проект Тексас”. Теориски тоа би требало информациите да ги направи недостапни за кинескиот надзор.
Многу експерти како Милтон Милер, кој е експерт за сајбер безбедност во Џорџија институтот за технологија од Атланта, се сомневаат дека воопшто има закана за безбедноста откако имале увид во сите докази. Сепак, многу американски политичари и владини контраразузнавачи и тајните служби не се задоволни и сакаат да го преземат следниот чекор.
Кој би сакал да го купи ТикТок?
Имајќи го ова на ум, да се купи платформата или само американскиот дел не би било обична бизнис трансакција. Тоа би било геополитичко минско поле. Дали БајтДенс би задржал мнозинска сопственост влечејќи ги конците од позадина? Кој би бил задолжен за оперирање и апдејтирање на моќниот алгоритам?
Милер, кој ТикТок го гледа неколку пати неделно, смета дека продажба „теориски е можна, но многу компликувана и мошне малку веројатна”. Тој додава дека „кинеската влада можеби нема да ја дозволи и дека не е јасно што би се добило со тоа, или што значи да се продаде ‘дел’ од глобално исповрзан сервис на социјалните медиуми."
БајтДенс се чини подготвена за правна битка. Кинеската влада е воздржана, но би можела да се обиде да спречи продажба со воведување на забрана за технологијата која стои зад апликацијата. Без алгоритми, ТикТок не би бил толку атрактивен.
Покрај тоа, тешко е да се повлечат граници и да се спречи пристап со нешто толку слободно достапно колку што е една апликација. Продавниците за апликации ќе нора да ги блокираат сите нови симнувања и апдејти за оние кои веќе ја имаат апликацијата. Покрај тоа, периодот е многу краток. Милер разговарал со многу луѓе од ТикТок кои велат дека таков технички и логистички потфат не функционира за толку кратко време. Тие би имале шест месеци, „додека Гриндр од друга кинеска компанија имал една година време за истото," посочува Милер.
Прескапа набавка
Предизвиците се намножуваат. Било каква форма на забрана во Америка би довела до Уставни измени на првиот член затоа што „би им било ускратено правото на слободен говор на американските корисници, а не на странци или на кинеската влада," вели Милер.
Друго прашање е цената. Серија аналитичари велат дека и покрај потешкотиите, ТикТок би можел да се продаде за преку 50 милијарди долари. Само неколку компании би можеле да си дозволат да потрошат толку пари, меѓу кои Епл, Амазон, Гугл, Мета, Мајкрософт или Нетфликс.
Некои од тие компании би завршиле под лупата на антимонополските власти поради тоа што поседуваат премногу од важна технологија. Алтернативно, цела или делови од платформата ТикТок би можеле да завршат како независни јавни компании, или во купувањето да се вклучат гигантски приватни фондови со седиште во САД.
По минатонеделното гласање, поранешниот секретар на американскиот Трезор, Стивен Мнучин, рече дека работи на поврзување на група инвеститори кои би можеле да ја преземат компанијата, без да наведе детали. Иронично, Мнучин е еден од оние кои пред четири години притискаа за продажба додека беше член на кабинетот на Доналд Трамп.
Очигледно не е во прашање апликацијата
Милер вели дека на крајот не се работи ни за добар бизнис, ни за националната безбедност. „Ова е точка во поширокиот натпревар на моќ меѓу Кина и САД и се користи и од симболички причини", оценува тој.
„Да се поистовети комерцијална апликација на социјални медиуми со шпионажа и да се нарече директорот на ТикТок од Сингапур агент на кинеската Комунистичка партија е очигледно неиздржано," ама добро проаѓа и кај Демократите и кај Републиканците „кои САД ги гледаат во натпревар со Кина за задржување на американската хегемонија," вели тој.
Да се изнуди продажба на сопствеништвото исто така би било опасен преседан кој би можеле други влади да го користат против американски социјални медиуми.
Милер очекува дека таков дигитален протекционизам на крај ќе доведе до „помалку конкуренција и иновација на пазарот на социјални медиуми." И секогаш ќе има нова закана за националната безбедност. Можеби кинеските електрични возила или батериски системи? Спиралата може да нема крај.
Па, дали има заинтересирани за купување?