Ќе добие ли ТикТок нов сопственик?
3 август 2020Мајкрософт потврди дека води преговори со кинеската компанија БајтДенс за преземање на нивната апликација за објавување видео клипови ТикТок во САД.
Во соопштението објавено во неделата, Мајкрософт наведе дека ќе продолжи да соработува со владата на САД по ова прашање и оти има намера да ги заклучи преговорите до 15 септември, пренесуваат медиумите.
Ако оваа зделка заврши како што е планирано, Мајкрософт со тоа истовремено ќе ги реши полемиките поврзани за активностите на ТикТок кои се водат од неодамна во Вашингтон и ќе ја зајакне својата позиција во потрошувачката технологија, оценуваат медиумите.
Ова соопштение следеше два дена откако светските медиуми известија дека Мајкрософт е заинтересиран за купување на апликацијата, која е сопственост на кинеска компанија.
Повеќе:
-Трамп сака да ја забрани ТикТок во САД
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се огласи набрзо по овие извештаи со изјава дека се противи на идејата Мајкрософт да го купи ТикТок и оти ќе преземе чекори за забрана на оваа апликација во земјата.
Двете компании преговараат за тоа Мајкрософт да го купи ТикТок во САД, Канада, Австралија и во Нов Зеланд, со можност американската компанија да им понуди и на други инвеститори во САД да се вклучат во аквизицијата, се напоменува во соопштението.
Се додава и дека главниот извршен директор на Мајкрософт, Стаја Надела, за тоа разговара и со Трамп.Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во неделата за Фокс Њуз изјави дека ТикТок и уште една популарна кинеска апликација ВиЧет, во сопственост на Тенцент, доставуваат податоци објавени на овие мрежи директно на Комунистичката партија на Кина.
Портпаролот на ТикТок го демантираше тоа, наведувајќи дека податоците на нивните американски корисници се чуваат во САД. Од Мајкрософт порачаа дека ќе обезбедат податоците за корисниците на ТикТок во САД да се чуваат исклучиво во земјата и оти податоците кои се чувани на некое друго место во светот ќе бидат избришани по преземањето.Мајкрософт во соопштението не ги откри условите за потенцијалниот договор со БајтДенс.