Забрана за ТикТок во Монтана
18 мај 2023Гувернерот на американската сојузна држава Монтана, Грег Џанфорте, потпиша закон кој треба да стапи на сила во 2024 година. Џанфорте на Твитер напиша дека со законот сака да ги заштити „личните и приватни податоци на жителите на Монтана од Кинеската комунистичка партија“. Монтана има нешто повеќе од милион жители.
Апликацијата веќе е забранета на телефоните на владините службеници
Според законот, ТикТок не смее да се користи во Монтана. Секогаш кога корисникот пристапува до ТикТок, кога му се нуди пристап до ТикТок или му се нуди можност за симнување на ТикТок, тоа е прекршување на законот. За секој прекршок се заканува парична казна од 10.000 долари дневно. Затоа, Епл и Гугл мора да го отстранат ТикТок од своите продавници за апликации.
Мрежата ТикТок, која е во сопственост на кинеската интернет групација Бајтденс, е под силен политички притисок во САД. Администрацијата на претседателот Џо Бајден веќе ја забрани апликацијата на телефоните на владините службеници. Тоа се прави поради загриженост дека кинеските власти и тајните служби преку ТикТок би можеле да собираат информации за Американците и да влијаат политички врз нив. На крајот на март, шефот на ТикТок, Шоу Зи Чу, мораше да одговара на прашања во американскиот Конгрес. Тој наиде на недоверба и отфрлање и кај републиканските и кај демократските пратеници.
ТикТок има повеќе од милијарда корисници
Се очекуваат тужби против забраната на ТикТок. Критичарите на забраната, меѓу другото, сметаат дека е загрозено правото на слобода на изразување. Постапките на властите во Монтана се сметаат за тест за можна забрана низ САД.
ТикТок има повеќе од милијарда корисници во светот и е најуспешната неамериканска онлајн платформа во западните земји. Компанијата ги отфрла сите сомнежи и нагласува дека не се гледа себеси како подружница на кинески концерн. Се потенцира дека 60 проценти од Бајтденс се во сопственост на западни инвеститори, а компанијата е со седиште на Кајманските Острови на Карибите. Критичарите контрираат со тоа дека кинеските основачи имале 20 отсто од контролата благодарение на повисоките гласачки права и дека Бајтденс има голема централа во Пекинг.